1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Доналд Трамп е избран за претседател на САД

СН /дпа,афп,ртр
9 ноември 2016

Републиканскиот кандидат Доналд Трамп ќе биде 45. американски претседател откако извојува победа над кандидатката на демократите, Хилари Клинтон.

https://p.dw.com/p/2SOQV
US-Präsidentschaftswahl 2016 - Sieg & Rede Donald Trump
Фотографија: Getty Images/C. Somodevilla

САД го добија својот 45. претседател. Доналд Трамп извојува  убедлива победа на претседателските избори против Хилари Клинтон, која во телефонски разговор му ја честита победата.

„Време е Америка да ги залечи раните и поделбите да бидат надминати“. Ние сме обединет народ“, рече Трамп во славеничкото обраќање до неговите приврзеници во изборниот штаб во Њујорк.

Во 8 часот и 47 минути по локално време, Трамп со своето семејство и соработниците излезе пред воодушевените приврзаници.
Во неговите први зборови тој објави дека зборувал телефонски со Хилари Клинтон, која како што кажа му ја честитала победата. „ Хилари Клинтон ни честита нам. Станува збор за нас. Хилари долго работеше за нашата земја и и должиме благодарност. Тоа го мислам многу сериозно“, истакна Трамп дополнувајќи дека сега е време за надминување на поделбите во земјата.

Еуфорија во изборниот штаб на Трамп


Трамп во обраќањето порача дека секој Американец и секоја Американка ќе добијат шанса да го остварат својот сон и потенцијал“. Новоизбраниот претседател најави вложувања во инфраструктурата, обнова на земјата и ги охрабри Американците да имаат „храбри соништа“.

Новиот претседател имаше и порака за светската јавност која истотака со големо нетрпение ги исчекуваше резултатите од претседателските избори во САД. 

„Ќе се согласуваме со сите држави кои сакаат да се согласат со нас. сакам да му порачам на светот дека иако секогаш ќе ги ставаме сопствените интереси на прво место, ќе ги уважуваме интересите буквално на сите. Ќе бараме партнерства а не судири“, рече Трамп во говорот, кој нималку не наликуваше на оние кои ги држеше во предизборната кампања. 

Тој му се заблагодари на неговото семејство за поддршката во политичката битка. „Предизборната кампања е додуша завршена, но работата за движењето кое го создадовме почнува дури сега. Се надевам дека луѓето ќе бидат горди на својот претседател“ , истакна Трамп на крајот на своето обраќање. 

Со победата на Трамп над Хилари Клинтон, воедно завршува и осумгодишната доминација на демократите во Белата Куќа. Трамп според прогнозите успеа да освои 276 електорски гласови, што значи шест повеќе од неопходните 270. 

Infografik US-Wahl 2016 Mazedonisch