1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев: Решението е Република Северна Македонија

ЕМФ /агенции
12 јуни 2018

Македонскиот премиер Зоран Заев попладнево на прес-конференција сопшти дека е постигнато решение за името. Тој ги повика на граѓаните на референдум наесен да ја „зграпчат шансата“.

https://p.dw.com/p/2zPe3
Der mazedonische Ministerpräsident Zoran Zaev mit seinem griechischen Kollegen, Alexis Tsipras in Sofia
Фотографија: DW/B. Georgievski

Името за кое е постигнат договор е Република Северна Македонија (на англиски: Republic of North Macedonia).

На прес-конференцијата во Скопје македонскиот премиер Заев попладнево оцени дека е постигнато „достоинствено и историско решение“ за името – Република Северна Македонија со превод на сите јазици, за севкупна употреба, кое ќе се прецизира со амандман во Уставот.

„Националноста е македонска / граѓани на Република Северна Македонија. Со решението го јакнеме идентитетот македонски. Македонскиот јазик и народ ќе бидат заштитени и зајакнати еднаш и засекогаш. Нема веќе ФИРОМ, нема веќе договори во кои се избегнува македонскиот јазик. Свои сме на своето и конечно тоа е признато од сите наши соседи. Ќе се зајакне културниот идентитет, нашата придобивка е огромна, ветува стабилна и просперитетна иднина на нашите граѓани“, рече Заев на средбата со новинарите.

Според него, договорот ќе биде презентиран пред сите релеватни фактори во државата. За наесен, како што кажа Заев, е планиран референдум, на кој граѓаните ќе се изјаснат за договореното.

„Граѓаните треба да излезат на референдум и тој да биде успешен. Граѓаните ќе ја донесат одлуката, а јас јасно го соопштувам мојот став и праќам апел граѓаните да ја зграпчат оваа шанса“, порача премиерот на прес-конференција во Владата.

Доколу референдумот биде успешен, како што рече Заев, ќе следуваат уставни измени, по што грчкиот парламент би требало да го ратификува и договорот за името и протоколот за полноправно членство на Македонија во НАТО. Доколку Грција не го ратификува договорот, постапката за преговорите се враќа на почеток.

Клучот за европската перспектива на земјата, нагласи Заев, е во рацете на македонските граѓани:

„Се осмеливме затоа што не ни беше сеедно, не сакаме порази, туку победи. Се определивме за иднина, за тоа имаме успех, имаме историско вековно решение. Решавајќи го спорот градиме пријателство меѓу двете земји и двата народа, кое никогаш не било поголемо...Решаваме спор за да ја извлечеме земјата од стегите на изолација“, рече Заев.

Mazedonien Skopje
Референдум во Македонија ќе се одржи наесен, рече ЗаевФотографија: DW/F. Schmitz

Ципрас: Договорот е добар

Грчкиот премиер Алексис Ципрас попладнево го информирал грчкиот претседател Прокопис Павлопулос за постигнатиот договор за името. Тој е уверен дека договорот е добар и дека ги задoвoлува условите на Грција. 

„Имаме договор, имаме сложено име со географска одредница за сите намени. Нашите соседи ја преземаа обврската за уставна ревизија која предвидува промена на нивното уставно име. Најважната работа е дека во Уставот се менуваат и елементите кои што предизвикуваа недоразбирања и што е особено важно овој договор се гарантира културното богатство и наследство на грчка Македонија... Договорот ќе влезе во сила и ќе биде ратификуван од грчкиот парламент откако другата страна ќе ги исполни своите основни обврски, особено уставната ревизија.“ 

Грчкиот премиер на Павлопулос му рекол дека ќе ги информира и лидерите на политичките партии и ќе го контактира претседателот на парламентот за тој да може да свика седница на која ќе биде разгледан документот. 

Повеќе: Република Северна Македонија со македонски јазик и македонски идентитет

Крај за антиквизацијата: Прво името, потоа и учебниците

Нимиц со честитки до Заев и Ципрас

Посредникот на Обединетите нации во разговорите за името меѓу Македонија и Грција Метју Нимиц во пишана изјава наведе дека му било чест да посредува меѓу двете земји и го поздрави договорот што го постигнаа премиерите на двете земји Зоран Заев и Алексис Ципрас.

„Би сакал да им честитам за успешното завршување на преговорите за разликите кои постоеја мегу нив. Не се сомневам дека договорот ќе доведе до зајакнување на односите мегу двете соседни земји, а особено мегу нивните граѓани.“

Нимиц изразува благодарност и до генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, како и до својот претходник на местото посредник во разговорите за името Сајрус Венс, но пред се’ им честита на шефовите на дипломатии Димитров и Коѕијас „кои демонстрираа лидерство, визија и решеност во преговорачкиот процес и не се откажаа од напорите да се најде заеднички корисно решение за нивните нации и за целиот регион“.