1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На теророт му нема крај

Барбара Везел
23 март 2017

Нападот во Лондон се случи на годишнината од терористичките напади во Брисел. Страшното повторување покажува дека теророт ќе остане дел од нашиот живот, оценува Барбара Везел.

https://p.dw.com/p/2Zowv
Großbritannien London
Фотографија: Reuters/E. Keogh

Од ужасниот напад во Ница минатото лето се чини како да постои нов вид терористички напади во Европа: радикализирани поединци убиваат со помош на наједноставни средства - често со товарни возила и ножеви. Настана еден вид „Low-Tech“-терор, за кој не се потребни нити составувачи на бомби, ни експлозив, ниту пак автоматско оружје.

И, тие ја погаѓаат својата цел со сигурност - затоа што се работи само за бројот на загинати. Идентитетот на жртвите не е важен, па дури и да се муслимани, како во Ница и Брисел. Значи, не станува збор дури ни за убиство на „неверници“, туку се работи само за убиства само за себе.

Приказната за „запоставените“

Од почетокот на новата серија напади пред две години во Франција, се трага по мотивите на напаѓачите. Долго време во оптек беше „моделот на социјалните работници“, па се велеше дека дискриминацијата и економската запоставеност се причини за теороризам. Нема сомневање дека француските предградија се запоставени, дека во Бирмингем - местото каде што се претпоставува дека живеел напаѓачот во Лондон - владеат сиромаштија и неправда. Но тоа го има насекаде во светот, без притоа луѓето да си ги убиваат соседите.

Новите сознанија за причините укажуваат на една поинаква шема: напаѓачите се ситни криминалци кои се во потрага по смислата на животот. Тие сакаат да му дадат ужасен сјај на својот промашен живот со тоа што ќе се профилираат како масовни убијци. А, кога сето тоа ќе се поврзе со навидум повисока цел, „света војна“ или „честа“ на Алах, тогаш овие пропаднати луѓе веруваат дека си обезбедиле идентитет.

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*
Барбара Везел

На ниеден бог не му се потребни убиства

Дали овие злодела имаат некаква врска со исламот? Масакрирањето невини луѓе, без сомневање, е перверзно толкување на муслиманското учење. А масата мирољубиви верници решително одбива да биде поврзувана со такво нешто на каков било начин. Но, работите не се толку едноставни. Во таа религија има тежнеења кон смртоносно секташтво, на пример меѓу сунитите и шиитите, кое политички се инструментализира и религиозно се оправдува.

Постојат ненадминати аспекти во исламот кои му стојат на пат на мирољубивиот соживот во светот. Дали сега е потребна модернизација на таа вера, како што предлагаат едни, или едноставно - раздвојување од убиствените погрешни патишта и нивните протагонисти? Тоа мора да го одлучат самите верници. Христијаните веќе не одат во крстоносни војни, па и муслиманите би требало да го протераат од своето наследство верски обоеното убивање. Имено, на ниеден бог не му се потребни убиства.

Не постои безбедност

Полицијата и безбедносните сили во изминатите две години сѐ подобро ја извршуваа својата рбаота. Во Велика Британија дури беа горди на тоа до која мерка ефикасно беа надгледувани исламистичките групи. Исто така, во Франција и Белгија денес има добра соработка, па можеа да бидат откриени различни терористички групи. Профилите на извршителите сега покажуваат дека во прашање се исфрустрирани криминалци, кои се радикализирале речиси незабележано. Во нивната глава не може да влезе ниту една контрола, па ризикот ќе остане сѐ додека перфидната идеологија на „Исламска држава“ пронаоѓа следбеници. А воена победа над бандите убијци на Блискиот Исток би можела привремено да го заостри проблемот.

Градоначалникот на Лондон, Садик Кан, по нападот рече дека не смее да се дозволи поделба меѓу христијаните, евреите, муслиманите, сиките и хиндусите. На омразата и желбата за убивање можеме да им го спротивставиме само нашиот толерантен животен стил и нашата граѓанска храброст. Најсилен сигнал против теророт насекаде е продолжување на живеењето без страв. Тоа не значи дека извршителите не би требало да бидат гонети немилосрдно и да бидат презрени од длабочината на срцето. При сета тага и сочувство со жртвите - на извршителите не би смееле да им ја подариме победата над нашата либералност.