1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од Шуто Оризари до Германија и назад

Костадин Делимитов
16 ноември 2017

Сонот за „ветениот Запад“ ја испразни единствената ромска општина во Европа. Азилот за Ромите значеше надеж, но за многумина донесе разочарување.

https://p.dw.com/p/2nj6Y
Roma Familie in Skopje Mazedonien
Фотографија: picture-alliance/dpa

Главна причина поради која Ромите од Шуто Оризари заминуваат на Запад е безработицата. Дел од нив одат во потрага по работа, а дел си ја пробаат среќата како - азиланти. Над 10.000 Роми во изминатите неколку години побарале азил во Германија или во други земји од ЕУ. Исак Сулејман е еден од нив:

„Бев азилант во Германија два месеца, но видов дека животот таму е скап и нема многу можности, тоа е проблемот. Отидовме и потоа сами доброволно се вративме дома."

Исак е популарен локален боксер, сопруг и татко на две деца. Сега е вработен и не ни помислува за повторно заминување:

„Не, отидов еднаш, видов како е и не сакам повторно да заминам. Затоа што таму ги потрошив и сите пари што сум ги собирал за да заминам. Затоа веќе не сакам ниту да слушнам за таму.“

Да се живее во Шуто Оризари во 21. век е тешко-невработеноста е главен проблем. Жителите велат дека младите би останале, но само ако имаат егзистенција.

Од Шуто Оризари до Германија и назад

90% од Ромите бегаат како азиланти во Германија поради економската криза. Затоа што се невработени. Во цела Македонија се вработени само 5% од Ромите. Затоа апелирам до сите политичари, да ги вработуваат младите, затоа што младите се државата,"  вели еден жител на Шуто Оризари.

Министрите Роми во Владата ветуваа многу, но правеа малку. Новата стратегија треба да донесе промена на состојбите. Министерот  Самка Ибраимоски потенцира:

„Едно четиричлено семејство сега ќе добива по 12 илјади денари. Тоа е една од мерките, што сметаме дека не значи дека сакаме да ги направиме паразити Ромите. Но, со тој концепт сметаме дека државата повеќе ќе се заинтересира да ги вработи, за да не ги дава тие пари и да има напредок во делот на вработувањето".

Официјално, Шуто Оризари брои 50 илјади Роми. Неофицијално, во оваа општина, која е само на 4 километри од центарот на Скопје, живеат двојно повеќе Роми.