1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пропусти на возрасните во анкети за малите

9 ноември 2017

Има анкети и „анкети“. Случајот во Гевгелија го отвори прашањето за начинот на кој се подготвуваат прашања, нивната адаптираност на возраста на испитаниците ако се малолетни, но и за контролата од надлежните институции.

https://p.dw.com/p/2nKPm
Flüchtlinge an der griechisch-mazedonischen Grenze
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

Анкетните прашања мора да бидат стручно подготвени и адаптирани на возраста на испитаниците, особено ако станува збор за малолетни лица, а нивното спроведување да биде одобрено од надлежните институции, предупредуваат психолози и истражувачи на јавното мислење, по гевгелискиот случај кој остана во сенка на „високата политика“.

„Дали имаш нешто против доколку припадник на одредена нација (Сирија, Авганистан, Ирак, Иран) дојде во твојата земја како посетител / да живее во постојано во твојата зграда или соседство / да оди со тебе во училиште / да ти биде пријател / да стане член на твоето семејство.... Ова се дел од прашањата што деновиве ги добиле ученици од петто и шесто одделение од ОУ „Владо Кантарџиев“ во Гевгелија, за да ги одговорат со помош на нивните родители. Анкетата била дел од поголем проект, чиј носител било Здружението на правници, а во проектот соработувале фондации и локални институции - Центарот за социјална работа. Откако директорката на училиштето тврдеше дека анкетата била анонимна, незадолжителна и приспособена на детската возраст, психолози прашаа: ако е соодветна за детската возраст, тогаш зошто требало да одговараат на прашањата со помош на родителите?

По реакциите во јавноста, градоначалникот на Гевгелија, Сашо Поцков, ги известил директорите на сите училишта во општината дека пред да се дели каков било анкетен или промотивен материјал, тој треба да биде запознаен со содржината и од него да се бара согласност.

Symbolbild PISA-Studie
Tреба јасно да се знае за каква цел се бараат одговорите, но и зошто се анкетираат малолетни децаФотографија: picture-alliance/dpa

Чиј е одговорот - на детето или на родителите?

ДВ разговараше со претставници на повеќе агенции кои го истражуваат јавното мислење. Според нив, при вакво планирано одговарање на прашања со туѓа помош, тешко да се одреди границата до каде таа помош била само информативна (на пример, објаснување каде се наоѓа Сирија, каква е состојбата таму и зошто луѓето ја напуштаат земјата), а од каде е насочувачка и сугестивна. Според тоа, при ваков вид „анкетирање“ не може да се утврди дали одговорот го дал родителот или ученикот, со што целта на анкетата во старт е промашена, а добиените резултати целосно несигурни и неупотребливи за поставената истражувачка цел.

За најпроблематичен го сметаат начинот на кој се поставени прашањата. Ако во прашањето стои синтагмата „дали имате нешто против“, таа делумно ги „инспирира“ одговорите, сугерирајќи одреден проблем со евентуално доѓање на лица од тие земји. Второ, треба јасно да се знае за каква цел се бараат одговорите, но и зошто се анкетираат малолетни деца, кои на таа возраст немаат елементарно знаење ниту за посочените земји и состојби, ниту пак можат одлучуваат за прифат на бегалци, на евентуален референдум? Прашањето со мигрантите го посочуваат како многу комплексно, кое бара добро структуирани аспекти на истражување и возрасно релевантни испитаници на таа тема. 

Позитивен пример

Позитивни примери, секако има. Токму такво е истражувањето во рамките на проектот „Поттикнување на промена на стигматизирачки ставови“ кофинансиран од програмата „Еразмус +“ на ЕУ, спроведено во четири земји од Западен Балкан - Македонија, Црна Гора, БиХ и Србија и во четири членки на ЕУ - Унгарија, Германија, Италија и Белгија. Во истражувањето учествувал македонскиот Институт за демократија „Societas Civilis“. Според резултатите, стравот и предрасудите кон луѓето од исламска вероисповед се најголем извор настигматизација кон бегалците и мигрантитекај младите луѓе од осум европски земји, (четири од Западен Балкан и четири членки на ЕУ) кои одговориле на онлајн-анкетата за испитување на стигматизирачките ставови кај младите.

Symbolbild Kanada Attawapiskat
Младите на Балканот се помалку исламофобични отколку нивните врсници од ЕвропаФотографија: Reuters/C. Wattie

„Наодите покажуваат дека стравот и предрасудите кај младите луѓе се зголемуваат во најголем дел поради засилувањето на националните чувства и загриженоста поради тероризмот во светот. Ваквиот однос и чувства се поизразени кај младите кои живеат во рурални средини отколку кај оние од градски средини. Притоа, контактот со бегалците го намалува нивото на исламофобија и стигма на младите кон овие луѓе“, соопшти Институтот за демократија „Societas Civilis“.

Исламофобијата кај младите луѓе на вкупниот примерок на скала од 1 до 5 е оценета со средна оценка од 2.75.  Младите луѓе од Западен Балкан се помалку исламофобични отколку нивните врсници од Европа. Нивото на исламофобија кај младите луѓе во Западен Балкан е 2.5, а за младите луѓе од европските земји 2.9. Според истражувањето, просечното знаење за исламската религија е релативно ниско (на скала до 6 е 2.2), што може да укаже дека негативните ставови кон исламот се засноваат и на недоволна информираност. Податоците од истражувањето сугерираат дека лице со силно развиен однос со неговата национална група има 12% повисок степен на исламофобија отколку лице кое нема толку силен однос кон својот национален идентитет.

Стигма и политичка радикализација

На скала од 1 до 5, степенот на стигма кон имигрантите кај младите луѓе од ЕУ изнесува 2.76. Од нив 35% изјавиле дека никогаш немале контакт со имигрантите. Ова ниво кај младите луѓе од Западен Балкан е нешто пониско односно 2.65. Меѓутоа од испитаниците дури 67% изјавија дека не биле изложени на каков било контакт со имигрантите. Ова може да укаже на постоење и поголема изложеност на предрасуди и стереотипи кај младите луѓе од Балканот споредено со нивните врсници од Европа. Истражувањето укажува дека главната причина за негативни ставови кон имигрантите е негативната перцепција на исламската религија.

Symbolbild Gefängnis Verhaftung
Младите луѓе од земјите од Западен Балкан сметаат дека најголема безбедносна закана е организираниот криминалФотографија: picture-alliance/dpa/F. Kästle

Формалното образование игра клучна улога во намалувањето на нивото на исламофобија кај младите луѓе во Европа, додека за младите од Западен Балкан поголема улога има знаењето, односно специфичното знаење за исламската религија.

Во истражувањето се испитувала и политичката радикализација, односно тенденцијата на младите луѓе да се вклучат или да поддржат насилна акција со која ќе се постигне политичка цел. Шансата млада личност да поддржува екстремна политичка акција е повисока за 38% за младите луѓе кои се крајно исламофобични. Младите луѓе во Западна Европа имаат поголема веројатност да поддржат насилни протести, додека младите луѓе од Западен Балкан обично се склони кон „нарушување на редот“.

Младите луѓе од земјите од Западен Балкан сметаат дека најголема безбедносна закана е организираниот криминал (4.41 на скала од 1 до 5). На второ место, како закана за безбедноста, младите гледаат во тероризмот, иако тоа е позагрижувачко за младите луѓе од ЕУ (3.74) споредено со младите од Западен Балкан (3.42).На трето место е имиграцијата,која повеќе ги загрижува младите луѓе од ЕУ (3.29) отколку младите од Западен Блакан (3).