1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп ја одмина Базиликата на Исусовото раѓање

Мириам Даган
23 мај 2017

Доналд Трамп се сретна со претседателот на Палестинците Махмуд Абас во Витлеем, на што се горди бројни Палестинци. Но, американскиот претседател не ја посети Базиликата на Исусовото раѓање. Провокација?

https://p.dw.com/p/2dRwE
USA Trump Besuch in Bethlehem
Фотографија: Reuters/J. Ernst

Разочарување во Витлеем: Трамп беше овде, но многумина Палестинци неговата посета ја сметаат за премногу кратка и чисто симболична. „Овде остана само 15 минути, а во Саудиска Арабија беше три дена! Затоа што таму се парите“, вели сопственикот на еден ресторан во близина на седиштето на Абас, каде се одржа средбата. А тоа се наоѓа на улицата која води кон Базиликата Раѓањето на Исус. 

Лентите од хоризонталната сообраќајна сигнализација се белеат - вчера беа пресно офарбани. Американскиот претседател планирал да помине по улицата, но најавената посета на црквата „Исусовото раѓање“ сепак не се одржа. „За Трамп ги светнуваат улиците, за нас тоа никогаш не би го направиле“, се револтира сопственикот на ресторан.

Разочараност поради краткиот престој на Трамп

Многумина жители на Витлеем го оценуваат за провокација тоа штоТрамп го посети Ѕидот на плачот, но не и Базиликата на Исусовото раѓање. Во градот живее мнозинско муслиманско население, христијанското малцинство достигнува само до 30 проценти, но сите очекуваа дека Трамп ќе ја посети познатата црква.

Дека актуелниот американски претседател ќе посредува или ќе успее да востанови мир, овде речиси никој не верува. „Трамп ништо нема да промени, сите американски претседатели се исти“, убеден е Калед Ахмад, сопственик на продавница за сувенири. Еден друг продавач му се придружува во мислењето: „Американците го поддржуваат Израел, а не нас.“ Палестински новинар, кој не сака да му се наведува името, смета дека Трамп не разговара доволно самиот со Палестинците: „Тој сака да ги вклучи арапските соседи, но тоа не е добро за нас. Останатите конфликти во овој регион немаат врска со нас. Немам воопшто никакви надежи.“

USA Donald Trump PK mit Mahmoud Abbas in Bethlehem
Доналд Трамп и Махмуд АбасФотографија: Reuters/M. Torokman

Голем број Палестинци го критикува Трамп за пристрасност

Според експертот за Блиски Исток од израелската телевизија и24, Мохамад Алкасим, Палестинците се поделени во ставот кон Трамп: „Тоа што Трамп отиде на Ѕидот на плачот, предизвика негативно изненадување кај многумина, но сепак кај некои владее воздржан оптимизам. Самиот факт што Трамп дојде овде, имплицира признавање на суверенитетот на Палестинците на Западниот Брег од негова страна. “ Хамас има поинакво гледиште. Портпаролот на организацијата, во одговор на говорот на Трамп во Ријад, во кој американскиот претседател ја нарече Хамас терористичка организација, истакнува: „Тоа покажува дека Американците држат страна во полза на ционистичките окупатори.“

Отрезнувачкото расположение меѓу жителите на Витлеем се огледа и во изгледот на улиците. Градот речиси е неукрасен, овде речиси нема американски знамиња како во Ерусалим. Само еден голем плакат за добредојде е закачен на пристапната улица. На него е пораката: „Градот на мирот го поздравува човекот на мирот“, што е блиску до цинизам. Сообраќајницата која води од Ерусалим кон Витлеем, на влезот во градот е чувана со оружје. На секои неколку десетици метри во Витлеем стојат тешко вооружени палестински полицајци, на повеќе пунктови се врши контрола на минувачките возила. Палестинската автономна власт ангажираше околу 2.000 војници за обезбедување за време на посетата на гостинот од САД.

Штрајк со глад заради подобри затворски услови

Некои жители на Витлеем шпекулираат дека Трамп не сакал да ја посети Базиликата на Исусовото раѓање, зашто оттаму не би произглегле добри слики. Имено, во знак на солидарност со палестинските затвореници во Израел, пред црквата се одржува протест со плакати и една голема кукла во кафез. Стигнаа стотина демонстранти, меѓу кои и жени и мајки на затворениците, барајќи подобрување на правилата за посета во затворите и поголем број дозволени телефонски разговори со затворениците. „Мажот ми е во израелски затвор веќе 24 години. Израелците велат дека е терорист, а тој само фрлаше со камења“, вели Самира Салахат.

Во понеделникот палестинската комисија надлежна за условите во затворите во знак на солидарност со затворениците повика на генерален штрајк. За денеска пак прогласи „ден на гневот“, за американскиот претседател Трамп да го чуе „гласот на затворениците“. Дали Абас на Трамп му го предал писмото од семејствата на затворениците, останува без одговор.