1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расизам на Балканот: Ментално се уште во основно училиште

Мат Форд
28 март 2019

Англиските фудбалери Дени Роуз, Рахим Стерлинг и Калум Хадсон-Одој се последните жртви на расизмот во балканскиот фудбал. Но властите во регионот се уште се мачат воопшто да го прифатат проблемот.

https://p.dw.com/p/3Fn9w
EM Quali Montenegro - England
Фотографија: picture-alliance/SOLO Syndication/A. Hooper

Дени Роуз и Рахим Стерлинг веќе го имаа слушнато сето тоа. Во октомври 2012, Роуз мораше да издржи малтретирање со мајмунски извици за време на дуелот на репрезентациите до 21 година во Крушевац, пред да добие црвен картон поради шутирање на топката во трибините од бес. Стерлин, пак, влезе од клупата на тој меч и имаше само 17 години.
Во понеделникот вечерта во Подгорица, главниот град на Црна Гора, двајцата фудбалери открија дека многу малку се променило во регионот во изминатите 6 години, и повторно мораа да трпат расистички испади насочени кон нив и кон нивниот соиграч Хадсон-Одој, во победата на Англија од 5:1.
„Срамота е да дојдеш некаде каде постојано те потсетуваат каква боја ти е кожата или на што им личиш“, рече Стерлинг по мечот. „Јас знам каква боја на кожа имам, но срамота е што некои луѓе мислат дека е забавно да се потсмеваат со тоа“.

Расизмот е „нормален“

Од распадот на поранешна Југославија, расизмот на Балканот стана вообичаен. Неколку месеци пред искуството на Роуз и Стерлинг како тинејџери, хрватските навивачи фрлаа банани кон италијанскиот репрезентативец Марио Балотели на Европското првенство во Полска.
Во 2017, Евертон Луиз од Партизан го напушти теренот во солзи откако 90 минути беше навредуван од навивачите на Рад. Тренерот на Партизан, Марко Николиќ по мечот рече дека тоа било „толку нормално во српскиот фудбал“. Но таквите признанија се реткост.
Пречесто, навивачите, тренерите, полицијата и политичарите низ целиот регион замижуваат пред расизмот, го минимизираат или негираат неговото постоење, како што сторија и претставниците на црногорскиот фудбалски сојуз по инцидентот во понеделникот.

Rassistischer Missbrauch gegen Mittelfeldspieler Everton Luiz
Евертон во солзи го напушта теренот по расистичките навреди во 2017 годинаФотографија: Getty Images/AFP/STR

„Тие не сфаќаат како можат да бидат обвинети за расизам кога речиси и да нема други раси во нивното општество. Тие не можат да го прифатат тоа“, објаснува Дамир Пилиќ, поранешен „ултрас“ на Хајдук од Сплит. „Доколку губат против посилен тим, тие во тоа гледаат инструмент за понижување на противникот кој ги понижил нив. Но, доколку ги прашате по мечот дали се расисти, тие го негираат тоа“.
„Од западна перспектива, тоа е парадокс. Но кога се работи за расизмот, многу луѓе на Балканот се уште ментално се во основно училиште. Ние речиси и да немаме црни луѓе во регионот. Тие не ги сфаќаат пошироките последици на таквото однесување“.

Национализам на Балканот

Пилиќ, кој сега пишува за хрватскиот и балканскиот фудбал откако повеќе не можел да ги толерира фашистичките тенденции меѓу ултрасите на „Торцида“, смета дека расистичките инциденти се продолжение на национализмот во регионот, а црните играчи едноставно се додаваат на листата на „другите“ кои вообичаено се од различна етничка група.
„Нациолизмот е се уште голем проблем низ поранешна Југославија. Често ќе чуете навредливи песни за некој играч само затоа што е Србин, Хрват или Босанец, доколку не и припаѓа на националноста на навивачите. Но нема многу расизам во секојдневниот живот затоа што едноставно нема луѓе од други раси“.

EM-Qualifikationsspiel Montenegro - England | Raheem Sterling, England
Рахим Стерлин им одговара на навивачите по расистичките навреди кои му ги поделијаФотографија: picture-alliance/dpa/MB Media Solutions Ltd.

Лудило кое нема крај

Ни загрепскиот новинар Игор Ласиќ не бил изненаден од случувањата во Подгорица, објаснувајќи дека навивачите во црните англиски фудбалери гледале „привремени цели“ врз кои можат да ги истурат своите фрустрации од социјалните проблеми, последиците од војните и економската криза.
„Често се тоа млади луѓе без работа кои се изманипулирани од националистички политички партии. Тоа е многу специфична ситуација. Во 1980-те, тоа беше маргинален проблем. Но по војната, тој ескалираше во лудилото кое го имаме денес“, вели Ласиќ.
Поранешниот ултрас Пилиќ вели дека во Хрватска се во тек напори да се воведе подобра граѓанска едукација во училиштата, но либералните партии се соочуваат со жесток отпор од владата и црквата.
„Севкупното однесување во општеството мора да се промени“, вели тој. „Мораме да се оддалечиме од национализмот во Србија, Хрватска, Босна и Црна Гора. Но тој е толку длабоко вграден во нашата култура од распадот на Југославија, па не сум оптимист“.

#DE_facto:Парични и затворски казни за расизам на трибините