1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Себастијан Курц и трите мајмуни

Барбара Везел
23 мај 2019

Канцеларот Курц веројатно ќе ја преживее политичката криза. Можеби, на крајот, дури и ќе профитира од неа. Но, тој од десните радикали направи етаблирана партија и на тој начин ѝ наштети на Австрија, смета Барбара Везел

https://p.dw.com/p/3IwCX
Die drei Affen
Фотографија: imago/imagebroker

Претседателот Александер Ван дер Белен речиси очајно апелира на добрата волја на неговите сограѓани: „Ве молам: Не ѝ го вртете грбот на политиката од згрозеност!“ Но храбриот демократ на највисоката функција не може да ги избрише трагите кои во австриското општество ги остави коалициската влада на конзервативците и десните популисти.

Во кусиот период на владеењето на коалицијата, канцеларот Курц се држеше до мотото на трите мајмуни: ништо не слушам, ништо не гледам, ништо не зборувам. Тој им дозволи на десните популисти да прават што сакаат и да подготвуваат преземање на власта. Во тоа особено предничеше министерот за внатрешни работи Херберт Кикл.

Министерот го уништи делот од тајната служба кој беше задолжен за истражување на однесувањето на десните екстремисти. Соседните земји ја прекинаа соработката, а довербата беше загубена. Курц гледаше настрана. Кикл ги претвори приемните центри во центри за излез на барателите на азил и прогласи дека луѓето треба таму да се „концентрираат“. Цитат од „Лексиконот на нелуѓето“, кој, како и другите негови претерувања, не беа случајност, туку намера. А Курц не рече ништо.

Како по книга, десниот популист во министерството за внатрешни работи го градеше своето влијание врз полицијата, тајната служба и војската. Дури и на последниот ден на функцијата, со невидена дрскост, тој именуваше свој пријател за шеф на безбедноста. Пучот го спречи шефот на државата. Канцеларот Курц не реагираше. Тој ги игнорираше злоупотребите на коалициските партнери, затоа што сметаше дека нарушувањето на правните норми е прифатлива цена за моќта.

Браната е пробиена

Само 18 месеци беа потребни за во Австрија нечуеното да стане прифатливо. Луѓето беа споредувани со стаорци, муслиманите навредувани и ставени под општ сомнеж, младината на ФПА (Слободарската партија на Австрија) објавуваше карикатури како од нацистичкото списание Штурмер. Од наци-симболи, преку говор налик на Третиот Рајх и негово величење - сето тоа повторно стана подносливо во Австрија на Себастијан Курц и неговите партнери од ФПА.

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*
Барбара Везел

Курц не изусти ништо ниту кога беа заплашувани медиумите и беше водена кампања против јавниот сервис ОРФ. Ако сакате повеќе да дознаете погледнете го само видеото од Ибица. Но канцеларот стана соучесник на десните популисти, кои сакаа Австрија да ја „орбанизираат“ по унгарски тертип и истовремено да го оживеат фашизмот.

За австриските десни популусти- како и за нивните европски пријатели- Русија е најголемиот идеал. Шефицата на дипломатијата Карин Кнајсл ја преживеа реконструкцијата само затоа што претседателот Путин на нејзината свадба со неа играше валцер. ФПА со години е во тесни врски со руската владејачка партија, а колку нејзините функционери сакаат да им се додворуваат на руските олигарси, стана јасно по видеото од Ибица.

Десните екстремисти се одушевуваат од претседателот Путин, затоа што сакаат да бидат како него: слободни од товарот на демократијата, апсолутна власт, господари на животот и смртта, тужители и судии, и најважно- неограничено богати. Моќта сама по себе веќе не е доволна.

Себастијан Курц важеше за голема надеж на австриската политика. Сега од него остана банален опортунист и безрбетник. Можеби и покрај сѐ, сѐ уште има политичка иднина. Но како и да биде: бојата падна.

„Австрија не е ваква“, вели претседателот Ван дер Белен речиси умилно. Но Австрија е таква, инаку анкетите пред скандалот немаше да покажуваат рејтинг од 26 проценти за ФПА. И ние другите сме такви: Италијанците дозволија да ги покори Салвини, во Франција Марин Ле Пен има најдобри изгледи, а во Германија досега ниту еден скандал не можеше да ја измести АфД. Не само Австрија, многу земји во Европа во моментов делуваат дека ги напуштиле моралот и разумот. Многумина би сакале згрозено да го свртат погледот, да не беше личната одговорност и стравот дека и ним може да им се случи „Курц“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи