1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шоу на Доналд и Биби

Карстен фон Намен
16 февруари 2017

Американскиот претседател Трамп и израелскиот премиер Нетанјаху демонстрираат единство и зборуваат за „ултимативен дил“, но очигледно немаат реалистички мировен план за Блискиот Исток, смета Карстен фон Намен.

https://p.dw.com/p/2XfGR
USA Israel | Benjamin Netanjahu bei Donald Trump in Washington
Фотографија: Reuters/K. Lamarque

Политиката секогаш во еден дел е и шоу-бизнис. Никакво чудо што американскиот претседател Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се опсипуваа меѓусебно со пријателски изјави и пофалби за лидерски способности на својата прва средба. 

Пораката беше: погледнете, ние сме двајца државници кои меѓусебно одлично се разбираат и заеднички можат да придвижат некои работи. Работи кои по годините на конфликт меѓу Нетанјаху и претходникот на Трамп, Барак Обама, отвораат ново, сјајно поглавје во американско-израелските односи. Работи кои ќе го ограничат режимот во Иран со неговите нуклеарни планови, ќе го победат исламскиот тероризам и дури можеби ќе му донесат мир на целиот Блиски Исток.

Очајнички се бараат позитивни вести

На двајцата политичари им се потребни позитивни новински наслови, на Трамп дури повеќе отколку на Нетанјаху: принудна оставка на советникот за безбедност по само 24 дена на должност, пресинг-прашања од медиумите и парламентот околу односот на тимот на Трамп со Русија, исмејување и презир поради дилетантските грешки во донесувањето на декретот за доселувањето, номиниран министер за труд кого претседателот мораше да го повлече, соочен со недоволна поддршка од сопствените редови да биде потврден на функцијата. Еден месец откако Доналд Трамп ја презеде претседателската должност, Белата Куќа е во кризен модус, иако претседателот самиот тоа никогаш не би го признал.

А Нетанјаху? Тој има свои проблеми. Радикалните елементи од неговата десноориентирана и ноторно нестабилна владина коалиција во Израел постојано бараат анексија на окупираниот Западен Брег, а жителите на доселеничките населби се разочарани што САД сепак не поддржува недозволена градба на населби на окупираните територии. Демонстратрираното единство со новиот американски претседател, со кого датира познанство уште од 1980-те години и двете семејства одржуваат пријателски врски, ја јакне позицијата на Нетанјаху во Израел: тој повторно може да се презентира како близок човек на големиот сојузник и со тоа како гарант на израелската безбедност.

von Nahmen Carsten Kommentarbild App
Карстен фон Намен

Мировна иницијатива како маневар за залажување

Значи, итно се потребни успеси или барем позитивни слики и можеби неколку доброзвучни визии за мир на Блискиот Исток. Во оваа категорија се вклопува идејата за нова преговарачка рунда, во која би биле вклучени не само Израел и Палестинците ( и САД), туку и некои арапски соседни држави како Јордан и Египет. 

Израелскиот премиер овие држави ги нарече „нашите нови арапски партнери“, со не сосема неосновано укажување дека раководствата на овие и други држави, како на пример Саудиска Арабија, барем подзаскриено, како поитна ја оценуваат заканата од исламските екстремисти, отколку нивното отфрлање на политиката на Израел во окупираните области.

Една или две држави?

Меѓутоа, проблемот е што овде сметката се прави без крчмарот. Зашто, широката јавност во арапскиот свет нема да прифати никави „регионални решенија“ кои одат на штета на Палестинците. Притоа, и авторитарните арапски властродржци мораат да водат сметка за ваквото расположение.

Слично важи и за втората идеја, изнесена на прес-конференцијата на Трамп и Нетанјаху - интересно, одржана пред нивните разговори: решението на конфликтот меѓу Израел и Палестинците не мора нужно да биде постоење на две држави, можно е решение со постоење на една држава. „Можам тоа да го замислам“, изјави Трамп, доколку тоа го прифаќаат Израел и Палестинците.

„Ултимативен дил“

Но како би изгледал овој „ултимативен дил“, како што го нарече Трамп? Една заедничка држава од Средоземното Море до Јордан? Тогаш Израел би го загубил својот еврејски идентитет. Враќање на ситуацијата од 1967. година, со Појасот Газа како дел од Египет и Западниот Брег како дел од Кралството Јордан? Или сепак со палестинска автономна управа без државност?

Сето тоа е нереалистично. А вистината е: ниту „Доналд“ ниту Бенјамин - „Биби“ Нетанјаху немаат реалистичен план за вистински мир на Блискиот Исток. Но, тоа и не е цел на демонстрацијата. Главно, фотографиите изгледаат добро и шоуто продолжува.