1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Љубчо Георгиевски: Промените ќе бидат тешки

16 мај 2017

Досегашната власт насекаде има свои структури - во МВР, бизнисот, судството, медиумите. Во таква ситуација промените нема да бидат ни брзи ни лесни, вели лидерот на ВМРО-НП и поранешен премиер, Љубчо Георгиевски

https://p.dw.com/p/2d1fQ
Mazedonien Ljubco Georgievski Präsident der VMRO-NP-Partei
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Поранешните сопартијци на Никола Груевски, а денес лидери на опонентски партии - Љубчо Георгиевски, Љубе Бошкоски и Стојанче Ангелов, од следната недела почнуваат активности за подготовка за локалните избори. Вчерашната средба на оваа лидерска тројка предизвика големо внимание, со оглед дека се одржа во време кога нивната поранешна партија ВМРО-ДПМНЕ е пред големи искушенија и потреба од внатрешни реформи, па многумина ја протолкуваа како почеток на офанзива за трансфер на членството кое е разочарано од Груевски - во редовите на коалицијата „ВМРО за Македонија“.

Лидерот на ВМРО-Народна партија, Љубчо Георгиевски, вели дека тоа не било нивна цел.

„Тоа беше средба на која го потврдивме функционирањето и опстојувањето на нашата заедничка коалиција 'ВМРО за Македонија', меѓу ВМРО-НП, Обединети за Македонија и Достоинство. Разговаравме за подготовките за наредните локални избори, кога и да се одржат тие. Сакавме да дадеме нов импулс во јавноста за претстојните активности. Ние остануваме носители на изворните идеи на ВМРО, јавноста и натаму ќе не препознава по тоа, а Коалицијата е отворена за сите што тие идеи ги почитуваат и ги поддржуваат“, вели лидерот на ВМРО-НП.    

Rohbauten an zentralem Platz von Skopje
Фотографија: DW/F. Hofmann

Правила на демократијата

Георгиевски не сака да ги коментира внатрешните состојби во ВМРО-ДПМНЕ, која се уште рефлектира партиска монолитност, но и голема затвореност, но како погрешни ги оценува нејзините чекори во изминатиот период.

„Не можам да сфатам што беше целта на ВМРО-ДПМНЕ. Откако ДУИ кажа дека не прифаќа коалиција со таа партија, понатаму не требаше да постојат никакви дилеми и илузии, бидејќи правилата на демократијата се јасни. ВМРО-ДПМНЕ требаше да ја прифати таа реалност и се ќе беше поинаку“, вели Георгиевски, алудирајќи на настаните што следеа потоа - од блокадата во парламентот, па се до „крвавиот четврток“.

Од луѓето кои биле во раководството на ВМРО-ДПМНЕ во времето кога Георгиевски бил лидер на таа партија, денес фигурираат двајца - Влатко Ѓорчев и Никола Груевски. Георгиевски вели дека е исклучително горд на однесувањето на неговиот поранешен сопартиец Влатко Ѓорчев, кој на 27-ми април лично се спротивстви на насилството, бранејќи ги пратениците од новото мнозинство од гневот на насилниците.

„Могу сум горд сум што Влатко Ѓорчев покажа таква високо хумана, човечка димензија. Тоа беше исклучително важно во тие критични моменти. Денес никој не може да го оспори фактот дека тој направи сѐ за да го смири гневот и да ги заштити колегите, без оглед од која партија се. За жал, тоа е редок пример. Дојдоа други времиња, други личности, некои луѓе што ги познавав се променија, но се променија и некои ставови. На пример, во 2003 година токму Влатко Ѓорчев ми зборуваше: 'Слушај, те сакам и многу те почитувам, ама странците се за Никола'. Денес гледам дека и тоа се сменило. Ставовите на странците не само што веќе не им се важни, туку во ВМРО-ДПМНЕ странците ги сметаат за главни непријатели“, споредува Георгиевски.

Промените нема да бидат лесни

Лидерот на ВМРО-НП очекува поголемо раздвижување на политичката сцена по изборот на нова влада - и во смисла на реформски зафати, но и во смисла на раздвижување на одредени кадровски корпуси поради незадоволство од лидерски и партиски политики. Не навлегува во проценка колкаво раздвижување од тој тип може да се случи во ВМРО-ДПМНЕ, но потенцира дека главните промени што ќе се случуваат на големата сцена - ќе бидат исправени пред многу предизвици.

Македонија сега е пред големи и тешки промени, чие спроведување нема да биде брзо и лесно ни по формирањето на владата. Трансферот на власта и сите промени што ќе следат потоа ќе бидат и бавни и многу тешки, бидејќи досегашната власт за сите изминати години насекаде има вкоренето свои структури - во МВР, во бизнисот, во администрацијата, во судството, во медиумите... Како може да очекувате брзи промени во таква ситуација?Видете ги само состојбите во судството. Колку многу време е потребно за да се спроведат подлабоки реформи само во судството? А во другите сфери? Затоа велам дека тоа ќе бидат бавни и тешки промени, идентични како после пад на комунизам во транзициска земја“, констатира Георгиевски.