1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Абас пречекан како херој

25 септември 2011

Илјадници Палестинци денеска во Рамала го слават претседателот Махмуд Абас како херој. Абас, пак, со изјави кои се оценуваат како уште еден удар за мировниот процес, поради тоа што почетокот на преговори е условен.

https://p.dw.com/p/12gAI
Фотографија: picture-alliance/dpa

Развеани знамиња и големи слики на Махмуд Абас во рацете - илјадници луѓе денеска (25.09) во Рамала го пречекаа претседателот на Палестинците, кој се врати од САД. Во кусото обраќање до присутните Абас изјави дека за да почнат нови мировни преговори, прво треба сосема да запре изградбата на еврејските доселенички населби.

Abbas Rede Ramallah
Абас сака преговори, но не какви билоФотографија: dapd

„Ние сакаме да ги постигнеме нашите права со мирни средства, преку преговори, но не преку какви било преговори“, изјави Абас. Тој бара и признавање на границите од 1967 година како основа за идната палестинска држава.

„Отидов во ОН носејќи ги со себе вашите надежи, соништа, желби, страдања, визии за иднината и итната потреба од независна палестинска држава“, рече Абас, додавајќи: „На светот му кажавме дека нема само арапска, туку има и палестинска пролет“.

Претседателот ги повика Палестинците да покажат национална гордост. „Одете со кренати глави затоа што сте Палестинци“, рече тој.

Абас во петокот (23.09) на генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун му го предаде барањето за признавање независна палестинска држава. За барањето треба да расправа Советот за безбедност, но САД веќе најавија дека ќе стават вето.

 

Автор: ЕМФ/дпа

Редактор: А. Трајковска