1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Авганистанци говорат македонски

Сашко Димевски11 април 2012

Али, Заби и Унија се само тројца од вкупно стотината Авганистанци, кои секојдневно работат во базата на НАТО во Кабул -„Ејчкју“, но се посебни затоа што солидно го зборуваат македонскиот јазик.

https://p.dw.com/p/14bNa
Фотографија: DW

Кога ќе се доближите до неговиот „шоп“ во таканаречениот „Кабул маркет“ во базата „Ејчкју“, над влезот ќе го видите македонското знаме, поради што оваа продавница на младиот 23-годишен Али е наречена „македонскиот Пи-екс“. Постојано насмеаниот Али продава текстил и обувки: дресови од НБА и НХЛ, но и со сите европски фудбалски ѕвезди, потоа патики, ранци, маици и друго. Кај него нема што нема, а и да нема - следниот ден ќе ти го обезбеди. Вели кај него нема оригинали, но се е прва копија, па затоа има постојани муштерии. Цените се навистина прифатливи, па од тие причини најбројни муштерии му се Македонците на кои постојано им дава екстра попусти.

Македонските војници го нарекле Али Шоп или Али од Шутка затоа што бизнисот го терал како на пазарот во оваа скопска населба.

„Македонците многу купуваат тука. Знам дека немаат многу пари, па затоа им давам поевтино. Купуваат многу подароци за дома“, вели Али, кој иако е толку млад веќе зборува седум јазици: урду, дари, пашту, македонски, англиски, француски, италијански.

Заби научил кумановци да зборуваат дари

Посебна приказна во оваа сторија е Заби Хајет, кој на времето работел како полицаец, а заради талибанците морал да ја напушти родната провинција на северот на Авганистан и веќе неколку години работи  во базата на НАТО во Кабул.

„Сега е мирно, нема големи проблеми. Порано беше опасно за што цел свет знае. Порано тука имаше талибанци, па муџахедини, па пред нив и руска војска, со која имаше голема војна. А, сега е добро. Посебно во Кабул провинцијата е многу мирно“, вели овој млад човек.

Заби ги чисти просториите на македонските војници и на командата на ИСАФ. Вели јазикот го научил многу лесно и дека за овие години успеал да научи неколку македонски војници да зборуваат на дари јазикот.

Zabi Hayet
Заби ХајетФотографија: DW

„Од 2006 година работам со македонските војници. Јас сум Паштун, но ги зборувам и пашту и дари јазикот. Мои добри пријатели од Куманово успеав да ги научам на дари јазикот и сега тие многу добро зборуваат авганистански“ објаснува Заби.

Она што изненадува кај овој млад човек е неговото познавање на историјата на Авганистан, и особено на Александар Македонски. Самиот ја почна приказната за 700.000 Калеши кои живеат во двомилионската провинција Нуристан. Провинцијата се граничи со Пакистан, каде од другата страна се наоѓаат селата на Хунзите. Во Нуристан, според него, живеат високи луѓе со бел тен, атипични за Авганистан, а ги нарекувале Калеши. Тие не се муслимани, туку повеќебожци, и не се мешаат со другите народи, вели Заби. Живеат примитивно, без никаква инфраструктура, само од сточарство и земјоделие. Тие, вели насмеано, се потомци на Александар Македонски.

Унија покрај македонскиот знае малку и албански

Третиот од оваа дружина е Унија Мохамед Есон или „професорот“, како што го викаат војниците, затоа што работел како учител во средно училиште, но заради малите плати решил да ја напушти професијата и да почне да чисти во базата.

И тој е полиглот со активно познавање на неколку јазици, а од македонските мировници почнал да го совладува и македонскиот и албанскиот јазик.

„Знам албански малку: мир брама, мир минџиси....но, македонски знам повеќе“, вели овој 40-годишник.

Во базата работат стотици локалци Авганистанци, а поголемиот дел од нив на разминување со македонските војници дофрлаат „Здраво брат, како си, што правиш“. И тоа се‘ во еден здив. Тоа, пак, говори дека мировниците од Македонија оставаат солиден печат на својот престој во оваа намачена и се’ уште многу опасна за живеење земја од југоисточна Азија.