1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Авганистан: граѓаните се за демократија, државата не

Флоријан Вајганд
22 октомври 2018

Авганистанските гласачи покажаа демократска одлучност гласајќи на парламентарните избори ризикувајќи ги своите животи. Државата и американската политика кон талибанците ја спречуваат демократијата, смета Флоријан Вајганд

https://p.dw.com/p/36vSn
Afghanistan Wahl 2018 in Herat
Фотографија: DW/S. Tanha

Можна ли е демократија во Авганистан? Апсолутно, судејќи според електоратот во земјата.
Медиумите јавуваа за долги колони гласачи пред гласачките места. Според официјалните резултати, повеќе од 3 милиони од вкупно 8,8 милиони регистрирани гласачи го дале својот глас во саботата- импресивна бројка со оглед на заканите со насилство од страна на талибанците и организацискиот хаос на изборите.
Младите, урбани гласачи беа особено заинтересирани за гласање, а не ја криеја својата одлучност ниту пред медиумите. Младите авганистански гласачи имаат мали, или никакви, сеќавања на владеењето на талибанците, и изразнаа во нестабилна, но дефинитивно демократска земја. Иако шансите дека ќе имаат збор во политиката остануваат мали, сепак тоа покажува дека демократијата функционира и дава надеж за иднината.

Некомпетентна власт

Но демократијата изгледа попроблематична кога се работи за авганистанските јавни службеници и безбедносните сили. Тие делуваа неспособни или немаа желба да обезбедат чисти избори. Тешко ќе биде да се пресмета колку Авганистанци беа спречени да гласаат поради организацискиот хаос. Навистина, третина од гласачките места во саботата останаа затворени. Една од најчестите причини беше што не функционираа биометриските идентификациски системи.
Властите потоа дозволија да продолжи гласањето и во неделата во уште 400 изборни региони. Гласачите во провинцијата Газни, беа спречени да гласаат воопшто. И не поради талибанците, туку затоа што авганистанските власти не успеаја да постигнат договор за границите на различните гласачки региони.
Истовремено, невозможно ќе биде да се пресмета колку луѓе апстинираа од гласање од страв од талибанците, кои презедоа најмалку 200 напади во саботата, убивајќи најмалку 36 луѓе и ранувајќи стотици. Околу 70 илјади војници и полицајци распоредени на гласачките места не успеаја да ги спечат нападите, вклучително и во главниот град Кабул.
Ниту пак успеаја да го спречат убиството на регионалниот шеф на полицијата во Кандахар два дена пред гласањето. Таму, гласањето е одложено до следната недела, откако безбедносната состојба малку ќе се смири. Безбедносните сили драматично потфрлија и тоа не зборува добро за иднината.

Weigand Florian Kommentarbild App
Флорија Вајганд
Afghanistan Parlamentswahl | Wahllokal in Kabul
Редици за гласање на изборите на гласачко место во КабулФотографија: Reuters/O. Sobhani

САД ги зајакнуваат талибанците

А што е со улогата со авганистанските сојузници- САД? Ни во тој поглед нештата не ветуваат многу. На 12 октомври, американскиот специјален советник во Авганистан, Залмај Калилзад се сретна со талибанците- без присуство на авганистанската влада. Американците се и тоа како свесни дека талибанците го уриваат патот кон демократска стабилизација на Авганистан. Но, сепак се расположени да го толерираат тоа во надеж дека ќе постигнат мировен договор и ќе ги повлечат своите трупи. Но, однесувањето на САД го кочи процесот на демократизација на земјата.
Народот во Авганистан покажа дека сака самиот да одлучува за својата политичка иднина- и покрај бројните пречки на патот. Сега останува уште многу работа за државата и нејзините сојузници пред претседателските избори во пролетта 2019 година.