1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Невозможна мисија: Авганистан

19 август 2021

Во некоја релативно блиска иднина, Америка, онаа старата, скромна во силата и широкограда во моќта, ќе се врати во Авганистан и ќе биде срдечно пречекана како партнер од доверба. Патот дотаму е долг. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/3z9Dp
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

1. Повлекувањето на САД од Авганистан беше долго одложуван, комплициран, болен и логичен епилог на една авантура во која не постоеше премногу заемна љубов. Авганистанците никогаш не ги прифатија Американците, а овие за возврат не можеа да ветат вечна верност. Секое понатамошно одлагање ќе беше само одолговлекување на агонијата до неминовниот, однапред познат крај. Искреноста на претседателот Бајден во нагласувањето на овој факт не треба да биде разбрана како бесчувствителност, туку искрено согледување на нештата во нивната болна реалност.

2. Самиот чин на повлекувањето на силите на САД е изведено на несфатливо аматерски, хаотичен и недостоинствен начин, кој долго ќе ја прогонува Америка и самиот Претседател. За да се разберат причините во позадината на таквиот дебакл, толку често споредуван со падот на Сајгон, вреди да се навратиме во блиското минато кое претходеше на повлекувањата на САД од Виетнам и Авганистан и симптоматичните сличности кои ги следат.

Падот на Сајгон се случи на 30 Април 1975, девет месеци по оставката на Ричард Никсон (автор на мировниот договор со Виетконг). Падот на Кабул се случи девет месеци по поразот на Доналд Трамп (автор на Доха-договорот за повлекување на трупите на САД) и победата на Џо Бајден. Во обата случаи, повлекувањето се одвиваше по неславните колапси на владите кои ги преговараа повлекувањата, расулото во администрацијата предизвикано од редицата оставки, прекинот на континуитетот во планирање и изведба, недоволно време за пополнување на испразнетите позиции и трауматичните искуства од Вотергејт и нападот на Конгресот во јануари годинава. Катастрофално лошо организираните повлекувања во обата примера се должи на дисрупцијата во континуумот на владеење, елиминацијата на институционалната меморија, фаталното потпирање врз кадри со минимално животно искуство, опседнатост со статистики и лабораториски анализи, влијание на надворешни консултанти без искуство на теренот. Тажните слики на „Чинук“ хеликоптери над амбасадите во Сајгон и Кабул се последица на потфрлањето на политиката, отуѓеноста на дипломатијата и дехуманизацијата на аналитиката.

Единствената светла точка во сета авганистанска дефанзива е улогата на армијата на САД и нејзината беспрекорна улога во спасување на она што можеше да се спаси од дилетантизмот на политиката. Навремените, гласни предупредувања и аларми на активниот и пензионираниот кадар на армијата, апелите да се вложат доплнителни и навремени напори за спасување на локално вработените соработници и ранливите категории, спремноста за интервенција во веќе паднатиот Кабул, се светлата точка на дамкосаното лице на Вашингтон. И притоа, потсетник за битноста на одвоеноста на војската од политиката, континуитетот во синџирот на одлучување и чувството на морална одговорност во моменти на напади под жесток огин. Во ерата на сеопшто славење на либерализмот, улогата и поведението на војската е редок, но насушно потребен пример на институционален конзервативизам базиран врз темелите на дисциплина, сериозност, пожртвуваност, одговорност и достоинство. Армијата не успеа да ја сочува честа на Вашингтон, но даде сѐ од себе за колку-толку да ја спаси моралната вертикала на Америка.

3. Талибанците се вратија. Физички, бидејќи талибанизмот и онака никогаш не замина, тлеејќи во пазувите на корупцијата, клиентелизмот и контролираната анархија наречена мирнодобие. Дали следи реприза на мачните, мрачни сцени од деведесеттите години, исполнети со садизам кон жените и децата, деспотство кон неистомилениците и терор кон светот? Историјата умее да се повторува, но не секогаш на ист начин и во идентична форма.

Првиот подем на талибанизмот се должи на воруженото востание на муџахедеините кон инвазијата на СССР, во чекор со идеолошкиот отпор кон безбожништвото на комунизмот, со поддршка од Западот на капитализмот и религиозните слободи. Постсоветскиот режим на талибанизмот беше забегано, примитивно, ужасно, брутално продолжение на војната, но со политички мерки и заостаната идеолошка премиса. Прашање е дали сегашниот бран на талибанизмот може да се мери со истите мерки или анализира низ истата призма. Наклонетоста на новите талибански емири на Авганистан кон комунистичката безбожна Кина, блискоста до диво капиталистичката Русија и фактот што договорот со САД е постигнат во време на владеењето на администрацијата на Трамп, со изразена евангелистичка поткрепа, упатува на внимателност во носењето избрзани заклучоци – во кој било правец. Дури и во ублажена форма, талибанизмот ќе остане јамка околу судбините на жените, младите, децата, креативните, образованите. Сновиденијата дека во Авганистан ќе заживее парламентаризмот сличен на Турција или Тунис треба да се замени со приземна, но реал-политичка задоволност доколку таа земја се моделира според автократијата во Туркменистан или Узбекистан.

4. Пропустот на Западот во односот, анализата и решението за талибанизмот лежи во нивниот третман како анархична група, како анахрона религиска специфика и антицивилизациска аномалија. Но доколку се осврнеме кон мотивите на единката талибанец во рамките на колективитетот, доколку ја изземеме религиската специфика и ја надминеме нивната аномаличност како исклучок, можеме да се соочиме со некои поинакви, и притоа многу поболни реалности кои допираат пошироко од очекуваното и подлабоко во суштината на совремието. Имено, талибанецот и талибанизмот се само исламистички сектор во рамките на глобалниот феномен на некрополитиката (necropolitics) како контрапункт на биомоќта (Bio-power) како носечки столб на политичката технологија на капитализмот за менаџирање на населението преку славење на животот. Некрополитиката, како спротивност на биомоќта (конципирана од Мишел Фуко) како термин и феномен на постоколонијализмот (промовиран од камерунскиот филозоф Акиле Мбембе) ја дефинира употребата на социјалната или политичката моќ во одредување на правото како и кој вреди да живее и како и кој заслужува да умира.

Други колумни од авторот:

Фетишот наречен Охридски рамковен договор

Караѓорѓево for dummies

Чудо во Скопје!

Дефиницијата на некрополитиката во сржта на талибанизмот е лесно прифатлива дефиниција и категоризација од страна на Западот поради одбојноста кон исламот. Она што е помалку популарно и сосема контрадикторно кон таквата поедноставеност е што истиот концепт на некрополитиката ќе го детектираме во не помалку од талибанците суровата некрополитика на нарко-мафијата во Централна и Јужна Америка и преплетот на глобалното и домородното, како што е култот на Santa Muerte во кој се допираат мексиканскиот неопаганизам и фолкерскиот католицизам. Онака како што талибанските водачи својата бизарна суровост ја кријат зад ликот на Саид Кутб, побожните нарко-мафиози ја хуманизираат сопствената суровост преку славење на Симон Боливар или Че Гевара. Патолошката, убиствена мизогинија на талибанците и фундаменталистите низ Азија, Блискиот Исток и Афрка е идентична на разуларениот фемицид во Ел Салвадор, Мексико, Хондурас.

Западот наивно верува дека неговата современост е доволна заштита од таквите дегенерирани исклучивости, насилно накалемени врз религиите. Таквата миопичност е системската дупка во Аврамовите религии, независно од географските дистанци, социјална прогресивност или образование на населението. Но повнимателното набљудување укажува дека некрополитиката е поблиску отколку што мислиме. Како што Џасбир Пуар укажува, нејзините симптоми може да се најдат во контрадикторниот однос кон правата на ЛГБТ и правата на Палестинците во Израел, во затворските системи на Африка, во славењето на смртта од страна на екстремните фракции при СПЦ, сѐ до епидемијата на антинауката, антиваксерството, антиинтелектуализмот и.т.н.

5. Неславното фијаско во Авганистан треба да ја принуди Америка да се соочи со сопствениот избор. Оценката дека „Авганистан е гробишта на империите” е во основа лажна, искривена, историски и фактографски неточна. Точната верзија е дека „Авганистан е гробишта на европските империи”, од времето на Александар, Обединетото Кралство, Советскиот Сојуз. САД се само последната европска империја згасната во подножјето на Кандахар. Падот на Кабул е последниот од низата порази на пост-Кенедиевата надворешна политика на САД конципирана според европското искуство, европската траума и европската традиција на Хенри Кисинџеровата матрица накалемена врз американската политика и вкоренетото поимање на светот како „опасност”. Америка треба да си го постави прашањето: зошто воените интервенции кои датираат пред времето на Кисинџер се или беа успешни (Западна Европа, Јапонија, Јужна Кореја, Монархијата Иран) за разлика од потфатите од времето на Кисинџер (Јужна Америка, Виетнам) или на неговите неоконзервативни следбеници (Ирак, Сирија, Либија, Либан, Авганистан, Исламската Република Иран).

Четириесет години по падот на Сајгон поради „стратегијата на Кисинџер”, во пристаништата на Виетнам беше пречекан ракетниот носач Нимиц, воениот заробеник МекКејн и претседателот Обама. Во некоја релативно блиска иднина, поблиска од онаа на Виетнам, Америка - онаа старата, автентична, скромна во силата и широкограда во моќта - секако ќе се врати во Авганистан и ќе биде срдечно пречекана како партнер од доверба. Патот до тоа враќање ќе биде долг. И започнат со некој мал чекор од Пенсилванија 1600.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач