1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Доста со лицемерието во Авганистан!

Васлат Хасрат-Назими
16 август 2021

Авганистан со години важи за наводно безбедна земја. Сега, кога талибанците повторно ја освоија земјата, на Западот има изненадени. Ова лицемерие мора да престане, коментира Васлат Хасрат-Назими.

https://p.dw.com/p/3z26j
Afghanistan | Taliban-Kämpfer
Фотографија: Sidiqullah Khan/AP/dpa/picture alliance

Откако се повлече најголемиот дел од американските трупи, сѐ се одвиваше многу брзо. Талибанците освојуваа провинција по провинција. Главните градови во провинциите паѓаа како домино коцки. Илјадници Авганистанци избегаа кон главниот град Кабул во надеж дека таму ќе пронајдат сигурно засолниште, но попусто. Во меѓувреме и Кабул е во рацете на талибанците.

На Западот делумно со зачуденост, делумно со загриженост гледаат како за само неколку дена Исламска Република Авганистан се претвора во исламски емират. Деновиве постојано добивам пораки со сочувство од познаници и колеги. Еден колега од арапската редакција на ДВ вели дека не може да објасни зошто, но длабоко го погодува ова што се случува таму.

Големата лага зад мисијата во Авганистан

Причината зошто многумина се шокирани е што почнуваат да сфаќаат дека воената интервенција на нивните влади од пред 20 години во Авганистан не била за заштита на човековите права, туку исклучиво од политички причини. Со оглед на тоа дека политичките интереси се променија и математиката на придобивки и трошоци веќе не им излегува, се решија што е можно побрзо да се повлечат. Сè беше една голема лага. Човекови права? Правата на жените? Демократија? Авганистанците треба сето ова да си го решат самите интерно, изјави неодамна американскиот претседател Џо Бајден. Тој не сака мисијата која се одвиваше во мандатите на четворица негови претходници да ја преземе и петтиот.

Waslat Hasrat-Nazimi
Васлат Хасрат-НазимиФотографија: Fahim Farooq

Во одбрана на човековите права

Што беше премолчено: САД во октомври 2001 година навлегоа во земјата само за да ги сотрат талибанците и Ал Каеда. На авганистанскиот народ пак му ветуваа дека ќе ја демократизираат земјата. Еден од главните аргументи за воената интервенција беше и заштитата на правата на авганистанските жени. Сега, дваесет години подоцна, е јасно дека никогаш не се работело за жените, ниту за демократијата. Сè било само празна реторика.

Истите жени, кои ги смируваа кога наводно премногу нападно се залагале за своите права и кои ги уверуваа дека демократијата и правната држава секогаш на крајот победуваат, сега се повторно вратени во мракот од пред 20 години. Изневерени и продадени. Многу активистки за женски права сега стравуваат за своите животи.

Дали „бегалците од економски побуди“ ќе станат „баратели на азил”?

Истата дволичност ја има и во политиката за азил на ЕУ и Германија. Долги години Авганистанци бегаат од својата родна грутка, а никој не презема таков потег лекомислено. Тие луѓе ја напуштаа татковината бидејќи безбедносната ситуација сѐ повеќе се влошуваше. Сето тоа се игнорираше. Авганистан беше оценуван како „безбедна“ земја. Многу бегалци беа враќани назад, некои пак само толерирани без да им се реши престојот. Илјадници Авганистанци живеат во недостојни услови во Грција, во Турција или на Балканот. Политичарите од ЕУ се противеа да признаат дека безбедносната состојба е очајна и дека интервенцијата е промашена.

Мора да се примат бегалците

Сега, кога е веќе предоцна, одеднаш се шокирани - политичарите, медиумите и академиците. А, земји како Германија сносат одговорност. Наместо со години да поддржуваат воени профитери и корумпирани политичари, требаше сериозно да се занимаваат со авганистанскиот народ и култура. Требаше да ги слушаат жените, наместо да ги смируваат. Наместо да прават војска, требаше со тамошниот народ заеднички да креираат перспектива. Како понатаму?Западните земји од меѓународната заедница мора најбрзо што може и на најнебирократски начин да им даде азил на авганистанските бегалци. Треба и конечно да ги примат оние кои чекајќи да им се реши статусот живеат делумно во мизерни услови во земјите на ЕУ. Истото важи за сите оние лица кои во следните месеци и години ќе дојдат од уништената земја која ја напушти Западот. Тоа е минимум што Европа им должи на луѓето во Авганистан.