1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Авионска катастрофа во јужна Франција, 150 загинати

Х.Беме/ З. Јордановски24 март 2015

Денешниот пад на Ербасот А 320 на компанијата Џерманвингс е една од најтешките авионски несреќи во Европа за подолг период. Минатата година беше најбезбедна во историјата на воздухопловството.

https://p.dw.com/p/1EwHa
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Vennenbernd

Авион на Џерманвингс, фирма-ќерка на Луфтханза, кој леташе од Барселона кон Диселдорф, се урна денеска на непристапен терен во јужна Франција. Во авионот се наоѓале 144 патници и шест членови на екипажот. Според официјални информации, нема преживеани. Причините за катастрофата не се познати.

Минатата година Меѓународната асоцијација за авио-транспорт (ИАТА) регистрира 12 смртоносни авионски несреќи со вкупно 641 жртва. Во периодот од 2009 до 2013 просекот беше 19 такви несреќи со 517 жртви годишно. Според ИАТА, лани имало една авионска несреќа на 4,4 милиони летови, односно квота од 0,23 несреќи на еден милион летови (наспроти 0,41 во 2013 година), што е најниска вредност во историјата на цивилното воздухопловство.

Germanwings 4U9525 Flugzeugabsturz Rettungsmannschaften vor Ort
Фотографија: Reuters/J.P. Pelissier

Трагедијата на Малејжн ерлајнс

„Иако темата за безбедноста во воздухопловниот сообраќај голем дел од годината беше на насловните страни на весниците, користењето авиони е безбедно“, рече Тони Тајлер, шеф на ИАТА, на 9 март во Хонгконг. По мистериозното исчезнување на авионот на Малејжн ерлајнс на летот МХ370, и авиоиндустријата е согласна дека мора да се подобри можноста за следење и детектирање на авионот.

Втората катастрофа на авион на истата компанија, на летот МХ17, не е земена предвид во извештајот на ИАТА, оти тука не станува збор за несреќа. Авионот беше соборен на истокот на Украина - од проруските бунтовници, според владата во Киев, додека Москва вината и’ ја префрла на Украина.

Токму поради овие два настана, иако најбезбедна, 2014 е и исклучителна, трагична година.

Germanwings Airbus A320 abgestürzt Anzeigetafel Flughafen Düsseldorf
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Christiansen

Ризикот е минимален

Истражувачите на авионски несреќи го оценуват како екстремно мал ризикот да се загуби животот во авионска катастрофа. Но, тие укажуваат и на особености кои мора да се обработат, оти во воздухопловствотосе настојува да се расветли секој, макар и најмал инцидент, за да се избегне нешто слично во иднина.

Трите најголеми катастрофи лани се случија со авиони на малезиски компании: во исчезнатиот МХ370 имаше 239 патници и членови на екипажот, во МХ17 беа 298 луѓе. Третата трагедија, пред крајот на годината, со авион на Ер Ејжа (Азија, н.з.), како и падот на МекДонел Даглас МД-83 изнајмен од Ер Алжери лани во јули во Западна Африка, веројатно се должат на екстремни временски услови.

Во Западна Европа несреќите се реткост

Germanwings Airbus A320 Flugzeugabsturz Germanwings Zentrale in Köln
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Becker

Последната голема авионска несреќа во Западна Европа се случи во 1977 година, кога на пистата на аеродромот во Техерифа (Канарски острови, н.з.) судрија два џамбо-џета Боинг 747 на компаниите КЛМ и ПанАм. Тогаш загинаа 547 лица и тоа е најтешката катастрофа во цивилното воздухопловство, која не е резултат на терористички напад.

Минатата година, инаку, е постигнат рекорд во бројот на патници - според ИАТА 3,3 милијарди луѓе лани патувале со авион, односно 170 милиони патници повеќе отколку во 2013. Европските компании забележале плус од 5,7 проценти.

Во ИАТА, според нејзините сопствени наводи, членуваат 250 авиопревозници, кои заеднички реализираат 84 проценти од меѓународниот воздухопловен сообраќај.