1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Аврамопулос: Решението за името треба да се базира на заемно почитување на историјата

СН/ЕМФ/миа2 октомври 2012

Комесарот на ЕУ за проширување Штефан Филе за време на посетата на Атина порача дека Грција ќе има најмногу полза од проширувањето на ЕУ со нејзините земји-соседи, меѓу кои е и Македонија.

https://p.dw.com/p/16IVv
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Грција и‘ придава големо значење на политиката на проширување на Европската унија, затоа што веруваме дека таквата политика ќе придонесе за мир, стабилност и развој на нашиот регион“, порача грчкиот министер за надворешни работи Димитрис Аврамопулос по средбата во Атина со еврокомесарот за проширување Штефан Филе. Аврамопулос потврди дека се разменети мислења за напредокот на земјите во грчкото соседство на нивниот пат кон Европската унија.

Тој повтори дека Грција ги поддржува трите соседни земји на нивниот пат кон ЕУ. Двајцата дипломати се согласиле околу тоа колку е важно да се реши прашањето за името и колку е важно да се придвижи Македонија напред во процесот на проширување.

Во врска со името, шефот на грчката дипломатија рече дека прашањето било спомнато, но оти тој не одел во детали.

„Решение, кое може да биде заемно прифатливо, треба да се базира на заемно почитување на културата и историјата“, изјави Аврамопулос.

Еврокомесарот Филе пак,, го уверил грчкиот министер за надворешни работи дека Европската комисија останува посветена на европската перспектива на Западен Балкан, Турција и Исланд и ги поддржува нивните напори на патот кон членство во ЕУ.

Грција, поради својата географска положба, ќе има најмногу полза од успешното проширување на ЕУ со земјите од Југоисточна Европа, особено со нејзините соседи, Турција, Македонија и Албанија, изјави Филе по средбата.

Во врска со Македонија, како што јави македонската новинска агенција МИА, разговарано е за случувањата во земјата во последните неколку месеци. Филе му објаснил на Аврамопулос како гледа на резултатите од пристапниот дијалог на високо ниво.

„Има позитивна проценка за реформите, се‘ уште треба да го поднесам мојот предлог наредната недела, не можам да откријам што ќе биде препораката на Комисијата оваа година, но да потсетам дека последните три години препораката на Европската комисија беше да се почнат преговори со Македонија за членство“, нагласи еврокомесарот.

Двајцата дипломати се согласиле околу тоа колку е важно да се реши прашањето за името, и колку е важно да се придвижи Македонија напред во процесот на проширување.

„Се договоривме дека европската перспектива е моќна алатка која ги стимулира земјите да ги преземат потребните чекори и да промовираат мир и стабилност од кои ќе имаат корист и Европската унија и нејзините членки. Затоа е важно да се одржи моментумот на процесот за проширување и под сегашните околности. Процесот за проширување се движи напред. Се разбира земјите што го чекаат проширувањето се соочуваат со многу предизвици и затоа одржувањето на моментумот на процесот за проширување е моќена алатка за да се справат со овие предизвици“, изјави Филе.

Еврокомесарот за проширување Филе во Атина имаше средби и со грчкиот премиер Андонис Самарас, како и со заменикот министер за надворешни работи Димитрис Куркулас.