1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Австралија тоне во огнената стихија

Бернд Муш Боровска9 февруари 2009

Пожарите во јужниот дел на австралискиот континент продолжуваат да беснеат. До сега загинаа над 130 лица, а изгорени се неколку стотици куќи. Ова се најстрашните пожари во изминативе двесте години.

https://p.dw.com/p/Gpnm
Огновите се ширатФотографија: AP

Десетици илјади пожарникари и доброволци неколку дена се борат со пожарите во јужниот дел на Австралија. Неколку стотици куќи се изгорени, цели населени места се пеплосани. Бројот на жртвите постојано расте.

Волку страшно не било никогаш досега, велат жителите на сојузната држава Викторија, која е најпогодена од огнената стихија. Во регионот, во кој во сушниот период секогаш имало пожари, вакво нешто досега немаат доживеано. Една жена од околината на градот Мелбурн раскажува како успеале да се засолнат пред огнената стихија:

„Немаше никакво предупредување. Одеднаш снема струја, набрзина спакувавме по нешто и веднаш седнавме во автомобилот. Уште пред да стасаме до следното место пламенот веќе беше во близина на нашата куќа. Сигурно е цела изгорена.“ Поголемиот дел од жителите на погодениот регион беа навремено предупредени и можеа да се засолнат. Но, голем број лица изгореа во автомобилите во обид да избегаат од огнот.

Feuerwehrmänner kämpfen gegen die Flammen bei King Lake Australien
На пожарникарите им се приклучуваат и се’ поголем број доброволциФотографија: AP

Уапсени се неколку пиромани

Има и такви коишто решиле да останат и да пробаат да си ги спасат домовите од огнот. Меѓу нив е и Ингрид Грин од околината на Мелбурн, која за австралиското радио изјави: „Дел од нашите соседи рекоа дека не можат повеќе да го издржат ова. Се прашував дали е исправно што одлучивме да останеме. И тогаш на соседите до нас им успеа да го изгасат огнот на само неколку метри од нивната куќа. Ако си заминеа куќата ќе им изгореше.“

Инаку во овој дел на Австралија дожд нема заврнато со недели, а температурите се над 45 степени, што помага во ширењето на пожарите. Дел од нив се запалени од небрежност, но за дел се сомнева дека се подметнати. Полицијата веќе уапси неколку пиромани.