Автоиндустријата пред дилема: трансформација или пропаст

Автомобилската индустрија се наоѓа во фаза на голем прелом. За тоа веќе долго се зборува, но сега станува појасно накаде се движи трендот. И Фолксваген крои амбициозни планови за идните години.

„Браншата е во тешка ситуација: мора да вложи многу милијарди во нови технологии како електрични возила, со кои на почеток нема да заработува пари“, вели Маркус Берет, раководител на одделението за автомобилска индустрија на консалтинг фирмата Роланд Бергер: „Истовремено сите важни автомобилски пазари ослабеа, посебно пазарот каде моментно најмногу се заработува – Кина“.

Долгорочно автомобилската бранша би можела да се најде пред промени што дури би ја довеле во прашање нејзината егзистенција. Причина е што моторот со внатрешно согорување, а и целиот индивидуален сообраќај каков што денес го познаваме, наскоро би можел да стане минато.

Дури и кога производителите би успеале на пазарот да изнесат електрични автомобили за масовна употреба, загрозени би биле илјадници работни места, зашто електричните автомобили се многу поедноставно конструирани од оние со внатрешно согорување. Само нивниот мотор се состои од мал дел од сето она што се вградува во класичните мотори. Шефот на Фолксваген Херберт Дис зборува за 30 проценти помалку работници, а студија на институтот Ифо  пресметува дека забрана за мотори со внатрешно согорување од 2030 година за Германија би значела 620.000 помалку работни места.

Иднината е во електромобилите?

Многу луѓе веќе нема да мора да имаат свој автомобил. Преку интернет ќе можат да повикаат некој самовозечки автомобил, да ја поминат саканата рута и на крај да го остават возилото на друго место. Сѐ повеќе сообраќај ќе може да се совлада со сѐ помалку возила. Една студија од Техничкиот универзитет во Минхен пресметала дека ако се користат заеднички самовозечките автомобили, бројот на возила би можел да се намали дури и за 90 проценти!

Каква е стратегијата на Фолксваген?

Најголемиот светски производител на автомобили уште ги чувствува последиците на аферата дизел. Дотолку поамбициозни му се плановите со електрични возила. Концернот планира до 2025 година една четвртина од продадените автомобили да бидат електрични. Во развој на тој сегмент до 2023 година ќе бидат вложени околу 44 милијарди евра. За производство ќе биде користена специјална техничка платформа МЕБ (еден вид стандардизиран кит за склопување) која би требало да биде на располагање и на други производители. Тоа треба да ги намали трошоците за производство.

Повеќе: 

Фолксваген: Од дизел-измамник до предводник во еко-мобилност

Автоиндустријата во сериозна, но не и егзистенцијално опасна криза

„МЕБ би можел да се етаблира како стандард во производството, изјави шефот на Фолксваген Херберт Дис на Женевскиот саем на автомобили.

Фолксваген освен тоа од пред извесно време преговара и со Форд околу користење на МЕБ. Двата концерна би можеле заеднички да произведуваат комби и пик-ап возила. 

Германците и нивните автомобили

Удар за автомобилската индустрија

Репутација на славните германски автопроизводители доживеа голем удар, но продажбата и натаму расте. Сепак, германските брендови сочинуваат помалку од две третини од сите возила на германските патишта. Притоа се работи за чисто машка „територија“: само една третина од сопствениците на возила во 2017 година се жени. Интересно, таа бројка воопшто не се промени во последната деценија.

Германците и нивните автомобили

Една деценија на пат

Германските патнички возила, полека старееја, од 8,1 година во просек пред една деценија, до највисокиот просек во историјата од 9,7 години во 2017. Патем, Германија воопшто не е во светскиот врв според возила по глава на жител. Таа е на 20 место - 17 места зад САД, каде на секои десет жители има осум автомобили. Најмалку моторизирана земја во светот е Того.

Германците и нивните автомобили

Земја на олдтајмери

Околу 600 илјади возила - околу 13 проценти од сите возила на германските патишта се сметаат за олдтајмери, што значи дека се постари од три децении. Околу 380 илјади имаат историски регистерски таблички кои се добиваат доколку се докаже дека возилото е сочувано со оригиналната состојба.

Германците и нивните автомобили

Постепена моторизација

На 1 јануари 2017, во Германија беа регистрирани 45,8 милиони патнички возила. Во однос на населението од 82,8 милиони, тоа значи дека има 684 автомобили на илјада жители. Денес, има пет пати повеќе автомобили во земјата отколку пред половина век, кога беа регистрирани околу 9 милиони возила.

Германците и нивните автомобили

Во земјата на БМВ

Просечната старост на возилата во Германија варира од покраина до покраина. Веројатно не е изненадување што во Баварија, домот на БМВ и покраина со најголем приход по глава на жител, просекот на старост на возилата е најмал. Просечната старост на возилата на патиштата во Бранденбург, покраината околу Берли, надминува една деценија.

Германците и нивните автомобили

Германија заостанува

Иако бројот на возила на бензин остана стабилен во последната деценија, нивниот удел се намали на две третини од сите мотори во 2017. Бројот на дизел возила порасна од 10 на 15 милиони од 2008 наваму. Електричните и хибридните возила комбинирано сочинуваат само 0,5 проценти, или вкупно 200 илјади. Во Норвешка уделот на електричните возила е повеќе од 1 процент.

Делење на трошоците

Нов тренд во германската автомобилска индустрија е соработка со други производители во која се делат трошоците. За шефот на Роланд Бергер, Маркус Берет тоа е оправдано: „Ни најголемите во браншата не можат сами да ги обезбедат потребните инвестиции. Бесмислено е десет или петнаесет фирми истовремено да работат на нов вид шасија или преносен механизам".

И кога станува збор за дигитализација, Фолксваген бара сојузници. Со помош на концернот Амазон сака да ја зголеми продуктивноста. Двата концерни сакаат заедничко поставување „индустриски облак“ во кој ќе бидат податоците за сите мотори, постројки и системи од вкупно 122 фабрики на Фолксваген, колку што ги има во светот. А со Мајкрософт Фолксваген заеднички работи на платформа преку која сите автомобили на концернот ќе можат да се вмрежат.


Следете нѐ