1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Автомеханичарот Херман Мак од Золнхофен

29 јули 2010

Херман Мак е баварец со големо срце - и бензин во вените. 51-годишникот е автомеханичар во Золнхофен, мала општина длабоко во срцето на покраината Баварија.

https://p.dw.com/p/O6VU

Уште како младо момче Херман Мак многу се интересирал за мотори. Притоа, повеќе се интересирал за техниката отколку за сообраќајните закони: „Уште на 12 години го добив првиот мопед, а на 13 уште поголем, којшто тогаш достигнуваше до 85 км на час.“ Кога дошло време младиот Херман да се реши за некој занает, изборот не му паднал тешко: тој станал автомеханичар.

Повеќе животен повик отколку занимање

Пред 22 години, Херман Мак се осмелил да направи ризичен чекор и да се осамостои. 51-годишниот автомеханичар тогаш, во родното место Золнхофен, ја основал својата „Автокуќа Мак“. Во меѓувреме, мирното место со околу 1900 жители, не може да се замисли без автокуќата „Мак“. Херман и неговата сопруга Ина не се само приватно двојка. И на деловен план двајцата се уигран тим. Ина ги презема административните работи. Херман се грижи за продажбата и поминува 60 до 70 часа во неделата во работилницата.

Gesichter Deutschlands Porträt HeMa
Денес возилото на Херман Мак за шлепување е историја и служи пред се‘ за рекламирање и изложувањеФотографија: DW

Во време на финансиска и економска криза, во автомобилската бранша не е лесно: „Продажбата кај нас значително опадна. Тоа значи дека јас сега морам повеќе да работам во работилницата. Ние сме мала фирма со само четворица работници.“

И во времето на премијата за стари возила, прометот во продажбата не се зголеми значително. Причината за тоа е што јапонските фабрикати што ги застапува Херман Мак, на село се помалку застапени. Тоа особено доаѓа до израз во сегментот на евтини мали возила, кој најмногу профитираше од премијата.

Затоа Мак вложува во услужни дејности. Рутински сервис, ситни поправки за „разубавување“, или комплицирани поправки на хаварисани возила - Херман Мак е вистински талент за се‘. Порано лично брзал до местото на сообраќајната незгода и го шлепувал хаварисаното возило во работилницата. Денес неговото возило за шлепување е историја и служи пред се‘ за рекламирање и изложување.

Не е религиозен, но е многу веродостоен

Приватно, Херман Мак со задоволство свири гитара, иако време за тоа често недостига. Но, негова апсолутна гордост е гломазниот БМВ-моторцикл со приколка со две седишта. Станува збор за уникат, не‘ уверува тој. Дел од сите прошетки, се‘ едно дали на тркала или пеш, е и кучката Нели.

Gesichter-Deutschlands Porträt HeMa
Херман и неговата сопруга Ина не се само приватно двојка, туку и на деловен план се уигран тимФотографија: DW

Херман Мак се откажал од една слободна активност: до пред неколку години бил член на Золнхофскиот општински совет. Денес веќе не е толку политички активен, но и понатаму е заинтересиран за тоа. За него се подразбира дека сите треба да одат на гласање. За црно-жолтата сојузна влада вели: „Мислам дека од владата ќе имаат полза пред се‘ богатите во земјава. Моите клиенти не се богати. Тие се во прва линија работници, службеници и едноставни чиновници. Верувам дека и мене лично оваа влада нема многу да ми донесе.“

Херман Мак се опишува себеси, буквално кажано, како „не директно религиозен“. Сепак, крстен е и како припадник на Франките (народност во Германија), во неговата родна општина припаѓа на протестантското мнозинство - состојба којашто често се игнорира кога се зборува за, инаку, многу католичката Баварија. „Мојата претстава за Господ не е таа којашто ни‘ ја пренесуваат црквите. Ако постои господ, тогаш тој не е како што стои во Библијата или во Коранот. Јас си го замислувам повеќе како природен феномен.“

Скржавоста не е доблест

Херман Мак воопшто не сака луѓе коишто заработуваат многу пари, а сепак, се скржави. Тој и неговата сопруга со години поддржуваат еден проект:

Gesichter Deutschlands Porträt HeMa
Свирењето гитара е хоби за кое секогаш се наоѓа времеФотографија: DW

„Бев на операција во болница. Тогаш вниманието ми го привлече една организација што посредува во наоѓање 'кумови’ за деца. Моето’кумче' живее во една сиромашна област во Кина. Детето е личноста за контакт, а проектот му помага на целото село. Тие неколку евра што ги донираме секој месец, во Кина се релативно многу пари. Добро е што таму можеме да помогнеме. Всушност тоа треба почесто да се прави или во иднина да се преземат повеќе такви ’кумства’.“

Се‘ може да остане како што е

За во блиска иднина Херман Мак си посакува пред се‘ добро здравје, повеќе слободно време и време за семејството. Прашањето - со кого би сакал да се замени на еден ден, на Мак му причинува главоболка: „Тоа би ми било многу ризично затоа што се плашам дека тој, со когошто сум се сменил, на тој ден настрадува или умира. Тогаш повеќе не би можел да се вратам назад.“

Мудри зборови, коишто на крајот значат само едно - за Херман Мак се‘ може да остане како што е сега.

Автор:Ксиегонг Фишер / Виолета Вај

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска