1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Агресивен грчки национализам и европско лицемерие

13 декември 2009

Македонија не е географски инцидент, како што сака да ја прикаже агресивниот грчки национализам, туку самостојна држава како и сите други во Европа, велат македонските академици Луан Старова и Матеја Матевски.

https://p.dw.com/p/L00p
Македонската академија на науките и уметностаФотографија: Petr Stojanovski

Писателите и поетите претставувале отсекогаш духовни воини за севкупните вредности на културите и идентитетите на своите народи. Во овој контекст академиците Матеја Матевски и Луан Старова со сето свое повеќедецениско творештво се наредуваат во врвот на интелектуалната авангарда на македонскиот и албанскиот етникум. Оттука, дотолку се позначајни нивните погледи во актуелната општествено –политичка ситуација, во која се наоѓа Република Македонија.

„Разликите меѓу нациите не се пречка, туку предност“

Во потрагата по заедничкоста на живеењето, Старова досега ја има напишано 10- томната „Балканска сага“. Неговиот најнов, 11-ти роман „Амбасади“ и најавениот превод на целата едиција на германски јазик во Австрија беа повод за прашањето: кои се неговите основни творечки мотиви?

„Балканските идентитети се зависни меѓусебно. Ние се наоѓаме на еден крстопат на лавиринти. Таа, би ја нарекол, ’поетика на разликите, кои се помируваат’, беше почетниот агенс да ја создавам таа ’Балканска сага’, која доживува голем прифат не само во нашата земја, туку и во цела Европа. Еве, во последно време и германската публика и германските издавачи покажуваат исклучителен интерес за неа. На германски јазик веќе е објавена книгата ’Времето на козите’, а сега издавачката куќа ’Визер ферлаг’ од Австрија го најави за наредните години објавувањето на 10 -те томови на ’Балканската Сага’ на германски јазик.

Luan Starova
Академик Луан СтароваФотографија: Sveto Toevski

Старова во одговорот на истото прашање дополнува:

„Не постои земја на Балканот, каде што се разговара како што ние разговараме, еве, јас како Албанец, а вие како Македонец. Тоа е незамислива ситуација денес, да речеме, во Србија, во Босна: две различни нации да бидат во еден таков дијалог. Не постои друга солуција: другата солуција е ’déjà vu’- ’веќе видено’ - и конфликтите и војните. Се разбира дека можат да се најдат форми на таа граѓанска визија разликите меѓу нациите да не бидат пречка, туку предност.“

Академик Матевски ја коментира вака „Балканската сага:

„Во овој циклус, наречен ’Балканска сага’ Луан на еден многу нагласен начин ги афирмира братството меѓу луѓето, иманентната потреба на луѓето да живеат едни со други и едни за други и во тоа да ги бараат смислата на своето живеење и смислата на својата иднина. Тоа е особено значајно во контекстот на мултиетничноста на Балканот, а посебно во Македонија, во која македонско-албанските односи се суштествени и за современиот развој и за иднината на нашата земја.“

„Франција во 90-тите години имаше визија за директни преговори на Македонија со ЕУ“

Укажувајќи на „несомнената европска перспектива на Македонија“, Старова, како поранешен прв македонски амбасадор во Франција, изнесува во јавноста недоволно познати факти каква била првичната позиција на оваа земја кон евроинтеграционите стремежи на Македонија:

„Франција имаше дури и една визија, во таа земја беше изградена една визија за приемот на Македонија во Европската унија да не се чека крајот на конфликтите, туку директно да се водат преговори меѓу неа и ЕУ. Така беше склучен во 1996 година договорот за соработка и трговија, којшто е прв официјален документ на една балканска земја, во случајов, Македонија, склучен со Европската унија, пред Романија, Словенија и Бугарија.“

Mateja Matevski
Академик Матеја МатевскиФотографија: DW

Овој маркантен претставник на албанската интелигенција во Македонија директно му реплицира, како што вели, на „агресивниот грчки национализам“, кој го кочи влегувањето на Македонија во Европската унија:

„Македонија има денес многу поголем ’капитал’ и надвор и во Европа. Изменета е онаа првична ситуација во таа смисла што Македонија не е повеќе ’географски инцидент’, како што сака денес да прикаже Грција, туку дека, напротив, Македонија е реалност. Тука е фактот што таа влезе во безвизната зона и има свој удел во реформите на НАТО, дека Македонија е држава, која ќе функционира исто како и сите други земји – членки на ЕУ. Перспективата е јасна и не можат да постојат други алтернативи: Македонија ќе влезе во европската зона. Таа припаѓа таму природно, историски, географски и цивилизациски.“

„Некои потези на македонската страна го направија агресивен силниот грчки национализам“

Во рамки на одговорот на истото прашање академик Старова критички додава: „Грчкиот национализам е многу силен и некои потези што се направени од македонска страна го претворија во агресивен и тоа во некои области во кои тој е најчувствителен. Тоа го има намалено маневарскиот простор на Македонија за да ја наложи својата реалност.“

Надоврзувајќи се на неговиот колега од МАНУ, Матеја Матевски ги критикува остро, како што посочува, „невиденото европско лицемерие и лажната солидарност на оние, кои ја подржуваат Грција:

„Таа хипокризија треба да се совлада со една друга солидарност, да се рече: ’Не можеме ние во името на апсурдните и ирационални желби и ставови на една земја да ги осудиме еден народ и една земја на бришење на името и на идентитетот. Но, за жал, таква солидарност нема да биде манифестирана, тоа можеби, или веројатно, нема да се случи. “

И да го променат насила името на мојата држава-јас останувам македонски писател“

На прашањето: како го коментира ставот на грчкиот претседател Папуљас дека „инсистирањето на постоењето македонски јазик и македонски народ е отворање непријателски фронт кон Грција“, Матевски одговара:

„ Името на мојата држава можат да го променат со сила било Европската унија, или Организацијата на Обединетите нации, да речеме. Но, јас останувам македонски писател, кој пишува на македонски јазик. Не е можно да се избрише тој идентитет. Ние сме тие што сме, ние сме тие кои што постоиме. Речиси 40 години ги објавуваат моите дела низ светот. Објавени се повеќе од 30 книги со преводи на 22 јазици и насекаде јас сум посочуван, сум толкуван, сум коментиран, сум преведуван како македонски писател.“

Заемното разбирање на интересите меѓу Македонците и Албанците ќе ја одржи стабилноста на Македонија“

На прашањето може ли Македонија да се најде во турбулентна ситуација поради недобивањето датум за преговори и однесувањето на Албанците во овој случај, Старова истакнува: „Македонија не би можела да се најде во турбулентна ситуација. Барем сега Албанците од Македонија ќе имаат можност да патуваат без визи, што не е случај со Албанците од Албанија и Косово. Меѓутоа, политичките партии создаваат една логика, а животот настојува да ја релативизира таа логика колку што може. Ако не биде манипулирана ... “

Во овој контекст академикот Матевски надополнува:

„Ако Албанците го сфаќаат интересот на Македонците како нивен иманентен интерес и Македонците исто така спрема Албанците, тогаш Македонија нема да биде доведена во прашање во овој период на тешки конфронтации, на недоразбирања и на конфликти, кои ги имаме внатре, како и наспрема овие состојби што не‘ притискаат однадвор.“

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Жана Ацеска