1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Азилантите од Македонија и Србија го загрижија Берлин

БГ/дпа11 октомври 2012

Неколку германски политичари бараат запирање на безвизниот режим кон овие две земји или промена на внатрешната регулатива која им овозможува злоупотреби на лажните азиланти.

https://p.dw.com/p/16O2D
Фотографија: AP

Германските политичари се загрижени поради растечкиот број на барања за азил од Македонија и Србија, јавува агенцијата ДПА, повикувајќи се на изјава на внатрешно-политичкиот портпарол на владејачката ЦСУ, Ханс- Петер Ул. Од јануари до денес повеќе од 7 илјади луѓе од овие две земји побарале азил во Германија. Политичарот на ЦСУ говори за „масовна злоупотреба на правото на азил“.

„Признавањето на правото на азил е еднакво на нула“, вели Ул.

На барање на Германија на оваа тема ќе се разговара на следниот состанок на министрите за внатрешни работи и правда на ЕУ на 25 октомври. Од приливот на азиланти не е погодена само Германија, туку и Белгија, Шведска и Франција. Европската комисија, која е запознаена со проблемот, на состанокот ќе информира на кој начин планира да влијае врз овие земји за да се намали бројот на баратели на азил. На ниво на ЕУ ќе се расправа и за можно привремено стопирање на безвизниот режим.

Според Ул, Германија скапо плаќа за приливот на азиланти.
„Во моментов еден барател на азил за време на престојот од два месеци добива околу 700 евра плус трошоци за превоз до матичната држава, и покрај тоа што нема право да добие азил“, вели Ул.

Hans-Peter Uhl CSU
Ханс- Петер УлФотографија: picture-alliance/dpa

И претседателот на Комисијата за внатрешна политика на Бундестагот, Волфганг Бозбах бара ново разгледување на правилата за визна либерализација за земјите од Балканот.

„Министерството за надворешни работи треба да оцени дали актуелната состојба не треба да се промени и како на поинаков начин да се спречи злоупотребата на нашиот социјален систем“, вели Бозбах.

Министерот за внатрешни работи на покраината Баварија, Јоахим Херман пак предлага воведување на систем за експресна депортација на ваквите случаи. Според Херман, во рок од 48 часа треба да се провери дали овие лица имаат право да добијат азил и во спротивно веднаш да се испратат назад во Македонија и Србија.