1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ако е Конгрес, нека бидат четворица

Катерина Блажевска 22 мај 2013

Тројцата кандидати од најголемата македонска опозициска партија СДСМ не се обединија околу еден, а според партиски извори, тоа гарантира вистински демократски натпревар.

https://p.dw.com/p/18boQ
Фотографија: Petr Stojanovski

Четворица кандидати остануваат во трката за избор на претседател на СДСМ. Таков е епилогот по неколкудневните разговори меѓу тројца од кандидатите, кои до вчера не успеаја да ги обединат своите компатибилни концепи околу една кандидатура, според можноста што ја навести Извршниот одбор на СДСМ.

Во намерата да им се даде време за договор, не помогна ни одлагањето на рокот за почеток на индивидуалната кампања, ни денот плус, што дополнително го добија. Зоран Заев, Зоран Јовановски, Игор Ивановски и Кире Наумов на Конгресот што ќе се одржи на 2 јуни ќе се борат да ја освојат довербата на 705-те делегати за нов лидер на СДСМ. 

„По неколкудневни интензивни разговори меѓу нас, заклучивме дека до Конгресот на 2 јуни во изборот за претседател на СДСМ остануваат 4 кандидати“, изјави Заев. Повеќе од него не соопшти ни другиот кандидат, Зоран Јовановски. Двајцата одбија да коментираат зошто Извршниот одбор на партијата сметал дека трите компатибилни концепти за иднината на партијата можат да бидат причина за намалување на бројот на кандидатите.

Politik Skopje, Mazedonien
Демократија или неединство во партијата?Фотографија: Petr Stojanovski

Извори во Извршниот Одбор само кусо коментираат дека пресудило тоа што „амбициите за функции се покажале посилни од можноста за обединувањето на концептите“.

За фер кампања

Четвртиот кандидат, Кире Наумов, неколку дена безуспешно чека другите  кандидати да одговорат на неговата покана за неформална средба, како симболичен гест за почетокот на фер-кампања. Вели дека ја почитува нивната одлука сите да влезат во изборна трка.  

„Очигледно, сугестијата на Кандидатската комисија за намалување на бројот на кандидати врз основа на наводната компатибилност на програмите, единствено доведе до суспензија на роковите за претставување на програмите во општинските организации. Јас ја почитувам одлуката на останатите кандидати. Досега трпеливо го чекав резултатот од нивните консултации. Се надевам дека од утре ќе имаме можност, рамноправно, фер и демократски да ги претставиме нашите програмски концепти, кои според мене, би требало да бидат најбитни при одлучувањето на делегатите. Јас сум подготвен. Мојата програма претставува современ концепт за европската социјалдемократија, но истовремено прилагодена на денешната безизлезна ситуација во која се наоѓа Македонија“, вели Наумов.

Многу или малку?

Дали четири кандидати се многу за избор на претседател во една партија? Извори во партијата велат дека и базата се согласува дека за демократски избори е подобро да има повеќе кандидати отколку договарање околу еден. Таквиот став го дели и поранешниот генерален секретар на СДСМ, Ѓорѓи Спасов. Потегот го оценува како добар исчекор во демократизацијата на СДСМ и на земјата во целина.

„Подобро е да се оди на Конгрес дури и со четворица кандидати, отколку тројцата кандидати од раководството на СДСМ да се договараат како двајца да се откажат од трката во интерес на третиот. Договорот меѓу тројцата, на кој се инсистираше заради сличноста во нивните програми, всушност подразбираше еден вид избор пред избори. Според некои информации, тоа значи договор на маса меѓу сегашните функционери за поделба на најзначајните функции во партијата уште пред одржувањето на Конгресот. Ако тоа се прави дури во име на единството во партијата, тогаш не е фер во однос на сите други можни кандидати за тие функции. Како што јавноста беше информирана, истовремено тоа ќе значело и одење на Конгрес со затворена листа за членови на Централниот одбор, што би бил однапред лимитиран избор. И на крајот тоа ќе завршеше со еден вид обединување на сите „внатрешни кандидати“ на СДСМ против еден „надворешен“, анализира Спасов. Според него, претставувањето на кандидатските програми пред општинските организации, пред делегатите на Конгресот и во медиумите, нема да го доведе во прашање единството на СДСМ, туку ќе го засили врз нови основи.

Politik Skopje, Mazedonien
Зоран Заев, еден од кандидатитеФотографија: Petr Stojanovski

Неизвесно до крај

Со ова не завршува кандидатската приказна. Кандидат може да се откаже од трката и за време на Конгресот, а делегатите можат да предложат, на пример, дека во трката треба да учествуваат само двајца кандидати и тој предлог се става на гласање.

„Ако некој од нив до одржувањето на Конгресот се откаже од трката заради било која причина, тоа нема да биде ништо страшно. Ни губењето на изборите за претседател на партијата не треба да се толкува како крај на кариерата за кој било од нив“, вели Спасов.

Во меѓувреме, иницијативниот одбор кој се залага актуелниот лидер да остане на чело на партијата, продолжува да собира потписи за кандидатура на Бранко Црвенковски. Според партиски избори, нервозата ќе расте и во однос на кандидатите за членови на Централниот одбор. Од досега предложени околу 300 кандидати, идната недела треба да се изберат 110, а од нив на Конгресот ќе бидат избрани 80.