1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ако не мине законoт за „сигурни земји на потекло“ на Македонија ќе и‘ се направи неправда!

Силвера Падори-Кленке18 септември 2014

Поради отпорот на партијата на Зелените неизвесно е дали утре (19 септември) Бундесратот ќе ја усвои регулативата со која Македонија, Србија и Босна и Херцеговина ќе се вбројат во „сигурни земји на потекло“.

https://p.dw.com/p/1DF79
Фотографија: picture-alliance/dpa

Иако Бундестагот уште во јули донесе одлука Македонија, Србија и Босна и Херцеговина да бидат прогласени за „сигурни земји“, очекуваното и задолжителното „зелено светло“ од страна на Бундесратот ( Советот на покраини) е неизвесно. Законската регулатива со која трите земји од Балканот би се квалификувале во групата на земји со сигурно потекло би значела скусување на постапката за доделување азил, односно најчесто - одбивање на барателите на азил од Балканот. За разлика од партиите на коалицијата (ЦДУ-ЦСУ и СПД) кои стојат зад регулативата, партијата Сојуз 90/Зелени смета дека трите земјите од Балканот не треба да се вметнат во категоријата „земји со сигурно потекло“ и најави дека нема да го даде својот глас за споменатата регулатива.

Според Ангелика Швал-Дирен (СПД), министерка за сојузни работи, Европа и медиуми во Севена Рајна Вествалија, оваа германска покраина сака и бара регулативата да се донесе, зашто тоа ќе значи растоварување на општините.

Global Media Forum GMF 2011 Angelica Schwall-Düren
Не верува во компромис - Ангелика Швал-Дирен (СПД)Фотографија: GMF

Растоварување на општините

„Доколку овој закон биде усвоен, барателите на азил и толерираните лица (дулдунг, з.а.) ќе можат побрзо да најдат работа, со што ќе придонесат за арстоварување на општините каде што живеат. Меѓутоа, времето да се убедат зелените коалициони партнери да гласаат е кратко! Јас се сомневам дека ќе се успее во тоа“, коментира Швал-Дирен.

Со Зелените ќе се преговара до последен миг, односно ако е потребно дури до утре (19 септември) пред закажаната седница на Бундесратот. Доколку не се успее, остануваат две опции: решението да се бара преку Комисијата за посредување или да дојде до пролонгирање на преговорите со Зелените, се разбира доколку има сигнали дека решението е на повидок и недостига само време.

„Зелените во основа сакаат Македонија, Србија и Босна и Херцеговина и натаму да важат како несигурни земји. Зашто, според нив, таму се‘ уште има дискриминација и прогонување. Ние велиме дека во земји кои имаат кандидатски статус за ЕУ не може да има систематско политичко прогонување на луѓето. Можеби има поединечни случаи и за тие поединечни случаи секако дека и во иднина ќе постои можноста, по интензивна проверка, да им се додели статус на политички азил“, објаснува за ДВ Ангела Швал-Дирен.

Во земјите кандидати нема политичко прогонување

Bundesparteitag Grüne
„Зелениот“Јирген Тритин е против регулативата на ВладатаФотографија: picture-alliance/dpa

„Станува збор за внатрешнополитичка расправија, во која Зелените ја користат решавачката улога која ја имаат во Бундесратот, па сакаат да го спречат донесувањето на Законот, односно да ги наметнат своите претстави. Од мој аспект Македонија сигурно дека спаѓа во земјите со сигурно потекло. Исто како Србија и Босна и Херсцеговина, а тука би ја категоризирал и Албанија. Сосема е јасно дека во Македонија нема политичко прогнонување. Знам дека во првите 4 месеци од годинава бројот на баратели на азил од Македонија е за 169 отсто зголемен. Но, тука не станува збор за прогонувања. Македонија е слободна земја. На Македонија ќе и‘ се нанесе неправда ако се каже дека не е земја со сигурно потекло. Треба да се има на ум дека две работи се исклучуваат: една земја која нема сигурно потекло не може да биде ниту членка на Европската унија. Тоа мора јасно да се каже“, изјави за ДВ Торстен Фрај (ЦДУ-ЦСУ).

Според Фрај, барателите на азил од Македонија доаѓат во Германија водени од економски причини, што не е во согласност со тукашната регулатива. Со други зборови кажано барателите на азил од Балканот ги „земаат“ местата на оние чии животи се навистина под закана и кои доаѓаат од воени жаришта како Сирија, Ирак, Авганистан.

Interview mit Thorsten Frei (CDU)
Македонија е земја со сигурно портекло - Торстен Фрај (ЦДУ)Фотографија: DW/S. Padori-Klenke

Поранешниот шеф на пратеничката група на партијата на Зелените во Бундестагот, Јирген Тритин, пак, вели дека „не смее да има никаков компромис“. Според него, не може како неегзистенцијални да се прифатат ситуации кои се однесуваат на човековите права. Тој смета дека доколку се прифатат плановите на Владата, барањата за азил кои доаѓаат од балканските држави ќе можат лесно и без индивидуално образложување да се одбиваат.

Со Законот со кој Македонија, Србија и Босна и Херцеговина ќе бидат категоризирани како земји на сигурно потекло се предвидува скусување на постапката при обработката на случаите на три месеци. Целта е да се редуцираат трошоците на сојузот, покраините и општините за барањата за азил „кои не се релевантно мотивирани“. За остварување на овие цели се предвидени и промени во законот за водење на постапката за азил. Партијата на Зелените бара подобрувања за барателите на азил кои практично би се однесувале на општините. На пример, преземање на поголем дел од трошоците од страна на сојузот кога е во прашање здравственото згрижување на барателите на азил. Или, многу значајното отворањето на пазарот на трудот за барателите на азил или оние кои се под „дулдунг“. Во овој домен, меѓутоа, проблем е регулативата со која германските и државјаните на ЕУ имаат предност за добивање на работно место .

За усвојување на регулативата потребни се 35 од вкупно 69 гласови на покраините во Бундесратот. Иако поголемиот број на општините од Германија апелираат до Бундесратот регулативата да се донесе, Ангела Швал-Дирен е скептична дека тоа и ќе успее, зашто, како што вели, иако се знаеле позициите на Зелените, во периодот по одморите Владата направила малку за да разговара за нивните барања.