1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

АКТА пред Европскиот суд на правдата

23 февруари 2012

Комисијата на ЕУ ќе го преиспитува меѓународниот договор за заштита од пиратеријата. Слободата на изразувањето и информирањето се фундаментални права, смета надлежната комесарка Рединг.

https://p.dw.com/p/148GW
Фотографија: dapd

Европската комисија побара од Европскиот суд на правдата во Луксембург да провери дали контроверзниот меѓународен договор за борба против пиратеријата АКТА „е во склад со слободата на изразување и слободниот интернет“, соопшти европската комесарка за правда Вивијан Рединг.

„Слободата на изразувањето и информирањето за ЕУ се фундаментални права, без оглед на технолошките средства и без оглед на границите и се вградени во Европската повелба за фундаментални права кои имаат предност над законите на ЕУ, вклучително и меѓународните спогодби кои ги склучила Унијата“, соопшти Рединг. Со оглед на тоа, се вели во соопштението на комесарката Рединг, „Европската унија го поддржува слободниот пристап на интернет и слободата на изразување и слободтата на информирање“ преку него.

Вивијан Рединг укажа дека интелектуалната сопственост исто така со Повелба е призната како фундаментално право, но таа „не е апсолутно фундаментално право“ и дека „европската политика траба да има за цел да ги урамнотежи тие две права, не доведувајќи ја во прашање нивната суштина“.

Viviane Reding
Комесар за правда на ЕУ Вивијан РедингФотографија: AP

„Слободата на информирање и ителектуалната сопственост не смеат да бидат непријатели - треба да бидат партнери“, наведе Рединг и оцени дека „заштитата од копирање никогаш не може да биде оправдување за елиминирање на слободата на изразување и слободата за информирање“.

АКТА договорот, чија цел е заштита на интелектуалната сопственост и борбата против пиратеријата наиде на жесток отпор во јавноста во ЕУ поради одредбата со која се овозможуваат драконски казни, а девет земји членки, вклучително и Германија и Холандија ја замрзнаа ратификацијата на договорот или го одложија потпишувањето.

Автор: АТ/ бета

Редактор: Б.Георгиевски