1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Акции за јајца и за крави“

Карл Харенброк/ Зоран Јордановски20 септември 2012

За финансирање на новата живинарска штала земјоделецот Михаел Фридингер измисли необичен метод. Тој издава „акции“ со кои потрошувачите учествуваат во изградбата. За 500 евра се добива годишна камата од 4 проценти.

https://p.dw.com/p/15eo0
Фотографија: picture-alliance/dpa

Вообичаено луѓе што имаат пари и сакаат да ги оплодат, ги вложуваат во акции - поретко директно на берзата, почесто преку банки, барем ситните вложувачи. Но, има и поинакви, навистина ретки примери. Еден земјоделец во Германија ги обедини и самиот ги презема улогите на акционерските друштва, берзите и банките. Акции за крави и дивиденди од јајца како алтернативни инвестиции.

Еко-земјоделецот Михаел Фридингер на своите муштерии им даде удел во бизнисот со јајца. Тој и сопругата Елке издадоа акции.

Идејата им беше со „акциите за јајца“ да го финансираат производството на својот селски имот. Кој сака да учествува, мора да инвестира.

„Имаме многумина муштерии, кои учествуваат со по пет илјади евра и за тоа годишно добиваат бон со вредност од 200 евра. Тоа се 60 пакувања од по 10 јајца. Тоа може така да се пресмета“, вели Елке Фридингер.

Freilaufende Hühner
Фотографија: picture-alliance/dpa

Со парите од своите вложувачи тие ја изградија новата штала за кокошки. Еколошкиот начин на одгледување на живината е скапо. Шталата чинеше повеќе од 100 илјади евра. Без нивниот модел на финансирање никогаш не ќе можеа да ја направат.

Ернст Фридрих Лаупе е еден од вложувачите. За таканаречените „акции за јајца“ во вредност од 5 илјади евра добива годишна камата од 4 проценти - повеќе отколку во било која банка. Каматите може да ги добие во готовина, но тој претпочита јајца во противвредност.

„Така и селанецот - производител профитира, оти има поповолни услови отколку во банка, а и муштеријата добива повеќе отколку во банка. Тоа е супер-приказна, затоа и толку добро се одвива“, вели Ернст Фридрих Лаупе.

И, затоа што толку добро се одвива, еко-земјоделецот Михаел Фридингер сега планира и издавање на „акции за крава“. Така ќе може без кредити од банка да изгради и нова штала за крави. Тоа исто така ќе чини најмалку 100 илјади евра. Инвеститори веќе чекаат во ред.

„Речиси секоја недела добиваме по два-три и-мејла од заинтересирани за нашиот акционерски модел. Веќе има неверојатно голема побарувачка“, вели Михаел Фридингер.

Многумина од вложувачите постојано свраќаат на селскиот имот за да видат како напредува нивната инвестиција. Гледање е дозволено, но селанката не им дозволува на инвеститорите да и’ се мешаат во секојдневните работи: „Тие немаат право на соодлучување околу набавката на кокошки и на храна. Оти тоа би било малку и опасно: еден сака ваква, друг онаква раса кокошки, некој е за бели несилки, а ние пак имаме само кафени“.

Grüne Woche Flash-Galerie Biologische Landwirtschaft Bio-Bauer Johannes Sauter Stall
Фотографија: picture alliance / dpa

Селскиот имот се наоѓа во близина на езерото Штарнберг, јужно од Минхен. Овде живеат многумина добростоечки градски луѓе, кои полагаат голема вредност врз еко-продукти од регионот. Кај Фридингерови 10 јајца чинат три ипол евра, речиси двојно повеќе отколку во супермаркет. Но, муштериите и покрај тоа се задоволни.

„Овде знам дека се добри, дека кокошките не ги чуваат толку тесно збиени, така да кажам - дека се среќни. Овде имам најголема доверба“.

„Овие се најдобрите во Баварија. Ние сме новодоселени од пред половина година. Апсолутно најдобар совет е да се купуваат јајца овде, кај Михаел и Елке“, велат муштериите.

Таканаречените „акции за јајца“ на семејството Фридингер предизвикаа дури и еден мал тренд: веќе 70 други селани со оваа идеја го финансираат производството во нивниот селски имот.