1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Албански премиер по повеќе од половина век во Белград

АТ/ миа/ бета15 јануари 2014

Претседателот на Владата на Албанија Еди Рама сака да ја посети Србија, за што е информирано српското МНР, велат од амбасадaта на Албанија во Белград. Српскиот министер Мркиќ исто така најави дека е планирана посета.

https://p.dw.com/p/1Aqwp
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Новиот премиер на Албанија, Еди Рама, најверојатно во февруари ќе го посети Белград во рамки на турнејата по земјите од регионот, соопшти српскиот министер за надворешни работи Иван Мркиќ за весникот „Политика“.

„Датумот за посетата сѐ уште не е прецизиран бидејќи во последните недели Белград беше зафатен со други важни прашања, како што се преговорите со Приштина и почетокот на преговорите со ЕУ“, посочува Мркиќ.

Мркиќ соопшти дека на дневниот ред на разговорите ќе биде, пред сѐ, билатералната соработка, затоа што „двете држави имаат интерес да соработуваат во областите на земјоделието, туризмот, транспортните врски, образованието“.

Мркиќ ќе го постави и прашањето за српското малцинство во Албанија, кое, според него, „уште не е признато како што треба“.

Во амбасадата на Албанија во Белград, за агенцијата Бета ги потврдија зборовите на Мркиќ, наведувајќи дека по повод очекуваната посета на Рама се во контакт како со српското МНР во Белград, така и со албанското Министерство за надворешни работи во Тирана. Оттаму велат дека кога ќе стигне информација дека посетата е договорена, амбасадата ќе почне да работи на нејзина организација.

„Политика“ потсетува дека тоа ќе биде прва посета на еден албански премиер на Србија уште од 1946 година, кога Енвер Хоџа го посети Белград.