1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Филм

Алек Болдвин: „Не го повлеков чкрапалото“

Рајна Бројер
2 декември 2021

Речиси шест недели по смртта на камерманката Хачинс на снимањето на филмот „Rust“, Алек Болдвин се јави за збор. Во интервју за Еј-Би-Си тој тврди дека не го повлекол чкрапалото на оружјето.

https://p.dw.com/p/43jT4
USA I Alec Baldwin I The Hamptons International Film Festival
Фотографија: Sonia Moskowitz Gordon/Globe-ZUMA/picture alliance

Холивудската ѕвезда Алек Болдвин во емоционален разговор со Џорџ Стефанопулос од Еј-Би-Си плаче и тврди дека не го повлекол чкрапалото на оружјето. Вели дека никогаш не би целел на некого со оружје и не би повлекол чкрапало. Болдвин додава дека „нема поим“ како вистински куршуми се нашле во оружјето-реквизита.

Убиената камерманка Халина Хачинс била жена која ја сакале сите и на која ѝ се воодушевувале, рече актерот и продуцент во интервјуто. Тој сѐ уште не може да поверува во она што се случило.

На снимањето на вестернот „Rust“ во Санта Фе (Ново Мексико), на 21 октомври беше смртно застрелана Халина Хачинс, а повреден во рамото беше режисерот Џоел Соуза. На пробата за сцена оружјето го користел Алек Болдвин. Истрагата, која сѐ уште трае, покажа дека во пиштолот имало вистински куршум. Полицијата проверува како можело да дојде до тоа.

Повеќе:

По смртоносниот истрел на Болдвин: Многу отворени прашања

По трагичниот инцидент со Алек Болдвин: Историја на фатални инциденти во Холивуд

Шерифот на Санта Фе вчера (1.12) изјави дека нема да дава изјави за сослушувањето на Болдвин. Истрагата сѐ уште не стигнала дотаму за да се утврди дали треба да се поднесе кривична пријава, вели шерифот.

Еден ден по инцидентот, Болдвин на Твитер напиша: „Нема зборови кои може да го опишат шокот и тагата поради трагичната несреќа која ѝ го одзеде животот на Халина Хачинс, сопруга, мајка и наша многу ценета колешка.“

New Mexiko I Bonanza Creek Ranch I Schusswaffe Filmset
Дел од соработниците на филмот „Rust“ претходно се жалеле на тешки услови за работаФотографија: Eddie Moore/AP/picture alliance

Двајца членови на екипата која работела на снимање на филмот во меѓувреме поднесоа цивилни тужби против Болдвин, продуцентите на филмот и други лица од продукцијата, поради слаби контроли на безбедноста. Дел од соработниците претходно се жалеле на тешки услови за работа, што довело до напуштање на снимањето. Продуцентите објаснуваат дека водат и своја сопствена интерна истрага. Болдвин, освен тоа што глумел, бил и еден од продуцентите на нискобуџетниот вестерн филм „Rust“.