1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ало, ало! Среќен 150-ти роденден!

26 октомври 2011

Иако многумина го сметаат Бел за татко на телефонот, цели 15 години порано од неговиот патент Јохан Филип Рајс го претставил својот телефон на предавањето во здружението на физичарите во Франкфурт на 26.10.1861 година.

https://p.dw.com/p/12zKf
Телефонот е измислен пред 150 години на денешен денФотографија: fotolia/zentilia

Колку и да не можеме денешниот свет да си го замислиме без телефони, од насловот на предавањето, со кој Рајс го повикувал населението од Франкфурт на Мајна да дојде на претставување на својот изум, речиси никој не насетувал дека почнува ново информатичко време. „За пресадувањето на тоновите на посакувана оддалеченост со посредство на галванска струја“, бил насловот на предавањето.

Ниту првите зборови, кои тогашниот 27 годишен научник ги испратил преку жица, не спаѓаат во антологијата на големите мудрости: „Коњот не јаде салата од краставици“. Конечно, оваа бесмислена реченица послужила само за да се докаже оти не станува збор за измама.

Flash-Galerie 150 Jahre Telefon
„Коњот не јаде салата од краставици“, биле првите зборови што ги изговорил Јохан Филип РајсФотографија: Museum für Kommunikation Berlin

Не доживеал процут на својот изум

Телефонот на младиот иноватор од Фридрихдорф во германската покраина Хесен не изгледал баш привлечно. Слушалката ја направил од дрво, а во неа ставил мембрана од животинско црево на која поставил електрода. Покрај тоа, историското предавање во Франкфурт не предизвика револуција од други причини.

Проблемот бил во тоа што младиот иноватор не се досетил дека овој ефект на преносот на гласот преку жица може да функционира во двете насоки. Со други зборови, телефонот на Рајс пренесувал само глас од едно место на друго.

USA Erfinder Alexander Graham Bell
Американскиот изумител од шкотско потекло, Александар Греам Бел сепак е заслужен за „вистинскиот“ телефонФотографија: AP

За жал, Јохан Филип Рајс никогаш не доживеал процут на технологијата што самиот ја измислил. Тој починал од туберкулоза на 40 годишна возраст, само две години пред и Александар Греам Бел да го претстави својот патент „говорен телефон“ во 1881 година. Потоа, овој изум се ширел со вртоглава брзина. Само пет години подоцна е отворена првата телефонска мрежа во Берлин, која броела дури 48 учесници.

Планетарна комуникација

Телефонските мрежи никнувале низ целата планета, а веќе во 19-от век се појавиле и првите телефонски говорници. Многу брзо им станало проблем на телефонските операторки да ги паметат сите корисници. Инаку, тоа е едно од првите занимања во кои се запослувале жените со поголемо задоволство од мажите. Се сметало дека жените се посмирени, а справувањето со бројните жици и приклучоци помалку наликувало на плетење.

Flash-Galerie 150 Jahre Telefon
Жените работеле како оператори во телефонските централи, оти биле посмирени од мажитеФотографија: Museum für Kommunikation Berlin

Но, веќе во 1889 година Алмон Браун Строуџер го измислил бројчаникот на телефонот и од тој момент бројот на корисниците практично станал неограничен.

А, што е со мобилниот телефон? Некој мисли дека е измислен неодамна? Уште во 1918-та година композициите во германската железница експериментирале со подвижни телефони, а од 1926-та година и тој луксуз е овозможен за патниците додуша само на релацијата Хамбург – Берлин и само за патниците во прва класа.

Vorstellung des Windows Phone 7
Почетоците на мобилните телефони се во 1926 годинаФотографија: AP

Тоа било така, бидејќи телефонот ги преживувал своите први денови како чист луксуз, што малку кој можел да си го дозволи. Така било во првите денови на фиксната телефонија во 19-от век, но и во 1992 година, кога во Германија започнала со работа првата дигитална мрежа на мобилната телефонија.

Тогаш, пред едвај дваесетина години, ретко кој тинејџер можел да сонува за праќање на СМС пораки од сопствен мобилен телефон. Првите апарати тогаш чинеле околу 3 200 германски марки.

Автор: Анѓелко Шубиќ/ Александар Методијев

Редактор: Александра Трајковска