1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Фудбал

Алчноста го уништува фудбалот

Јоша Вебер
5 ноември 2018

Лаги, алчност и тајни планови за Европска суперлига: последната рунда на Фудбал Ликс открива ново ниво на комерцијализација на фудбалот. Јоша Вебер смета дека преостанува само една работа: да ги исклучиме телевизорите!

https://p.dw.com/p/37eri
Geldregen Geldscheine Mercedes-Benz Arena zur blauen Stunde
Фотографија: picture-alliance/imageBROKER/M. Weber

На денот на натпреварот во 2021 година, семејството Шмит од Минхен патува на мечот нагости на својот омилен тим Бајерн Минхен. Семејството Шмит со години го следи германскиот првак и тоа насекаде, и дома и нагости. Мечевите нагости порано значеа патувања во Штутгарт или Берлин. Но денес целта е подалечна. Дестинација: Барселона.
Авионски карти, сместување и скандалозно скапите влезници, се резервирани. Патувањето чини најмалку 10 пати поскапо од порано. И тоа е само почетокот. Претплатата на Скај е трипати поскапа, официјалниот дрес чини двојно повеќе, и само клупските медиуми на Бајерн имаат право да ги интервјуираат фудбалерите. Добредојдовте во новата Европска Супер Лига!

Пари, пари, пари

Овој кошмар на навивачите лесно може да стане реалност. Бајерн против Барселона, Манчестер Јунајтед против Реал Мадрид, ПСЖ против Јувентус. Недела за недела. Кремот на европскиот фудбал во сопствена лига.
Според последната рунда откритија во фудбалскиот скандал наречен „Фудбал Ликс“ кои ги објавија магазинот Шпигел, телевизијата НДР и Европската истражувачка група (ЕИЦ), плановите се веќе напреднати.
Објавените документи и изјавите ја кажуваат истата приказна, имено дека плановите на најголемите европски клубови да се одвојат од домашните првенства и да формираат сопствена Супер Лига заради сопствените маркетиншки потреби, се далеку поконкретни од она што се претпоставуваше.
Но нема потреба од загриженост! Тоа беше пораката на претседателот на Бајерн Карл Хајнц Румениге. Баварскиот гигант е „приврзан кон своето членство во Бундеслигата“.
Добро, ако така велите. Но, откритијата дека Бајерн ги испитувал правните реперкусии од напуштањето на Бундеслигата уште пред две години, говорат нешто друго.
Тоа е само една од многуте лаги откриени од Фудбал Ликс. Еве и уште една: Финансискиот фер плеј. Во заобиколувањето на правилата, новите богати клубови како Пари Сен Жермен и Манчестер Сити добивале поддршка токму од оние кои требало да ги контролираат.
Конкретно, функционерите околу поранешниот генерален секретар и актуелен претседател на ФИФА Џани Инфантино. Со нивна помош, катарскиот шеик Насер Ал Келаифи успеал да впумпа 1,9 милијарди евра во клубот од францускиот главен град, вклучително и 222 милиони евра за трансферот на Нејмар, и притоа да избегне казна за непочитување на правилата.
Заедничката вредност во сето тоа: пари, пари и пари.

Weber Joscha Kommentarbild
Јоша Вебер

Само еден излез

Но за некои, ни тоа не е доволно. Комерцијализацијата на играта не е доволна и време да се вклучи турбо моторот. Нејзиното име? Европска Супер Лига, која ќе им гарантира на учесниците уште повеќе пари од актуелниот приход кој им го обезбедува Лигата на шампионите.
„Тотален маркетинг“ е новиот клучен збор. Целосно, неограничено задржување на профитот додека во исто време на навивачите им се продава фантазијата за романтичен фудбалски свет полн со традиција, автентичност и „Ехте либе“- вистинска љубов. Сето тоа за навивачите да продолжат да навиваат. И уште поважно: да плаќаат.
Професионалниот фудбал е индустрија тешка милијарди која одамна си ја продаде душата за сметка на профитот. Алчноста на газдите за уште поголем обрт далеку ја надминува желбата за подобри играчи или титули.
Тоа е опасна алчност, алчност која ќе го уништи фудбалот каков што го знаеме. Кус поглед врз случувањата во англиската Премиер лига е доволен за да се види како изгледа фудбалот како луксузен проект.
Постои само еден излез од тоа: исклучете го телевизорот!
Семејството Шмит, и другите како нив, треба да го исклучат телевизорот, да ја откажат претплатата, да престанат да купуваат дресови и да ги бојкотираат мечевите.
Празните трибини и намалените приходи од ТВ права и продажба на реквизити: тоа е единствениот јазик кој го разбираат газдите. Можеби тогаш ќе сфатат што навистина е фудбалот: игра, а не производ.