1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ал Каеда решава за исходот на изборите во Шпанија?!

14 март 2004

Во сенка на терористичките напади од Мадрид денеска во Шпанија се одржуваат избори за нов состав на парламентот

https://p.dw.com/p/AcP4
Мариано Рахои, кандидат на владеачката Народна партија
Мариано Рахои, кандидат на владеачката Народна партијаФотографија: AP

Исходот на изборите е се понејасен, бидејќи расте бројот индиции дека зад нападите сепак стои Ал Каеда, а не баскиската сепаратистичка организација ЕТА, како што тврдеше владата на премиерот Хозе Марија Азнар. Неговата конзервативна Народна партија се до четвртокот, денот на атентатите, можеше да смета со сигурна победа на денешните избори. Но, по објавувањето на информацијата за видео пораката со која претставник на Ал Кадеа ја презема одговорноста за атентатите, јавното мнение во Шпанија се измени и опозиционите Социјалисти ја стигнаа владеачката Народна партија во анкетите на јавното мнение. Синоќа во повеќе големи градови ширум Шпанија повеќе илјади демонстранти протестираа против информативната политика на владата на Азнар, која курсот на поддршка на САД во ирачката војна ионака го протурка против волјата на големото мнозинство на шпанското население.

Во текстот на видео пораката што го објави денеска шпанското Министерство за внатрешни работи претставник на Ал Каеда ја презема одговорноста за нападите кои се случија точно две и пол години по атентатите во Њујорк и Вашингтон. "Тоа е наш одговор на вашата соработка со Буш и неговите сојузници. Ова е одговор на вашите злостори ширум светот, а посебно во Ирак и во Авганистан, а ќе има и други – ако е тоа Божја волја. Ако не престанете со неправдата, тогаш ќе потече уште многу повеќе крв и овие напади ќе бидат многу мали во однос на она што ќе уследи. Ова е порака на воениот портпарол на Ал Каеда за Европа, Абу Дуџан ел Авгани“ - се вели во видео снимката.

Шпанската полиција во меѓувреме уапси тројца Мароканци и двајца Индијци, за кои се сомнева дека учествувале во подготвката на атентатите од Мадрид. Владата на Мароко денеска објави дека ќе испрати делегација експерти за безбедносни прашања во Мадрид, која треба да им помогне на шпанските колеги во истрагата.

По објавувањето на ваквите индиции за потенцијалната вмешаност на Ал Каеда, политичарот на германската опозициона Христијано демократска Унија, Волфганг Бозбах, оцени дека владата мора темелно да ја преиспита заканата за безбедноста во Германија. Тој го обвини исто така министерот за внатрешни работи Ото Шили дека лекомислено ја презел оценката за организаторите на атентатите од шпанската влада, која сметаше дека зад сето стои ЕТА. Денеска на пладне во Берлин ќе се одржи седница на безбедносниот кабинет на Германија, на која ќе биде одново проценета безбедносната ситуација по новите откритија во Шпанија. На седницата ќе учествуваат канцеларот Шредер, министерот за внатрешни работи Шили, шефот на дипломатијата Фишер, како и шефовите на тајните служби. Министерот за внатрешни работи Ото Шили нагласи дека со промената на безбедбносната ситуација мора да се соочат сите европски земји. Белгија, пак, денеска предложи дури создавање Центар на тајните служби на ЕУ, кој ќе ги координира сите витални информации во контекст на зголемената опасност од тероризмот во Европа.