1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Аматерските филмови - потценето културно наследство!

8 јануари 2012

Во Македонија досега се регистрирани 1835 аматерски филмови. И покрај богатата филмографија, филмскиот аматеризам со години наназад е потценет и на маргините на културната сцена.

https://p.dw.com/p/13bMg
Македонската публицистка и филмска критичарка Илинденка ПетрушеваФотографија: Suzana Todorovska Pavlovska

„Аматерските филмови се дел од културното наследство“, вели Илинденка Петрушева, филмски критичар, публицист, долгогодишен истражувач на македонскиот аматерски филм која за себе ќе напише дека е „зависник од аматерскиот филм“!

На ова богатство на македонската кинематографија таа искрено ја посветува својата најнова студија „Време на игри и соништа (аматерскиот филм во Македонија од 1935-2011 година)“. Тоа е новата филмолошка книга на Кинотеката на Македонија која содржи изобилство од податоци за развојот на аматерскиот филм во земјата.

„Во периодот од 1935 до 2011 година во Македонија, според достапните извори, регистрирани се 1835 аматерски филмови кои претставуваат вистинска ризница на филмски сведоштва за времето во кое биле создавани“, вели Петрушева.

„Целата книга е историографски развој на планот на кино клубовите, појавата на првите авторски самостојни дела - 1935 година, од кога датираат филмовите и документите кои ги поседува и Кинотеката на Македонија; потоа појавата на Народна техника по војната и Кино сојузот на Македонија, кои работеа на тоа да се започне со поактивно делување на планот на аматерскиот филм. За читателите ќе биде интересно да осознаат дека аматерскиот филм е дел од македонската кинематографија како што е тоа секаде во светот и дека аматерскиот филм е аудиовизуелно културно наследство.“

Symbolbild Kino Filmrolle
Фотографија: Fotolia/Alexander Vasilyev

Негрижа за филмскиот аматеризам

Додека во другите земји аматерскиот филм го има истиот третман како професионалниот филм, кај нас со години наназад се наоѓа на маргините на културната и општествена поддршка.

„Поделбата аматерски-професионален филм е чисто економска. Професионалниот филм добива пари, филмските работници живеат од тоа, а аматерите за своето производство на филмовите не добиваат пари, освен за презентација на нивните дела на републички фестивал на аматерски филмови, што се ништожни пари! Тврдам дека голем дел од тие аматерски филмови се далеку подобри од ова што сега го гледаме како кратки филмови, без оглед што ги правеле професионалци, тие се направени крајно непрофесионално! Многумина сметаа дека кинематографијата е само професионалниот филм. Но, кинематографијата е една целина. Никаде во светот таа не се дели на професионално-аматерско. Но, никогаш не се поставува прашањето што е поквалитетно.“

Ilindenka Petruseva
Илинденка ПетрушеваФотографија: Suzana Todorovska Pavlovska

„Аматерскиот филм не подготвува професионалци за професионалниот филм. Тоа е хоби! Но, голем број од нив се „заразуваат“ со филм и потоа професионално започнуваат да се занимаваат со филмска работа”, објаснува за Дојче Веле, Илинденка Петрушева.

105-ти филм на Стефан Сидовски

Професорот Стефан Сидовски е икона на аматерскиот филм. Toj e eден од најактивните ентузијасти во создавањето на аматерски филмови со години наназад. Пред два дена го промовираше својот прв професионален краток игран филм „Образ“. Тоа е неговиот 105-ти филм.

„Нас, кино аматерите, не нè третираат многу сериозно па затоа го измисливме терминот алтернативен, независен или непрофесионален филм. Се обидуваме да се вклопиме во целината на македонската кинематографија. Јас ете ја добив можноста да снимам краток игран филм, а веројатно таа шанса ќе ја добијат и други аматери. Нас аматерите нè водат пред сè ентузијазмот и љубовта кон филмот, па така, да не се тие, никогаш не би снимиле филмови.“

BdT Spanien Filmfestival San Sebastian Symbolbild Kino
Фотографија: AP

Без познавање на филмскиот јазик нема филм, а ни критика

Првата филмолошка книга кај нас е „Филмот и политичкото“ на Томислав Османли, објавена пред 30 години. Но, новата историографска студија на Илинденка Петрушева „Време на игри и соништа“ не само што го отвора прашањето со долгогодишната негрижа за аматерскиот филм, туку фрла светлина и врз проблемот со филмската публицистика и критика кај нас.

Има малку објавена филмолошка литература, а што се однесува до филмската критика, „дневните весници објавуваат текстови за филм кои укажуваат на непознавање на филмскиот јазик“, вели филмскиот критичар и истражувач Илинденка Петрушева.

„Зошто филмска критика ако немаме кина и кино репертоар? Воспитувањето на младите не се случува само во текот на образовниот процес, туку зависи и од она што им се нуди надвор од тој образовен систем. Младиот човек гледа филмови, но некој треба да му каже овој филм е ваков, оној таков...Тука е клучниот момент во воспитувањето. Но, тука е клучот и на филмската критика. Тоа е една целина. За жал интересот на институциите е свртен кон професионалниот филм.“

„Аматерскиот филм не е блокбастер! Аматерскиот филм во слободата на своите толкувања е уметнички изблик. А филмот е синтеза на сите уметности! Без познавање на филмскиот јазик нема филм, нема експеримент, нема слобода на творењето“, пишува Илинденка Петрушева на крајот од својата најнова книга „Време на игри и соништа“.

Автор: Сузана Тодоровска-Павлоска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска