1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Амбасадата на САД одблиску го следи случајот „Смиљковци“

СН/ЕМФ/миа3 мај 2012

Амбасадорот на САД во Македонија Пол Волерс изјави дека од амбасадата се’ уште не се запознати со доказите за обвинетите лица во случајот со петкратното убиство кај Смиљковско Езеро.

https://p.dw.com/p/14oeh
Фотографија: MIA

„Низ светот има терористички настани, и ние самите бевме жртви на тероризам, и знам дека ова прашање тука се сфаќа сериозно. Ќе мораме да почекаме, да го видиме судењето и доказите“, изјави амбасадорот на САД Пол Волерс на новинарско прашање за тоа дали Македонија се соочува со закана од радикални исламисти.

Амбасадорот Волерс, во изјава дадена при посетата на општина Кисела Вода во Скопје, изрази надеж дека правосудниот систем ќе функционира според законите, за граѓаните да можат да имаат сигурност дека вистинските лица биле осудени.

„ Ги следиме состојбите по ужасните убиства на 12 април и искрено сочувствуваме со семејствата на убиените. Одблиску го следиме процесот, апсењата и истрагата, ќе ја следиме и судската постапка. Важно е да се почитуваат правилните процедури, за тие што го извршиле ова ужасно дело да бидат изведени пред правдата. Правниот систем треба да постапува според правилата и законите, за граѓаните да имаат доверба дека се осудени вистинските лица. Министерката Јанкулоска и самата кажа дека ќе се следи процедурата и да дозволиме тоа да се случи“, изјави амбасадорот Волерс.