1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Американска поддршка за Македонија во НАТО

БГ/макфакс28 јануари 2014

Сенаторите Мекејн и Марфи јавно изразија поддршка за членството на Македонија во НАТО, истакнувајќи дека целиот случај го нарушува кредибилитетот на Алијансата.

https://p.dw.com/p/1AyFR
Фотографија: picture-alliance/dpa

Американските сенатори Џон Мекејн (на фотографијата) и Кристофер Марфи сметаат дека поради случајот со Македонија, кредибилитетот и угледот на НАТО алијансата е доведен во прашање. Според републиканецот Мекејн, прашањето за проблемот меѓу Македонија и Грција е несфатливо.

„По прашањето на Македонија и Грција, за многу од нас тоа е едноставно несфатливо, дури и откако по многу пати нашите грчки пријатели ќе не‘ избрифираат и ни објаснуваат колку за нив е важно името. Се надевам дека ова прашање ќе се реши, но не можам да разберам како може името Македонија толку многу да ги навредува нашите пријатели во Грција. Можеби не сум доволно бистар“, изјавил Мекејн, кој беше претседателски кандидат од редот на републиканците на изборите во САД во 2008 година.

Сенаторот од Конектикат Кристофер Марфи оценил:

„Членството во НАТО се‘ уште нуди многу поволности. Знам дека има загриженост дека големите очекувања за проширувањето нема да се исполнат. Ако одиме по листата на држави - кандидатки, за секоја од нив има причини поради кои можеби нема да биде таму каде што сака да биде, дали е тоа спорот за името на Македонија, или граничните прашања на Грузија. Но, мораме да бидеме фокусирани на целта, бидејќи ако имаме низа на самити на кои нема проширување, тоа ќе делува да се залади интересот на кандидатите за членство“, порачал демократот Марфи.

Мекејн и Марфи на Центарот за стратегиски и меѓународни истражувања во Вашингтон се осврнаа на предизвиците кои се пред НАТО во пресрет на претстојниот самит во Велика Британија.