1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Американските трупи велат „goodbye“ Ирак

31 август 2010

Трупите на САД се повлекуваат од Ирак. Денес (31.08) американскиот претседател Барак Обама ќе го прогласи крајот на воената мисија на САД во Ирак. Сепак, и седум години по падот на Садам Хусеин, во земјата не владее мир.

https://p.dw.com/p/Ozby
Заврши воената мисија на САД во ИракФотографија: AP

Преостанатите американски војници во Ирак се советници и инструктори без борбена задача. И тие треба да си заминат кон крајот на следната година. Ирак, кој е богат со нафта, но заслабнат од војната, сега со сопствени сили треба да се докаже во кризниот регион на Блискиот Исток. Абдел Бари Атван, главен уредник во весникот „Ал Кудс ал-Араби“ на земјата и предвидува мрачна иднина:

„Мислам дека Ал Каeда ќе се врати во Ирак. Ирак се развива во насока на хаос и анархија, и со тоа ќе настанат уште порадикални групи од Ал Каeда.“

Безбедносните сили не се лојални


Kämpfe im Irak - Irakische Polizei
Локалната полиција не е веродостојнаФотографија: AP

Ова мислење на Атван е поттикнато од последните напади. Според информациите од ирачките власти, во јули загинале 535 луѓе, што е најмногу во изминатите две години. Американците многу инвестираа во обуката и вооружување на полицијата, војската и тајните служби во Ирак. Сепак, тие не се веродостојни, предупредува Хилал Касан, експерт по политички науки на Американскиот универзитет во Бејрут:

„Бројноста на ирачките безбедносни сили е импресивна. Проблемот е лојалноста. Ирачкото општество е поделено, верски и етнички. Во одделните општествени групи, од друга страна, има конфликти. Вистински предизвик е да се одржи земјата во целина, и да се одржат законот и редот.“

Голема верска и етничка поделеност


Irak Sicherheit Polizei Kontrolle
Контролен пункт на безбедносните сили во централен БагдадФотографија: AP

Верската и етничката поделеност досегнува дури до одделни единици во полицијата и армијата. Ирачката армија не е во состојба самата да се грижи за безбедноста и редот, признава шефот на генералниот штаб Бабакир Зебари. Многу полицајци и припадници на армијата се корумпирани. Се‘ може да се добие за пари, информации за планираните рации и операции на армијата, како и неконтролираното поминување низ контролните пунктови на безбедносните сили.

Од парламентарните избори пред речиси шест месеци, земјата е во криза поради раководството. Се‘ уште не се знае кој ќе ја формира владата. Сите ирачки водечки политичари имаат свои сојузници во странство. Победникот на изборите Иџад Алави има поддршка од Турција, Саудиска Арабија и САД. Неговиот противник Нури Ал Малиќи има поддршка од Иран. Поради тоа е уште покомплицирано да се најдат компромиси.

Се‘ повеќе терористички напади


Österreichische Geiseln in Al Kaida Gefangenschaft in Nordafrika Tunesien Algerien 2008
Во земјата има се‘ повеќе терористички групиФотографија: picture-alliance/dpa

Неспособноста на ирачките политичари им оди од рака на екстремистите. Тоа се пред се‘ невработени, кои лесно пристапуваат во одметничките банди и терористички групи во Ирак. Млади мажи без професионални и приватни перспективи, кои немаат излез и стануваат насилни.

Јасна е пораката од зачестените напади. Овој проблем не може да се реши по воен пат, смета долгогодишниот експерт за Блискиот Исток и дописник на британскиот весник „Индепендент“, Роберт Фиск:

„Во моментов, во муслиманскиот свет имаме повеќе западни војници по човек од локалното население, отколку во времето на Крстоносните војни. Тоа не е добро. Тоа не е демократија, туку воено владеење. Проблемот е во тоа што луѓето во овие региони, вклучувајќи го Ирак, и натаму ги прифаќаат нашите лекари, интелектуалци, инженери. Но, изгледа не ги прифаќаат нашите војници.“

Автор: Феликс де Кувеланд / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема