1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаСоединети Американски Држави

Американски зомби компании пред банкрот

Дојче веле
18 јуни 2022

Ако САД дополнително ги зголемат каматните стапки, тоа може да биде крај за многу компании. Дали работниците и економијата во целина ќе ја платат цената за промената на каматните стапки?

https://p.dw.com/p/4CkkB
Black Friday 2021 | Schlange vor Macy's in New York
Фотографија: Jeenah Moon/REUTERS

„Мејси“, „Боинг“, „Делта“ и „Американ ерлајнс“ - овие компании се симболи на американскиот капитализам. Но, зголемувањето на каматите наскоро може да создаде големи проблеми, бидејќи досега многу компании се одржуваа во живот со помош на евтини кредити. Нивното постоење зависи од поволното каматно опкружување, а зголемувањето на каматните стапки во САД, кое штотуку започна, може да значи дека на многу компании им се избројани деновите.

„Секое зголемување на каматните стапки тешко ќе ги погоди тие компании“, предупредува професорот Хуан М. Грана, кој предава економија на Универзитетот во Буенос Аирес и е советник на аргентинската влада. 
Долговите често ги спречуваат т.н. „зомби компании“ да инвестираат и со тоа да ја стимулираат економијата. Некои аналитичари се задоволни од новата пазарна атмосфера, бидејќи овие компании ги користат ресурсите и квалификуваните работници кои недостигаат на други места. Други предупредуваат дека бранот банкроти меѓу зомби компаниите може да предизвика рецесија. 

Кога компанијата е „зомби“? 

Не е точно дефинирано. Терминот првенствено се однесува на компании кои едвај успеваат да ги вратат долговите преку дополнителни заеми и во исто време акумулираат дополнителна должничка камата. Овие фирми со години едвај ги покриваат оперативните трошоци, а не остваруваат никаков профит. 
Би можеле да се наречат и „компании на работ на банкрот“. Според пресметките на „Морган Стенли“, 16 отсто од американските компании се таканаречени „зомби“. Новинската агенција Блумберг известува дека околу една петтина (околу 600) од 3.000 најголеми компании во САД се „зомби“. Нивните долгови изнесуваат вкупно 900 милијарди долари (853 милијарди евра). 

Ниту во Европа не е подобро 

Но, има и голем број компании во Европа кои едвај можат да ја држат главата над вода. Тешко е да се најдат точните бројки, бидејќи ниту една компанија не сака да ја нарекуваат „зомби“.
Ниската продуктивност и високиот товар од долгот често се надокнадуваат со ниските плати и лошите услови за работа, објаснува професорот Грана. За многумина е изненадувачки што познати американски компании се меѓу зомби- компаниите. 
Некои зомби компании успеваат да се извлечат- на пример енергетскиот гигант „EксонМобил“. Со падот на побарувачката поради пандемијата, компанијата се најде на работ на банкрот, но сега, во сосема поинакво пазарно опкружување, компанијата повторно работи добро - главно поради зголемувањето на цената на нафтата. 

Delta Airline Flug I Flugzeug
Авиокомпаниите се борат да преживеат од последиците од пандемијатаФотографија: Nicolas Economou/NurPhoto/picture alliance

„Евтините пари се глупави пари“ 

Централноамериканската ФЕД во моментов се обидува да ја контролира зголемената инфлација. Затоа ги зголемува каматните стапки и може да закопа многу зомби компании. Како што растат каматните стапки, растат и кредитите.
ФЕД најверојатно ќе ги зголеми каматните стапки за дополнителни 0,5 процентни поени. Со оглед на историски високите потрошувачки цени, некои експерти дури сметаат дека се замисливи 0,75 отсто. Неодамна, ФЕД веќе ги зголеми клучните каматни стапки за половина процентен поен, а исто така ја намали и програмата за купување обврзници.

„Во учебниците пишува - кога каматите растат, растат и каматите за послабите компании“, вели професорот Карл Шмедерс од Економскиот факултет на Универзитетот во Цирих. Зголемувањето на каматната стапка во САД значи јасен крај на политиката на евтини пари што поддржа многу зомби компании од финансиската криза во 2008 година, а потоа и понатаму за време на корона-кризата. Таа политика беше клучна за економското закрепнување, вели Шмедерс во изјава за ДВ.
Меѓутоа, на своите студенти тој постојано им го кажува следново: „Евтините пари се глупави пари“. Лесното позајмување вештачки одржа многу зомби-компании во живот.

Што е полошо, според професорот Шмедерс, многу компании користеа евтини кредити за да ги откупат своите акции со цел да ја зголемат сопствената цена, место да инвестираат во компанијата. Тој истакнува дека тоа особено често го прават авиокомпаниите.

Американските авиокомпании потрошија повеќе од 90 отсто од својата слободна „готовина“ на откуп на акции во деценијата пред короната, што тогаш беше шок за нив бидејќи нагло ја намали побарувачката. Но, сега каматите растат, а тековните кредити поскапуваат. Можеби ќе биде дури и тешко да се најдат инвеститори на моментално несредениот пазар. 

Кој ќе го понесе товарот од банкротите? 

Прашањето е колкава штета предизвикува „смртта“ на зомбите? Или можеби таквото прочистување е добро за економијата?
Според Џозеф Е. Гањон, од Институтот за меѓународна економија Петерсон во Вашингтон, тоа зависи од макроекономските услови во одредена земја. „Можеби е вистина дека зомби-компаниите не можат да платат камата на нивниот долг, но тие ги плаќаат своите работници, нивните работници произведуваат нешто што луѓето го купуваат и не е добро да останат без работа“. 

Според Гањон, пуштањето на зомби-компаниите низ водата за време на рецесијата е опасно, бидејќи другите компании не би можеле да ја апсорбираат невработеноста што ќе настане. Од друга страна, времето на многу висока вработеност и многу висока инфлација „е идеално за крајот на зомби компаниите“, вели Гањон.

„Ако некои зомби сега умираат затоа што не можат да ги исплатат повисоките плати што им се потребни или високите сметки за енергија, тогаш тоа не е лошо во овој момент“. Економијата што расте теоретски би можела да ги апсорбира отпуштените работници, што ќе го направи банкротот на зомби-компаниите помалку болен.

Професорот Грана смета дека американската економија во моментов е доволно силна за да избегне рецесија за време на порастот на каматните стапки. Сепак, тој е критичен за натамошното зголемување на каматите: „Проблемот е што оваа политика ги погодува сите, а тоа ќе го почувствуваат и работниците. Ако многу зомби компании банкротираат, не можете  да се потпрете на тоа дека пазарот на труд веднаш ќе се прилагоди. Која политика и да ја изберете, ќе има многу губитници“.