1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Американците го потопија „бродот дух“

Александар Методијев /АТ/ројтерс/афп6 април 2012

Американската крајбрежна служба отвори оган на напуштен јапонски рибарски брод, кого морето по минатогодишното цунами го носело кон Алјаска. Пет часа по првото пукање, бродот потонал.

https://p.dw.com/p/14YrW
Фотографија: DW

Крајбрежната служба пукала кон јапонскиот брод за да го потопи во морето, бидејќи тој претставувал опасност за останатиот поморски сообраќај. Јапонскиот сопственик на бродот претходно изјави дека не планира да го спаси бродот. И покрај тоа, канадски морнари се обидоа да го спасат бродот, но по неговата проверка ја отфрлија таквата идеја.

„Бродот дух“ од март минатата година минал илјадници километри низ Пацифичкиот Океан. Морал да биде потопен, затоа што претставувал посебна опасност ноќе за останатите бродови кои транзитираат во таа област, информираа од крајбрежната служба на Алјаска, од каде додадоа дека тој не претставува опасност за загадување на околината.

„Ако има гориво во него, веројатно тоа е дизел гориво, кое многу брзо ќе исчезне и затоа има мал ризик за околината“, изјави портпаролката на Крајбрежната служба на Алјаска, Сара Францис.

По минатогодишната елементарна непогода во Јапонија, околу 20 милиони тони остатоци се разнесуваат низ водената површина, а научниците од Хаваи развија компјутерски програми за предвидување на нивното движење и за тоа кога и каде би можеле да стасаат до крајбрежјето.