1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

180511 Strauss-Kahn Fluchtgefahr

18 мај 2011

Меѓу Франција и САД не постои договор за испорака. Ако Строс-Кан стигне во Франција, њујоршкото обвинителство не гледа веќе можност да издејствува негово враќање. Се стравува од таканаречен „Роман Полански ефект“.

https://p.dw.com/p/11IeW
Доминик Строс-Кан во суд
Доминик Строс-Кан во судФотографија: dapd

Американскиот министер за финансии Тимоти Гајтнер бара на раководната позиција на Меѓународниот монетарен фонд да се постави лице кое ќе ги преземе работите во свои раце. Важно е некој да ја заземе функцијата директор, изјави Гајтнер во Вашингтон, додавајќи дека Доминик Строс-Кан очигледно не е во состојба да го води ММФ. Шефот на ММФ беше уапсен во саботата во Њујорк и мора да остане во притвор, барем до петок, кога повторно ќе биде изведен пред судија. Неговото барање да биде ослободен со кауција, на почетокот на неделава беше отфрлено. Дали американското правосудство се плаши од „синдром Полански“?

Од луксуз-во ќелија во озлогласен затвор

Доминик Строс-Кан, вообичаено навикнат на луксуз во хотели со пет ѕвезди и летови во прва класа, сега е во три на четири метри голема ќелија, во еден од најпознатите американски затвори. Огромниот затворски комплекс од триесетите години на минатиот век, што се наоѓа на остров на Ист Ривер, во близина на њујоршкиот аеродром Ла Гвардија, важи за „хорор-затвор“. Тој не само што со 11-те илјади затвореници кои се сместени таму е постојано преполн, туку поради делата за кои се товарат затворениците важи и за екстремно опасен. За да биде заштитен од другите зтавореници, Строс-Кан е сместен во најмалото од вкупно петте затворски крила, таканареченото западно крило. Тој е дел за изолација и наменет е специјално за затвореници кои имаат заразни болести, така што овозможува познатиот затвореник Строс-Кан да биде одделен од другите.

Dossierbild 3 Strauss-Kahn vor Gericht
Фотографија: AP

„Судската битка допрва почнува“

Адвокатот на Строс-Кан Бенџамин Брефман изрази разочарување поради одлуката на судот да не го пушти на слобода со кауција неговиот клиент, туку тој да остане во еден од најопасните американски затвори најмалку до петок, 20. мај. Тој уште нагласи:

„Судската битка допрва почнува.“

Американските медиуми, во меѓувреме, се прашуваат дали американските истражители ќе постапуваат со особена цврстина против Французинот. Американската телевизија Си-Ен-Ен прашува - дали не е невообичаено некој како Строс-Кан да биде спречен да отпатува, да му биде одземен пасошот и да се стави во истражен затвор? Познатата американска правничка и поранешна обвинителка Линда Ферштајн објаснува:

Verhaftung Strauss-Kahn Medien Frankreich
Голем публицитет во медиумитеФотографија: picture-alliance/dpa

„Истрагата, во случајот на Строс-Кан го направи она што е единствено исправно - имено, го спречи да отпатува од земјата поради сомневањата за кривично дело.“


Стравување од повторување на случај како оној со Полански

Меѓу Франција и САД не постои договор за испорака. Ако Строс-Кан стигне во Франција, њујоршкото обвинителство не гледа веќе можност да издејствува негово враќање. Се стравува од таканаречен „Роман Полански ефект“. Познатиот режисер во 1977 година во САД се изјасни за виновен во процесот за силување на 13-годишно девојче, но пред да биде осуден замина за Франција и веќе 30 години ја избегнува американската правда. Заменикот-њујоршки обвинител Даниел Алонсо побара од судијката да се сети на бегството на Полански и нагласи дека случајот Строс-Кан е апсолутно споредлив со него.

Dominique Strauss-Kahn Verhaftung New York USA
Што се случило во хотелската соба?Фотографија: AP

Експертот по право Ферштајн нагласува дека натамошната постапка зависи од изјавата што под заклетва ја дава 32-годишната собарка која го обвини Строс-Кан за силување. Важни индиции, притоа се ДНК-трагите, како и видео-снимките од холот во хотелот Софител. Стратегијата на одбрана на Строс-Кан, според весникот „Њујорк пост“ сега гласи: она што се случило се случило со согласност на двајцата.

Според информации на чувар во затворот каде што се наоѓа Строс-Кан, шефот на ММФ е под особено набљудување поради опасност од самоубиство. Засиленото набљудување е воведено по психолошката проверка на 62-годишниот Строс-Кан, но како што се нагласува, тој досега не се обидел да се самоповреди.

Автор: Ралф Зина/афп/дапд/Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска