1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови права

Амнести: Година на изневерени ветувања

Лиза Хенел
29 март 2022

Според Амнести интернешнл, 2021 беше мрачна година со изневерени надежи – и сѐ поголема моќ на дигиталната технологија. Цивилното општество е под сѐ поголем притисок.

https://p.dw.com/p/499Yv
Протести по воениот пуч во МијанмарФотографија: REUTERS

„Изминатата 2021 навистина беше година полна ветувања. Но, реалноста изгледаше сосем поинаку“. Вака Филип Лутер, еден од авторите, ги сумира резултатите на годинешниот извештај на Амнести интернешнл.  Оваа организација секоја година го следи развојот на ситуацијата во 154 земји и во глобална анализа укажува на најважните трендови во поглед на човековите и граѓанските права.

Во 2021 година, како што е наведено, постоела надеж дека луѓето ширум светот „на фер начин ќе излезат од  пандемијата“.  Но, истакнува Лутер, особено богатите земји ја спречија широката продукција и дистрибуција на вакцини. Во извештајот се наведува: „Помалку од осум проценти од 1,2 милијарди луѓе во Африка беа целосно вакцинирани до крајот на годината, што е најниска стапка во светот и далеку од зацртната цел на Светската здравствена организација (СЗО) од околу 40 проценти.“ 

Во 2021, година на пандемијата, до разочарување не довел само недостигот на вакцини. Истражувањата покажале дека многу влади ја користеле пандемијата за да вршат притисок и да го ограничат дејствувањето на опозицијата и структури на цивилното општество. „Тоа е нешто што важи за сите региони и тоа е една од причините зошто го нагласивме во нашата глобална анализа. Некои влади целно ја користеа  пандемијата како изговор за ограничувања на слободата на изразување“, изјави Лутер за Дојче веле. Примери за земји во кои протестите биле прекинати и во кои активистите за заштита на човековите права биле во опасност  се Камбоџа,  Русија,  Кина и многу други.

Според извештајот на Амнести интернешнл, и покрај коронавирусот пстоел притисок врз цивилното општество, што го потврдуваат и многу други организации. Зилке Фајфер, шефица на одделението за човекови права и мир во евангелистичката хуманитарна организација „Леб за светот“, за ДВ вели: „Постојат различни стратегии кои на организациите на цивилното општество во различни делови од светот сѐ повеќе му ја отежнуваат работата. Тие се посебно насочени против одделни активисти кои се дискриминирани, кон кои се вршат закани, се прогонуваат, па дури и убиваат.“

Од друга страна, постои стратегија на создавање амбиент во кој на „организациите на цивилното општество им е сѐ потешко да дејствуваат. Таа досега до затворање невладини организации, на што сме постојано сведоци.“ Пример за тоа: пред само неколку дена претседателот на Никарагва, Даниел Ортега нареди затворање на 25 невладини организации. Една од нив е и организацијата која е партнерска со „Леб за светот“.

Russia Moskau Protest
Без оглед на репресиите, многу луѓе протестираа во МоскваФотографија: Mikhail Tereshchenko/dpa/TASS/picture alliance

Дигиталната технологија меч со две острици

Една од методите кои ја користат и владини и невладини оргаизации, а која се појавува и во извештајот на Амнести интернешнл и која организацијата „Леб за светот“ ја потврдува од праксата на своите партнерски организации, е и сѐ поголемо користење на дигиталната технологија. Филип Лутер таквиот развој го опишува како „меч со две острици“. Јасно е, вели тој, дека јавните служби дигиталната технологија  ја користат на многу позитивни начини, но „начинот на кој ја користат во смисол на влијаење врз човековите права, често е многу негативен и се одвиваше тајно. Во многу случаи владите се обидоа да ги исклучат и попречат инструментите кои на цивилното општество му овозможуваат подобро комуницирање и ширење информации.“ 

Годишниот извештај на Амнести интернешнл наведува повеќе примери: од најдолгото досега на Амнести познато исклучување на интернет, од 4 август 2019 до 5 февруари 2021 година во Џама, во Кашмир во Индија, преку употреба на софтвер за препознавање ликови на протестите во Москва, што водело до апсења, па до екцесивна употреба на  шпионскиот софтвер Пегаз  против новинари, опозиционери и активисти за човекови права.

„Можеше да се види дека властите тактички го исклучуваа интернетот во одреден момент за да ги спречат луѓето да споделуваат информации за потенцијални протести и да организираат протести против репресијата во земјата. Тоа не е случајност, тоа е ставање сопки на цивилното општество“, сумира претставникот на Амнести, Лутер. 

Зилке Фајфер лани забележала нешто слично. Таа исто така нагласува дека интернетот е важен начин за организирање и мобилизирање на цивилното општество. „Истовремено, во цел свет исто така може да се забележи дигитално унапредување на влади и други актери и дека тие сега преземаат многу силни мерки против слободата на интернет, преку цензура, укинување на услугите на интернет, преку масивен надзор. И секако дека интернетот, а посебно социјалните мрежи, станаа простор во кој исклучително брзо се шират омраза и насилство.“ 

Уште има надеж

По 2021, година во знак на пандемијата, во која е вршен притисок врз цивилното општество, во која владини агенции ја злоупотребувале својата моќ на интернет мрежата и надвор од неа, во годишниот извештај на Амнести сепак се јавува и зрак надеж. „Ако на оние кои во 2021 година беа на власт им недостигала амбиција и идеи како да се борат против најголемите непријатели на човештвото, тоа не важи за луѓето кои би требало да ги претставуваат“, пишува Агнеза Каламар, меѓународна генерална секретарка на Амнести интернешнл во предговорот на годинешниот извештај.

Според овој документ, во 80 земји ширум светот луѓето излегуваа на улици да се борат за своите права – во Русија, Индија, Колумбија, Судан и Либан. Излегуваа често и со сознание дека нивниот ангажман може да има далекусежни последици. За Филип Лутер од Амнести, една работа би требало да биде во фокус во 2022: „Мораме да веруваме во храброста на демонстрантите.“