1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јавниот долг е голем товар за економијата

Александар Манасиев
29 февруари 2020

Над 700 милиони евра треба да бидат вратени во 2020 година и 500 милиони евра во 2021 година. Тоа е сума доволно да се изградат и опремат три современи Клинички центри или над 200 нови училишта и градинки.

https://p.dw.com/p/3Yayf
Bundesverfassungsgericht kippt Grundsteuer
Фотографија: picture-alliance /K. Ohlenschläger

Денес градиме, утре ќе платиме! Ова веројатно била девизата на креаторите на проектот „Скопје 2014“ кога пред една деценија почнаа да ги градат скапите објекти и стотиците споменици. Сметките за овој, некогаш посочуван како „грандиозен проект“, се еднакво грандиозни и допрва стасуваат за плаќање. Пресметките на истражувањето „Скопје 2014 под лупа“ покажуваат дека промената на ликот на македонската метропола ја чинеше државата над 650 милиони евра, но вистинската цена е поголема поради задолжувањето со високи камати со кое се финансирала изградбата. Во превод, се трошеле пари што државата ги немалa за нешто што е дискутабилно дали било потребно и дали во моментот било приоритет.  

Во 2020 и 2021 година државата треба да ги врати парите од задолжувањата во 2013 и 2014 година и тоа вкупно 1,2 милијарди евра јавен долг. Над 700 милиони евра треба да се вратат во 2020 година и 500 милиони евра во 2021 година, стои во писмениот одговор што го добивме од Министерството за финансии. Оваа сума е доволна да се изградат и опремат три современи Клинички центри или над 200 нови училишта и градинки. 

Иако сите позајмени пари не се потрошени за проектот „Скопје 2014“, сепак добар дел е финансиран токму преку овие позајмувања креирајќи должничка спирала во наредните години. Но што всушност претставува јавен долг? Кога јавните приходи не се доволни за покривање на јавните расходи, државата разликата ја покрива преку задолжување. Износот на задолжувањето е всушност јавниот долг. Државата може да се задолжи дома преку приватниот сектор и преку задолжување во странствo.

Овие стари долгови се како товар чија тежина допрва ќе ја почувствуваме, а во меѓувреме иако неплатени објектите почнаа да покажуваат сериозни структурни слабости и посериозни оштетувања. Распуканите фасади од стиропор, изронетите ѕидови и покриви кои прокиснуваат во дел од објектите се видливи безмалку за сите граѓани, додека долговите најчесто се „невидливи“, барем за најголем дел од граѓаните.

Инфографик (Погледнете како се движел јавниот долг)

„Годинaва треба да се отплатат стари долгови во износ од 702,7 милиони евра, од кои кон надвор, односно надворешен долг - 437,8 милиони евра и домашен долг од 264,9 милиони евра. Во 2021 доспева еврообврзницата од 2014 година во износ од 500 милиони евра“, велат од Министерството за финансии.

Јавниот долг е секогаш поголем од државниот бидејќи тој е збир на државниот долг и долгот на јавните претпријатија основани од државата или од општините, како и трговските друштва кои се во целосна или во доминантна сопственост на државата или на општините, за кои државата има издадено државна гаранција.

Во последниве две децении јавниот долг значително се намалил само во периодот од 2005 до 2008 година достигнувајќи рекордно ниско ниво истата година од 1,5 милијарди евра. Вртоглавото задолжување почнува од 2010 до 2016 година, период кој коинцидира со изградбата на проектот Скопје 2014. 

За овие неколку години расте тројно достигнувајќи 4,7 милијарди евра за што директно и од меѓународни претставници беше критикувана тогашната владина коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Но, долгот растеше и по промената на власта и денес тој достигнува 5,54 милијарди евра или 48,9% од Бруто домашниот производ поточно вредноста на сè што ќе се произведе во  земјата во текот на една  година.

Ако се подели долгот со бројот на жители од последниот попис тоа значи дека секој граѓанин на државата има долг од 2.667 евра.  Долгот очигледно ќе продолжи да расте, ако се суди според најавите на Министерството за финансии. 

Mazedonien Geld Denar
Секој граѓанин на Северна Македонија има долг од 2.667 евра.Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

„Согласно ревидираната фискална стратегија за периодот од 2020-2022 година, јавниот долг за 2020 година е проектиран на 50,4% од Бруто домашниот производ“, велат од Министерството.

Големото задолжување во последнава деценија беше критикувано од ММФ, но и во извештаите на Европската комисија за напредок кон ЕУ со напомена дека буџетскиот дефицит односно разликата меѓу помалите приходи во буџетот, а поголемите трошоци го предизвикува растот на јавниот долг. Се критикуваа и непродуктивните трошења за проекти како за „Скопје 2014“ или растот на плати во јавната администрација и пензиите, најчесто пред избори.

Во превод, Владите се задолжуваат, но не за финансирање на капитални проекти туку за плати на администрацијата и за покривање на големите дупки во ПИОМ со цел непречена исплата на пензии и одржување на социјалниот мир. Овој тренд е нагласен посебно во изборни години кога се ветува раст на плати и пензии со цел да се добијат политички поени, но на долг рок ваквите потези само ја зголемуваат дупката во буџетот.

Во Фискалната стратегија за периодот од  2020-2022 година предвидено е буџетскиот дефицит да се намали со цел да се намали и јавниот долг.

Можни сценарија за иднината

Јавниот долг е добар инструмент и за политичко препукување. Додека коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ беше на власт, а во кој период тројно се зголеми јавниот долг тогаш прилично гласна беше и опозициската СДСМ за неконтролираното зголемување на јавниот долг. Сега кога со државата управува коалицијата СДСМ и ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ обвинува за недомаќинско задолжување на државата и за неефикасно справување со јавниот долг. Она што е факт е дека јавниот долг не се намалил од 2008 досега, односно постојано расте без разлика кој е на власт, а ефикасноста на политиката за управување со јавниот долг никој не ја оценува. 

Nord-Mazedonien l Pressekonferenz in Skopje mit Angelovska und Zaev
Министерката за финансии Нина АнгеловскаФотографија: DW/P. Stojanovsk

Последен пат Државниот завод за ревизија извршил ревизија за успешност во управувањето со јавниот долг во 2010 година и од тогаш ваква ревизија не е направена.

Од Министерството за финансии велат дека значително е зголемена транспарентноста за тоа колку е задолжена државата, со новиот портал каде граѓаните имаат увид во задолжувањата.

„Со ваквото лесно разбирливо претставување на податоците за јавниот долг, убедени сме дека ќе придонесеме кон намалување на заблудите кои постојат во однос на задолжувањето, нивото и одржливоста на јавниот долг, а воедно ќе придонесеме и кон финансиска едукација на широката јавност“, вели министерката за финансии Нина Ангеловска. 

Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ кој додека беше советник на поранешниот министер за финансии Драган Тевдовски директно беше вклучен во процесот на управување со јавниот долг објаснува дека се можни две сценарија кога станува збор за идното управување со долгот.

„Песимистичкото сценарио е налик на она што ни се случи по 2008 година. Тогашната власт ги намалуваше даноците, делумно од идеолошки причини, но делумно и од незнаење. Истовремено со тоа, трошеше пари на коруптивни проекти, како „Скопје 2014", но и на евтин популизам, како раст на пензии пред секои избори“, вели тој.

Според него, таквите политики на намалување на приходите и зголемување на расходите неминовно водат до ескалација на долгот.

„Нешто слично може да се забележи и кај оваа влада во последните месеци, со „замрзнувањето“ на прогресивниот данок, со растот на пензиите, со мерките за поддршка на компаниите од 110 милиони евра и слично со што песимистичкото сценарио е дека ќе продолжи ваквото неодговорно однесување и во наредниот период, со што и долгот ќе почне пак да расте“, оценува Јовановиќ.

Според него, оптимистичкото сценарио е дека она што се случи во 2019 ќе биде само еднократно надевајќи се дека „новата влада ќе се наврати на праксата на одговорно управување со јавниот долг од 2017 и 2018 година, со што и долгот ќе се задржи под контрола“. 

Blagica Petreski
Реалистично сценарио е долгот да продолжи да расте со блага до умерена динамика, вели Благица ПетрескиФотографија: Privat

И Благица Петрески, од невладината Finance Think смета дека песимистичко сценарио е да се врати државата на старата патека во која тековните трошења, особено за популистички цели ќе се финансираат со задолжување. 

„На тој начин се овозможува комодитет на тековните генерации кои ќе го отплаќаат идните генерации. Оптимистичко сценарио е ако стабилизацијата на јавниот долг продолжи, и за 3-4 години растечкиот тренд се сврти во опаѓачки. Реалистично сценарио е долгот да продолжи да расте со блага до умерена динамика, притоа исклучително финансирајќи капитални инвестиции, кои ќе дадат највисок поврат во следните години и декади, па економијава ќе може лесно да ги отплаќа овие долгови“, објаснува Петрески.

Како до одржлив јавен долг

Инаку јавниот долг го создаваат Владата, јавните установи основани од државата, општините, јавните претпријатија и трговските друштва во доминантна сопственост на државата и на општините. 

Северна Македонија: Шиење за милостина

Во 2019 година, според Министерството за финансии, државата отплатила 261,1 милиони евра по основ главница (од кои поголеми отплати 57 милиони евра за државни обврзници издадени во 2014 и 2017 година како и за обврзници за денационализација, 27 милиони евра за отплата на кредит за гасификација, 8,7 милиони евра отплата кон ЕБОР за Коридор 10 - и 4 милиони евра за ХС Злетовица).

Отплата на долг се всушност сите плаќања по основа на пристигната камата и главнина кои произлегуваат од претходно создаден долг. Главнината претставува дел од основен долг којшто се плаќа во одреден период. Каматата претставува трошок што се плаќа за долгот.

Во 2019 исплатена е камата од 131,8 милиони евра, од кои дел се однесуваат на главницата исплатена во 2019 година, а дел за други активни кредити.

За отплата на јавниот долг за 2018 година, во кој се вклучени државниот долг и гарантираниот долг на јавните претпријатија, беа потрошени вкупно 680,13 милиони евра од кои 544,83 милиони евра за отплата на главницата и 135,3 милиони евра за отплата на камата.

Дури и помалку упатените знаат дека јавниот долг може да биде одржлив само ако мерките кои го стимулираат економскиот раст, влијаат на одржливоста на долгот. На пример, изградбата на патна, железничка инфраструктура, гасификацијата носат додадена вредност во економијата - како што вели Светската трговска организација „секој вложен денар во инфраструктура се враќа четирикратно“.

Ова се проекти кои се финансираат главно со развојни кредити од меѓународни финансиски институции и за кои се повлекуваат поголеми суми.

Од Министерството за финансии велат дека „токму за вакви намени се користат кредитите од новите задолжувања и тоа на среден рок, со повлекување на средства преку овие проекти јавниот долг се зголемува, но на подолг рок тоа ќе влијае исклучително позитивно на економијата, ќе се креираат нови вредности, многу повисоки од тој долг".

Според информациите на ова министерство, во периодот од третиот квартал 2017 до третиот квартал 2019 јавниот долг се зголемил за околу 600 милиони евра. Дел од парите биле користени за изградба на автопатот Миладиновци-Штип (76 милиони евра), изградба на автопатот Кичево-Охрид (120 милиони евра), изградба на гасоводот (55 милиони евра), изградба на Коридорот 10 (48 милиони евра), изградба на патот Радовиш-Штип (20 милиони евра), проектот за патишта (35 милиони евра), проектот за магистрални и регионални патишта (29 милиони евра) и проектот за мали и средни претпријатија (44 милиони евра).

„Иако, станува збор за големи повлекувања, сите овие проекти се од исклучителна важност за развој на економијата, но и за обезбедување на подобри услови за живот на граѓаните. Важно е за што се позајмуваме, односно за што се трошат парите. Ако тие се инвестираат во проекти кои ќе имаат голем поврат за економијата, ќе креираат економски раст и ќе дадат фискална мултипликација тогаш може да се каже дека задолжувањето е оправдано “, велат од Министерството за финансии.

Благица Петрески од Finance Think  објаснува дека Стратегијата за управувањето со јавниот долг која е дел од Фискалната стратегија е коректно развиена, но непрецизна.

„Ние ја следиме подолго време и забележуваме дека таа е доста непрецизна во делот на проектирањето, односно се води од некаков „калап“, којшто само се препишува од година во година, а недостасува убедливо идентификување на ризиците по фискалните финансии, вклучително и по јавниот долг, кои секако се менуваат од година во година“, вели Петрески.

Дополнува дека во последната Фискална стратегија 2020-2022, документ објавен во мај 2019, се предвидува дека јавниот долг во 2019 ќе изнесува 51,7%, а годината се заврши со околу 48%.

„Иако ова навидум не е голема разлика, сепак упатува на недоволно прецизно квантифицирање на ризиците, кои може да влијаат и врз намалување и врз зголемување на јавниот долг и да придонесат до вакви отстапувања“, објаснува таа.

Она што е проблематично во однос на новите задолжувања е фактот дека нема инструмент на контрола и никој не може да знае за што точно се трошат парите со оглед дека се распределуваат во неколку буџетски години. Кога некоја Влада ќе се задолжи парите одат во централниот буџет. Дури и да се тврди на хартија дека се инвестираат во автопати може со дел од парите да се игра на картата-купување гласови преку зголемување на плати на администрацијата и поволности за приватниот сектор. Но секако, изборните ветувања ако се исполнат повлекуваат нови буџетски дупки и потреба од нови задолжувања.

Подготовката на оваа истражувачка сторија е поддржана од Иницијативата за демократија на Западен Балкан, програма на Фондацијата за демократија на Вестминстер. Содржината на оваа истражувачка сторија не ги одразува ставовите или мислењата на Фондацијата за демократија на Вестминстер или Британската влада.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи