Анан во Техеран
2 септември 2006Генералниот секретар на ОН Кофи Анан денеска допатува во Техеран на разговори со иранското раководство околу спорната атомска програма на таа земја, но и за кризата во Либан и поддршката од Иран за милицијата на Хезболах. Прв соговорник во иранскиот главен град му е министерот за надворешни работи Манушер Мутаки, а предвидена е и средба со главниот преговарач во атомскиот спор Али Лариџани. Утре тој ќе разговара и со претседателот Махмуд Ахмадинеџад. Како што беше објавено спроти сегашнава посета, Анан ќе се обиде да ги убеди соговорниците Иран сепак да попушти во атомскиот конфликт.
Ова е прва посета на Анан на Иран по 2002-ра година. Во ноември минатата година генералниот секретар на светската организација ја откажа предвидената посета по изјавите на Ахмадинеџад дека „Израел треда да исчезне од картата на светот“.
Анан претходно беше во сирискиот главен град Дамаск. Од посетата обете страни си прибележаа поени. Кофи Анан го рече она, што сириското раководство радо го сака, но ретко го слуша: Сирија е важна регионална сила и светот има интерес земјата да игра конструктивна улога во оваа сериозна фаза за Блискиот исток. Успех за Анан, пак, беа ветувањата што ги доби: „Претседателот Асад ме уверуваше дека Сирија ќе ги преземе сите неопходни мерки за спроведување на член 15 од резолуцијата 1701. Тој член се однесува на ембаргото за оружје и повторното вооружување на Хезболах“.
Сирија ветила дека ќе воспостави механизми за врска со либанската армија и пограничната полиција, како и со меѓународните сили, и ќе им даде техничка поддршка на Либанците за воспоставување ефикасна контрола на границата. Така, обете страни биле согласни дека сини шлемови нема да бидат стационирани на сириско-либанската граница, што го бараше Израел. Сирија постојано негира, но не е тајна дека заедно со Иран е главен поддржувач на борците на Хезболах.
Портпаролот на Анан за разговорите зборуваше како за шанса за мир кој ги вклучува сите аспекти - и сириските територии окупирани од Израел. Асад го поддржал повикот на Анан за ослободување на сите заробеници: либански борци, израелски војници, како и 14-мина Сиријци кои се наоѓаат во израелски затвор.