1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Анан: Не успеавме во Сирија

АТ/ афп/ дв8 јули 2012

Специјалниот пратеник на ОН и на Арапската лига за Сирија, Кофи Анан, признава дека меѓународната мисија во Сирија е неуспешна. Тој сака во решавањето на конфликтот да го вклучи и Иран, но на тоа се противат САД.

https://p.dw.com/p/15TYL
Фотографија: Reuters

Специјалниот пратеник за Сирија на Обединетите Нации и Арапската лига Кофи Анан официјално проговори за неуспех на меѓународната заедница во Сирија: „Јасно може да се препознае дека не бевме успешни“, изјави Анан за францускиот весник „Ле Монд“.

Истовремено тој се заложи долгогодишниот сојузник на Сирија, Иран, да биде вклучен во напорите за враќање на мирот. Каква улога притоа би требало да преземе владата во Техеран, Анан не прецизираше. Но досега пред се’ САД одбиваат учество на Иран на конференциите за Сирија.

„Да не се критикува само Русија“

Анан забележува дека критиката на меѓународната заедница не смее да биде насочена само против Русија, која досега стоеше на страната на режимот во Дамаск и заедно со Кина со вето во Советот за безбедност спречи да биде донесена остра резолуција на ОН против Сирија. Тој укажа дека и други држави со нивната поддршка на двете страни го влошуваат конфликтот. „Малку се зборува за другите земји, кои испраќаат оружје и пари и ја влошуваат ситуацијата во земјата“, изјави дипломатот на ОН без конкретно да наведе имиња на земји.

На последната средба за Сирија во Женева Анан упати апел до влијателните земји во светот „конечно да бидат корисни“. Тој се пожали дека многу големи сили не одговараат на нивната историска одговорност и толерираат продолжување на крвопролевањето на цивилното население.