1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ангела Меркел - како стана тоа што е

Фолкер Вагенер/ Жана Ацеска9 септември 2013

Таа нема шанси да постигне нешто во политиката, беа уверени многумина: бледо лице, фризура надвор од трендот и невпечатлива облека. Ангела Меркел во меѓувреме третпат е кандидат за германска канцеларка.

https://p.dw.com/p/19dWk
Фотографија: picture-alliance/dpa

Не може да се каже дека Ангела Меркел владее во мирни времиња. Во јуни во Санкт Петербург само што не падна во политичка заседа. Рускиот претседател Владимир Путин, спротивно на договорот, при отворањето на изложба со уметнички дела однесени од Германија за време на Втората светска војна, сакаше да и‘ го одземе правото на обраќање. Тоа беше скандал. Ангела Меркел се закани со скратување на посетата на Русија и го матираше Путин. Победа и потврда на способноста на Ангела Меркел за игра со висок влог.

Рецепт на успехот: молчење и посматрање, дури подоцна преземање акција

Таа покажа сосем други квалитети во врска со скандалот со шпионирање од страна на американската Агенција за национална безбедност, НСА. За канцеларката тоа е катастрофа, како надворешно-политички, така и на внатрешнополитички план. Токму најблискиот сојузник, САД, ги шпионира своите германски пријатели. А притоа, германската тајна служба БНД сесрдно помага. Меркел прво молчи, потоа го изразува незадоволството преку портпаролот.

„На овие контроверзни теми таа им ја одзема тензичноста“, смета историчарот Едгар Волфрум. Таа исчекува, а потоа се приклучува кон мислењето на мнозинството. Тоа е политичка способност која подеднакво донесува почитување и презир.

Merkel Barroso und Hollande in Berlin am 18.03.2013
Ангела Меркел го одредува правецот во ЕУ - со францускиот претседател Франсоа Оланд и Жозе Мануел Барозо, претседател на ЕКФотографија: Reuters

Нејзината вистинска цврстина Меркел ја демонстрира на европската бина. Од 2008 година канцеларката ја има улогата на кризна менаџерка. Со оглед на презадолжееноста на Грција, таа се обидува да го спаси еврото. За неа во Атина нема убави зборови, не ја сакаат многу всушност ни во цела Југоисточна Европа. Но, во светот преовладува согласност со нејзината политика на спасување на еврото.

Космосот на Меркел: бројки и факти

За да се разбере како Меркел стана тоа што е, треба да се познаваат нејзините корени. Веројатно ни еден политичар во повоената германска историја по 1945.година не бил толку потценуван колку оваа ќерка на евангелистички свештеник од источногерманската провинција. На почетокот, на првите настапи, покрај непривлечната надворешност, имаше уште еден минус- и‘ недостигаше и програма. Таа не е мисионерка, туку прагматичар.

„Се рабира, Ангела Меркел не е никаков идеолог“, вели новинарката Жаклин Бојсен, биограф на сегашната канцеларка уште пред Меркел да ја преземе таа функција.

„Таа е слободна во носењето одлуки само врз основа на бројки, податоци и факти“. Ако постојат разумни причини и аргументи за донесување одредена одлука, „таа великодушно ги надвладува идеолошките и програмските огради на сопствената партија“, истакнува Бојсен.

Deutschland Bundestag Bundeskanzler Helmut Kohl und Angela Merkel 2000
Поранешниот канцелар Хелмут Кол и „неговото девојче“ Меркел, 2000. годинаФотографија: picture-alliance/dpa

За Меркел, прагматизмот е над се‘. Освен тоа, таа може да ги ревидира старите позиции. По несреќата во јапонската нуклеарка Фукушима, од некогашен заговорник за атомска енергија, таа стана поборник за нејзино напуштање. Тоа не и‘ наштети, напротив: некогашното „девојче на Кол“, штитеничката на поранешниот канцелар, одамна се еманципираше во „мајка на нацијата“. Накратко: таа ја држи партијата и владата цврсто во рацете. За тоа има и причини.

Претпазливост во однесувањето со другите

На пример, безгрижното детство и младоста на Ангела Меркел во земјата на работниците и селаните. Меркел во Германската Демократска Република не била опозиционер. Таа доживеала пар непријатности, но социјалистичката држава не и‘ задала рани како на бројните дисиденти, вели Жаклин Бојсен.

„Над моето детство не висеше никаква сенка“, изјави еднаш Меркел. Сепак, таа рано научила да биде претпазлива во однесувањето кон другите. Таа била „вешта“ граѓанка на ГДР, ни премногу опортунист, ни преголем инаетчија.

Ангела Меркел знае да слуша. Соработниците од времето кога била млада возрасна личност ја истакнуваат нејзината комуникативност. Сопартиецот Курт Лаук сепак имал проблеми со моќта за брзо разбирање на својата партиска шефица.

„Таа жена слуша, прима, разбира, а исходот сепак останува несигурен, зашто повратната информација не е секогаш јасна.“ Лаук претседава со Економскиот совет на Христијанско-демократската унија и со тоа е претставник на најсилното партиско крило. Тој следи конкретни интереси, на кои Меркел не може да им излезе во пресрет без да има обзири и кон останатите струења во партијата.

Deutschland Angela Merkel besucht Fischer in Lobbe Wahlkampf 1990 Fischerhütte
Изборна кампања во 2000. година, Меркел во посета на рибарите од Источно МореФотографија: ullstein bild/Ebner

Брзо воочување на проблемот, донесување одлука подоцна, тоа е уште една од карактеристиките на системот на Меркел.

„Јас сигурно не сум некој кој донесува одлуки ад-хок“, вели Меркел самата за себе.

„Јас ги посматрам процесите во нивниот целокупен тек и кај бројните одлуки се прашувам како тоа ќе заврши“. Тука Меркел се покажува како сталожен научник.

Кариера

Меркел доцна влезе во политиката, повеќе случајно отколку планирано. Како заменик портпарол на последниот премиер на ГДР, Лотар де Мезие, на тогаш 35-годишната Меркел и‘ се пружила шанса за примена на своите организаторски и комуникациски способности. Кратко претходно станала членка на ЦДУ.Таа дотогаш била трудољубива, а оттогаш станала и амбициозна

Flash-Galerie Angela Merkel 1992 Bundesministerin für Frauen und Jugend
Во раните 1990-те: Меркел како министерка за жени и младиФотографија: picture alliance / dpa

За време на владата на Хелмут Кол во 1994. година стана министерка за екологија и безбедност на атомските централи. Важен и вистински сектор за дипломираната физичарка. Во врска со и денес спорното прашање, за односот кон радиоактивниот атомски отпад, Меркел покажа бескомпромисност: атомската енергија за неа е без алтернатива и над неа може да се има контрола, се‘ до нуклеарната катастрофа во Фукушима.

Кога во 1998 година Хелмут Кол ги загуби изборите, ЦДУ се најде во шок-состојба. Но, не и Ангела Меркел. Таа ја виде шансата за зацврстување на својата позиција во ерата по Кол. Волфганг Шојбле, новиот претседател на Унијата, ја назначи за генерален секретар на партијата.

„Битно е за нас да се пишува“, гласеше тогаш мотото на новата функција. По скандалот со илегалните доброволни прилози на партијата, во чиј центар беа Кол и Шојбле, Меркел го започнува моралното уривање на бившиот канцелар.

Прва германска канцеларка

Во април 2000. година Ангела Меркел беше избрана за нов лидер на ЦДУ. На изборите за Бундестагот во 2005. година таа беше кандидат за канцелар на својата партија. Возможна беше само голема коалиција, но Меркел стана канцеларка!

CDU/CSU stellen ihr Wahlprogramm in Berlin vor
На пат кон третиот мандат?Фотографија: AFP/Getty Images

Меркел ја води ЦДУ веќе 13 години, канцеларка е веќе 8 години, сите соперници и противници во рамките на партијата ги пушти да се истрчаат и да извисат. Секогаш успева да дејствува тивко, ги пушта мажите да дивеат.

Меркел докажа дека знае да води. Но, накаде? Тоа се прашуваат многумина во ЦДУ. Партијата страда од губење на профилот, гласи едно од обвинувањата во сопствените редови. Во секој случај, Меркел не ја сметаат душата на оваа христијанско-конзервативна партија.