1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ангела Меркел - комплексна личност

Штефан Деге / превод: НД23 септември 2016

Сѐ што отсекогаш сте сакале да знаете за германската канцеларка Ангела Меркел е содржано во новата книга објавена во Германија „Лексикон Меркел - канцеларката од А до Ш“.

https://p.dw.com/p/1K6UG
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

Книгата нуди одговори на прашања од приватниот и политичкиот живот на канцеларката: Дали Меркел пие алкохол? Дали се лути? Како изгледа нејзината политика за бегалците? Од каде потекнува фразата „Ќе успееме“?

Книгата има 447 страници и е направена во форма на лексикон, со статии кои ретко се протегаат на повеќе од една страница, а се поткрепени со 1.200 извори. Ова е уникатен подвиг на германскиот новинар Андреас Ринке, академски историчар кој ја следи канцеларката 16 години, а кој работел и како главен политички известувач од Берлин за новинската агенција Ројтерс.

Штефан Деге разговараше со Ринке за тоа што сè авторот на книгата открил за Ангела Меркел.

ДВ: Германската канцеларка Ангела Меркел стана доста популарна за време на вршењето на нејзината функција. Зошто, тогаш, на светот му е потребна оваа книга, токму сега?

Адреас Ринке: На светот му е потребна оваа книга, бидејќи нуди целосно различен пристап при објаснувањето на еден политичар и неговата личност, како што е Меркел. Затоа решив книгата да ја пишувам во форма на лексикон, а не како биографија, бидејќи такви има многу. Како што се покажа минатата година, има многу луѓе кои сѐ уште се обидуваат да откријат што ја мотивира оваа жена и зошто се однесува на тој начин. Тоа стана повеќе забележливо во контекст на мигрантската криза

Што мислите, што ја мотивира Меркел?

Ако ја погледнеме бегалската криза, тогаш би имало две или три движечки сили кои ја одредуваат нејзината позиција. Една е желбата да се одржи Европа заедно. Секој човек може за себе да одлучи дали тоа беше или не беше добар потег, но во секој случај беше мотивот кој ја поттикна Меркел да одлучи да не ги затвори границите. Таа сметаше дека доколку најважната и централна земја во ЕУ ги затвори своите граници, тоа ќе предизвика домино ефект низ цела Европа.

Autor Andreas Rinke
Андреас Ринке, автор на книгата „Лексикон Меркел - канцеларката од А до Ш“Фотографија: Klampen Verlag

Христијанските вредности кои се плод на нејзиното воспитување како дете исто така се покажаа како движечка сила. Меѓу тие верувања е свесноста дека треба да се помага на другите. Тоа е нешто што таа веќе го покажа - и тоа доста рано во нејзината политичка кариера, кога во 1990-тите на прифаќањето на бегалците од војните во поранешна Југославија се осврна како на хуманитарна одговорност. Денес, како и тогаш, таа вели дека иако помошта е само привремена, побогатите земји како Германија и ЕУ како целина треба да бидат подготвени да понудат помош.

Конечно, тука е дефинитивно и нејзиното искуство од источна Германија. Чувството дека по обединувањето западна Германија ѝ помогна на земјата и чувството дека границите и двоењето на луѓето со ѕидови нема да ги спречи да одат таму каде што сакаат да бидат.

Во вашата книга „Лексикон Меркел - канцеларката од А до Ш“, почнувате со буквата А за Абшотунг (изолација) и преку целата азбука стигнувате до Ц за Цајт (време). Кој од повеќето од 300 зборови во книгата сметате дека ја карактеризира Меркел најдобро?

Тешко е да се каже. На крајот не станува збор за одделните статии, туку за комбинацијата од повеќе од 300 зборови и поврзани статии – што е причината зошто и книгата е во ваков формат. Како надворешен набљудувач и новинар целосно не можам да ја опишам личноста. Ние само набљудуваме и тоа од релативна дистанца. Идејата со оваа книга беше да се соберат што е можно повеќе од индивидуалните аспекти на едно место - со цел да се создаде вкупна претстава.

Она што ме фасцинираше е тоа што за време на 11 годишното извршување на функцијата, на канцеларката ѝ се припишуваа различни начини на однесување, делумно и контрадикторни, што некогаш се поздравува, а некогаш се критикува. Од една страна е сликата за неа како туркач, или за личност која не носи добри одлуки, но од друга страна таа се смета за неколеблива и лојална на своите принципи.

Тоа е сликата која за неа се создаде во последната година како последица на бегалската криза. За мене, привлечно во овој проект беше да стане јасно дека во Меркел можат да се најдат сите овие елементи во различни политички сфери. Сѐ зависи од тоа кој ѝ е коалиционен партнер и каква е политичката ситуација во светот и Европа. Европскиот аспект беше доста одлучувачки за време на нејзиното 11 годишно владеење.

Неодамна најпребаруваниот термин за канцеларката беше „Која е Ангела Меркел“? Како би го одговориле ова прашање?

(се смее) Одговорот на тоа прашање се обидов да го дадам во 400-те страници во книгата. Ангела Меркел е многу комплексна политичарка, која се состои од многу одделни аспекти, која има силен стремеж кон управување и моќ и за која исто како и за нејзиниот претходник (канцеларот Шредер, н.з.) не е контрадикторно да се имаат принципи, да се настапува хуманитарно и истовремено да се стреми кон власт. Само власта дава шанса нешто да се промени согласно сопствените погледи.