1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ангелика Беер оптимист за Македонија

Нада Штајнман7 декември 2005

Европарламентарката Ангелика Беер во интервју за Дојче Веле меѓу другото изјави, оти смета дека Грција ќе ја поддржи Македонија на патот кон ЕУ. Со Беер разговараше Нада Штајнман

https://p.dw.com/p/AcAi
Ангелика Беер
Ангелика БеерФотографија: AP

Госпоѓо Беер деновиве престојувавте во Македонија и македонските новинари ги поздравивте со зборовите Добредојдовте во ЕУ. Дали сте оптимистички расположени и дали очекувате позитивен одговор за Македонија од самитот на ЕУ во декември.

Најпрвин сме за тоа да се даде јасен одговор. Позитивен одговор од Советот, исто така позитивен како што препорача Оли Рен од страна на Комисијата. Како второ, ние ја поддржуваме Македонија на тој пат и во спроведувањето на реформите, и поради тоа реков дека јас се надевам дека на 15 декември ќе можеме да кажеме Добредојдовте кон наредниот чекор во правец на Европа. Се друго би било политички погрешна одлука со далекусежни негативни последици за целиот Западен Балкан.

Во моментов ЕУ има проблеми во врска со финансиското планирање. Дали тоа може да влијае врз одлуката во декември во врска со кандидатурата на Македонија?

Опасноста, дека тоа би можело да се одрази не е само во врска со финансиската ситуација во ЕУ, туку е сосема очигледно дека Европската унија западна во криза, пред се и поради тоа што барем засега изгласувањето на уставот пропадна. Ние ќе се обидеме уште еднаш, но секако би било погрешно поради внатрешните проблеми во ЕУ да им се отежни ситуацијата на оние земји кои направија голем напредок во развојот, на пример во Македонија со спроведувањето на Охридскиот договор. Би било погрешно тие за тоа да ја платат цената. Тоа би било политички неодговорно и поради тоа ние јасно велиме: Македонија е позитивен пример, а јас тоа можам уште поубаво да го кажам: Македонија успеа да изгласа нов устав, Европа не, и со оглед на тоа е збогатување за Европа, ако Македонија се доближи до другите и го добие статусот кандидат.

Неодамна премиерот на Македонија Владо Бучковски, рече дека Македонија нема време да прави грешки, но ситуацијата на земјата, а пред се нерешеното прашање за Косово остануваат тест на патот на земјите од Западниот Балкан кон Европа. Каква улога игра безбедносно – политичката ситуација на Македонија во донесувањето на одлуките на ЕУ?

Ми се чини дека надворешната политика на Македонија во врска со Косово се прилично разумни. Во меѓувреме е објавен и извештајот на Кај Аиде, во кој тој објаснува дека се уште нерешеното прашање за границата, треба да биде решено пред решавањето на статусот на Косово. Мислам дека задача на ЕУ и на меѓународната заедница е во преговорите за статусот на Косово, што ќе почнат во јануари, да се погрижат за тоа да се изнајде решение со Србија што ќе биде прифатливо за сите делови на Западниот Балкан, решение што би донело поголема безбедност.

Вака погледнато дали можеме да говориме за тоа дека сепак се размислува, дека земјите на Западниот Балкан би требало да се подготват на колективно чекање, што се однесува до зачленувањето во ЕУ?

Не, се работи за различни брзини. На пример, Хрватска веќе е во преговори, а Македонија ги исполни условите што ги постави Европската унија за добивање на кандидатскиот статус. Македонија ќе мора да работи и понатаму врз спроведување на реформите исто како и другите региони. Прашањето на брзина е работа на политиката на самите држави, а не е задача на Европската унија, ако Македонија продолжи со ваквото брзо темпо да ги спорведува реформите пред се во правосудството и полицијата тогаш Македонија сама ќе одлучи, а не другите.

Вие сте добар познавач на приликите во Македонија, а сега и актуелно ја знаете ситуацијата затоа што штотуку се вративте од државата. Го фалите напредокот во оваа држава но сепак таму претстојат реформи во уставот, промените во изборното право, а и ситуацијата во економијата не е розова. Очекувате ли дека ваквата ситуација би можела преку ноќ да се промени?

Не, тоа нема да се промени преку ноќ. Јас не спаѓам меѓу оние кои сакаат да ја прикажат поубава ситуацијата во Македонија и се однесуваат така како таму да нема ништо негативно. Но верувам дека во врска со ова решавачко прашање на 15 декември треба да се хонорираат спроведените реформи што не се само заслуга на владата, туку на самото население. Ние сега треба да дадеме знак дека ќе ја наградиме готовноста на реформи на тој начин што ќе се додели стаусот на кандидат. Тоа ќе биде охрабрување не само за Македонија, туку и за другите држави на Западниот Балкан.

Деновиве на конференцијата на фондацијата Конрад Аденауер заедно со фондацијата „Константин Караманлис„ за демократија од Атина претставникот на Грција рече дека неговата земја е подготвена државите на Западниот Балкан да ги врати во Европа. Како ги оценувате односите меѓу Македонија и Грција во моментов и дали Грција ќе има нешто против Македонија уште повеќе да се доближи до ЕУ?

Не, Грција нагласи, а тоа впрочем беше случај последните две дена овде во Брисел во парламентот, дека посакува Македонија што побргу да стане членка во ЕУ. Ова прашање не треба да се доведува во врска со спорот околу името меѓу двете земји, тоа е билатерален спор што нема да влијае. Тоа стана сосема јасно овде во Брисел во врска со прашањето како Грција ќе се однесува на 15 декември. Грција го поддржува патот на Македонија кон Европската заедница.

И покрај сите симпатии населението во Македонија сепак со недоверба гледа кон Европската унија и кон чекорите на владата во правец кон заедницата. Во Македонија има многу скандали во врска со корупцијата, дали тука нешто се подобри?

Извештајот на комесарот за проширување Оли Рен, јасно констатира подобрување, што се однесува до прашањето за корупцијата. Тој не рече дека е се во најдобар ред. Ми се чини дека таквиот став е во ред, но јас не сакам да се мешам во внатрешно политички проблеми во Македонија. Она што го гледам е дека во Македонија владее расположение што е во знак на надеж и очекување. Луѓето очекуваат дека на 15 декември ќе се даде зелено светло, а тоа е причина повеќе да се изврши притисок врз Европскиот совет, така што сите 25 нации на 15 декември да кажат ДА.

Многу млади луѓе во Македонија имаат високо образование и со своето добро образование заминуваат за Европа, затоа што земјата одвај што може да им помогне или да им понуди на економски план. Дали во ЕУ се планира на Македонија да и се помогне да се стабилизира нејзиното стопанство?

Погледнете, ЕУ не може да замавне со волшебно стапче, со што веднаш ќе се подобри ситуацијата во Македонија. Ние во Европа во рамките на глобализацијата имаме економски проблеми во многу земји. Во Македонија секако дека ситуацијата е екстремна, пред се што се однесува до невработеноста. Постојат различни мерки за поддршка, за да се подржи Македонија да би се стабилизирало нејзиното стопанство. Што се однеусува до младите луѓе, се води дискусија, а за тоа постои голема согласност во европскиот парламент за тоа дека сакаме да ги олесниме условите за давање визи. Значи не да ја присилуваме младината да ја напушта земјата, туку токму што се однесува до студенти, ученици и почетници во работиот живот, да овозможиме размена на студенти и ученици меѓу Македонија и Европа. Тоа сигурно ќе ја подобри ситуацијата.

Европската агенција за обнова и развој, веројатно како што се најавува ќе биде распуштена. Што се крие зад тоа?

За тоа ќе се решава допрва, меѓутоа едно е јасно дека Македонија ако одлуката во декември биде позитивна, ќе добие поинаков статус. Тоа значи дека старите мерки за унапредување на државата, како на пример за обнова и развој, во тој случај би биле завршени, а ќе се спроведат нови мерки што во секој случај значи предност за Македонија.

Доколку одговорот за Македонија биде позитивен во декември што потоа ја очекува државата ?

Во суштина нема многу што да се промени. Македонија ќе го доживее она што го доживеаја другите држави кандидати. Ќе се зголеми вниманието врз она што се случува во земјата. Ќе се внимава повеќе да се исполнуваат демократските стандарди, правата на малцинствата. Но ќе се гледа и на тоа како се одржуваат изборите, дали тоа се одвива според меѓународни норми. Тоа значи дека Македонија ќе потпадне под позитивно но покритично посматрање, затоа што европската заедница е подготвена да помогне, но од друга страна очекува реформите да се унапредат. Во тој случај не смее да има пауза или застој.

Патот на Македонија до Европа беше условен и од подобрување на меѓуетничките односи. Засега може да се констатира подобрување на односите меѓу различните етникуми во Македонија. Како вие ги оценувате односите меѓу македонското мнозинство и албанското малцинство?

Како Европејка јас не мислам во категориите на етнички малцинства или мнозинства. Постои Македонија и македонски државјанин и сите мерки што досега беа спроведени и во врска со јазикот се позитивни. Можам да замислам Македонци да учат албански, но ние се дистанцираме од размислиувања во етнички категории и се надевам дека Македонија може да го надмине таквиот јаз.

И уште едно актуелно прашање во врска со аферата на ЦИА во Европа во која на извесен начин и Македонија е вовлечена. Како според ваше мислење можеше да се случи вакви нешто во Европа?

Застрашувачко е тоа што по нападите во Њујорк на 11 септември со образложение дека се води меѓународна борба против тероризмот, очигледно е направен прекршок против повелбата за човекови права, но и против договорите во рамките на НАТО. Посетата на Кондолиза Рајс денеска на Германија јасно покажува дека не е подготвена да придонесе за разрешување на случајот, а тоа ќе има за последица ние во Европскиот парламент во понеделник ќе решаваме дали ќе воведеме истражен одбор, а сите кои се подгодени, независно од тоа дали од тајните служби или замешани во киднапирањата и прелетувањата, ние ќе се обидеме како неутрална инстанца да добиеме што повеќе информации, а јас и од Македонија си посакувам да соработува во целосна транспарентност.