1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Андреј Карлов ги презеде сириските гревови на Русија

Иван Преображенски
22 декември 2016

Убиството на рускиот амбасадор во Турција го предизвика спротивното од она што убиецот го посакуваше. Имено, атентатот ќе доведе до зајакнување на односите меѓу Русија и Турција, смета политикологот Иван Преображенски.

https://p.dw.com/p/2Uj0Y
Russland Trauerakt für den getöteten Diplomaten Andrej Karlow in Moskau
Фотографија: Reuters/M. Shemetov

Турција е подготвена да соработува со Русија во истрагата на убиството на рускиот амбасадор Андреј Карлов. Конфликт меѓу двете земји поради овој терористички напад - нема да има. Смртта на рускиот дипломат нема да ја олесни ниту состојбата на сириските бегалци од Алепо. Па дури и може да ја влоши: како што ми кажа еден познат дипломат, имено, покојниот Карлов ја координирал организацијата на хуманитарните коридори за излез на цивилите од завојуваниот сириски град. 

Нов удар в грб?

Последен пат руски (или поточно советски) дипломат на тоа ниво беше убиен во Варшава пред речиси 90 години. Тоа не беше само обичен службеник во Народниот комесаријат за надворешни работи, туку советскиот амбасадор во Република Полска, Петр Војков, кој се смета за соучесник во убиството на семејството на царот Николај Втори. Не е изненадувачки што по смртта на Андреј Карлов се потсетивме на тоа, како и на убиството на австрискиот надвојвода Франц Фердинанд во Сараево, кое доведе до Првата светска војна.

Првобитните стравувања дека злосторството во Анкара може да доведе до нов раздор во односите со Турција, па дури и воен конфликт на територијата на Сирија, исчезна речиси веднаш. Турците се согласија да спроведат заедничка истрага, претседателот Реџеп Таип Ердоган телефонираше со Владимир Путин, а министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу не ја откажа планираната посета на Москва.

Preobrazhensky Ivan Kommentarbild App
Иван Преображенски

Кремљ овојпат не кажа ни збор за нов „удар в грб“. Руските медиуми дури и ја цитираа пригодната верзија на Ердоган дека убиството на рускиот амбасадор можеби било организирано од агенти на проповедникот и политичкиот водач Фетула Ѓулен.

Поради тоа, логично продолжение на приказната нема да биде нов конфликт, туку драматичното ново зближување меѓу Москва и Анкара, вклучително и евентуална поделба на Сирија на зони на влијанија. Во ситуација како сегашната Западот е принуден едноставно да ги затвори очите.

Меѓународни реакции

Веднаш по убиството на амбасадорот Карлов беше изразено сочувство на семејството на починатиот руски дипломат. Имено, тоа е вообичаената практика на лидерите на странски земји. Реакцијата беше едногласна - ова е терористички чин, а не форма на граѓански отпор. И извиците на турскиот убиец-полицаец дека тоа е „одмазда за Алепо“, и „одмазда за Сирија“, никого нема да го убедат во спротивното.

Згора на тоа, убиството на дипломат е кршење на Виенската конвенција. Сето тоа само ја зајакнува позицијата на Русија како земја, која сега неизбежно се смета за жртва. Всушност, починатиот дипломат ги презеде сите гревови за кои Русија ја обвинуваа во последниве неколку месеци. Смртта на Карлов, конечно, им ги „затвори устите“ на критичарите на руската политика во Сирија, ми рече од срце еден руски дипломат. И веројатно ќе се покаже дека е во право.

Türkei Anschlag auf russischen Botschafter
Фотографија: picture alliance/dpa/O. Ozbilici

Пред неколку дена западните лидери, вклучувајќи ги и претседателот на САД, Барак Обама, и канцеларката на Германија, Ангела Меркел, зборуваа за злосторствата на Русија во Сирија и ѝ префрлаа одговорност за хуманитарна криза. По инцидентот во Анкара, во знак на солидарност со Русија, западната политика во блиска иднина, најверојатно, ќе се однесува многу повоздржано.

Дотолку повеќе што брзо по убиството на Карлов беа испукани истрели пред американската амбасада во Анкара. Како резултат на тоа, Стејт департментот одлучи да ја суспендира работата на дипломатската мисија во Турција.

Морална предност на Москва

Така изгледа дека краткорочно Москва стекнува огромна морална предност. Можно беше да се замерува на тоа и она што се случи да се нарекува „крвав ПиАр“, доколку убиството на Карлов не се случеше во ист ден со крвавиот терористички напад во Берлин. Се разбира, долгорочно психолошко и политичко влијание од смртта на рускиот дипломат не може да се очекува, зашто критките кон Русија и Башар ал-Асад нема да престанат. Само што за Западот ќе биде потешко да ги практикува по таков терористички напад. И Кремљ сигурно ќе ја искористи оваа предност, со проширување на своите воени успеси во сириската кампања.