Анкета - авторитарната природа на електоратот го билда рејтингот на Заев

За првпат по повеќе од една деценија една анкета покажа поголема популарност на СДСМ и на нејзиниот водечки политичар Заев од онаа на ВМРО-ДПМНЕ и екс-премиерот Груевски. Експертите очекуваат трендот да продолжи.

Владејачката СДСМ има повисок рејтинг од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, покажуваат резултатите од анкетата на агенцијата Брима. По речиси 11 годишен константен повисок рејтинг на ВМРО-ДПМНЕ до промената доаѓа само неколку недели по преземањето на власта од страна на социјалдемократите и устоличувањето на Зоран Заев на премиерската функција. Доверба во СДСМ искажале 22,4 проценти од испитаниците, пред ВМРО-ДПМНЕ, која добила поддршка од 19,8 отсто од анкетираните граѓани.
И во втората категорија која ја мери популарноста на водечките политичари, лидерот на СДСМ и премиер, Зоран Заев му го презема приматот на ривалот Никола Груевски. Доверба во Заев имаат 17,7 проценти од испитаниците, а во Груевски - 13 проценти.

За аналитичарот Петар Арсовски, наглата промена во расположението на граѓаните не е изненадување по изборот на новата влада.

„Секогаш секоја власт после добивање избори добива поттик кој се должи на авторитарната структура и природа на електоратот“, вели Арсовски за ДВ.

Арсовски: авторитарниот карактер и клиентелизмот на електоратот имаат влијание врз анкетите

Индикативно во таа насока е што истражувањето на Брима е спроведена во периодот од 2 до 12 јуни, практично во деновите веднаш по изборот на новата влада на 1 јуни.

„Во таа смисла треба да се очекува дека СДСМ сега ќе добива рејтинг од самиот факт што е на власт и што луѓето очекуваат повеќе од нив. Тоа освен со авторитарноста има врска и со клиентелизмот, а тоа се две најглавни одлики на македонскиот електорат“, објаснува Арсовски.

Според расположението на испитаниците на Брима, трета по доверба и најсилна политичка партија во албанскиот етнички кампус останува ДУИ со 7,3 проценти, пред Беса и Алијансата на Албанците кои имаат идентичен рејтинг од 4,3 отсто. Али Ахмети останува најпопуларен политичар кај Албанците со доверба од 23,8 отсто од испитаниците, пред Зијадин Села за кој се определиле 15,9 проценти, а за Билал Касами 13,9 отсто.

Now live
01:16 минути
Сите содржини | 01.06.2017

Македонија има нова влада

Дилемата, дали ваквата предност на СДСМ може да биде индикатор за очекувањата од локалните избори наесен и евентуална најава за предвремени парламентарни избори, Арсовски ја отфрла со упатување на самите резултати од анкетата. Во нив, ВМРО-ДПМНЕ и натаму е најпопуларна партија меѓу етничките Македонци со доверба од 28,6 отсто, пред СДСМ чија популарност изнесува 27,7 проценти.

„Во анкетата СДСМ губи од ВМРО-ДПМНЕ кај етничките Македонци и таа разлика ја надоместува кај Албанците. На локални избори тоа не значи предност, бидејќи тие, најчесто, се чисто етнички“, вели Арсовски. Тој не очекува дека растот на рејтингот на актуелната владејачка партија би ја навела да оди на предвремени парламентарни избори со цел да го ефектуира тој раст.

Лицата на македонската политика

Ѓорге Иванов- претседател на државата

Иванов е на средината на својот втор мандат. Некогаш почитуваниот професор на Правниот факултет во политиката често е предмет на остри критики, а и самиот е извор на бројни контроверзи. Ќе остане запаметен по амнестијата за сите политичари против кои се водеа постапки, по што избувнаа масовни протести. Во јуни 2016 година, по силен домашен и меѓународен притисок, Иванов ја повлече аболицијата.

Лицата на македонската политика

Христијан Мицкоски- ВМРО-ДПМНЕ

По катастрофалниот пораз на локалните избори, Мицкоски го замени дотогаш неприкосновениот Никола Груевски на чело на ВМРО-ДПМНЕ. Огненото крштевање Мицкоски го имаше на антивладиниот митинг одржан на 2 јуни во Скопје. Оттаму порача дека нема да поддржи промена на Уставот заради промена на името на државата и побара предвремени парламентарни избори заедно со претседателските следната година.

Лицата на македонската политика

Зоран Заев - СДСМ

Скандалот со прислушувањето го издигна Заев во водач на фронтот против власта. Долги години мина во сенка на Бранко Црвенковски во СДСМ, кој го аболираше за „случајот Глобал“, а Заев му се одолжи со времено „греење“ на партиската фотелја. Од 2005 е градоначалник на Струмица, а во мај 2013 беше избран за претседател на СДСМ.На чело на Владата застана во мај 2017 година.

Лицата на македонската политика

Али Ахмети- ДУИ 

Ахмети во 2002 година ја замени воената униформа на ОНА со интегративниот „костум“ во ДУИ. Со исклучок на периодот од 2006 до 2008 година, неговата партија е постојан придружник во сите македонски влади. Ниту скандалот со прислушкувањето не го убеди да ја раскине коалицијата со Груевски. Во меѓувреме. под силен внатрепартиски притисок, го смени ставот.

Лицата на македонската политика

Мендух Тачи - ДПА

Иако формално, тој и неговата партија се во опозиција од 2008 година, прислушуваните разговори и начинот на делување на ДПА укажуваат дека Тачи е во постојан дослух со врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Долги години во сенка на Арбен Џафери, по неговата смрт во 2012 целосно ја презеде партијата. Од медиумите и опозициските политичари во земјата ја доби титулата „војвода“ поради наводната блискост со ВМРО-ДПМНЕ.

Лицата на македонската политика

Здравко Савески- Левица

Докторот на политички науки веќе со години е активен во политиката, не само како член на Президиумот на Левица, туку и како синдикалец и активист за човекови и социјални права. Во политичкото „СиВи“ запишано му е и едно апсење и повеќемесечен домашен притвор под обвинение за учество во толпа. Неговата партија- Левица остана надвор од парламентот.

Лицата на македонската политика

Андреј Жерновски- ЛДП

Иако формално ја напушти лидерската позицијата во Либерал-демократската партија за да им се посвети на општинските задачи, се очекува градоначалникот на скопската општина Центар високо да котира на опозициските листи на парламентарните избори. Со победата во Центар, на изборите кои беа повеќе пати повторувани, доби шанса да стане симбол на движењето против власта.

Лицата на македонската политика

Африм Гаши- Беса

Гаши е висок функционер и еден од иницијаторите за формирањето на Беса- партија која претендира да го урне „дуополот“ на ДУИ и ДПА кај албанската етничка заедница. Партискиот лидер Билал Касими веќе најави дека целта на партијата е да стане водечка кај Албанците, но и да иницира промена на Уставот за редефинирање на државата. Тој ги отфрла шпекулациите дека Беса се финансира од Турција. 

Лицата на македонската политика

Љубчо Георгиевски - ВМРО-НП

Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ на политичката сцена е активен единствено во пресрет на избори. Неговата ВМРО-Народна партија долго соработуваше со опозицијата и беше критична кон власта, но во пресрет на вонредните парламентарни избори одново ја актуелизираше можноста за соработка со некогашните сопартијци од ДПМНЕ. По изборите остана вон парламентот.

Лицата на македонската политика

Ивон Величковски - Либерална партија

Претседателот на Либералната партија се обидува да игра меѓу „два огна“ позиционирајќи ја својата партија како алтернатива и на власта и на опозицијата. Остар критичар на власта, но и на пазарењата меѓу четирите водечки партии. Бараше опозициски договор за изолација на ВМРО-ДПМНЕ по изборите, но наиде на молк. На изборите оствари незначителен резултат.

Лицата на македонската политика

Зијадин Села - Движење за реформи во ДПА

Специјалистот по интерна медицина го предводи Движењето за реформи во ДПА откако се одвои од матичната Демократска партија на Албанците и расчисти со некогашниот партиски соработник Мендух Тачи. По изборите стана клучен играч за формирање на ново владино мнозинство. Локалните избори ќе дадат одговор на прашањето дали Села и натаму ќе може да управува со Струга како градоначалник. 

Лицата на македонската политика

Љубе Бошкоски- Обединети за Македонија

По излегувањето од затвор, Бошкоски не е многу активен на политичката сцена. Првите месеци ги мина во изолација, а неговата Обединети за Македонија не се прослави на предвремените избори. По изборите повторно, речиси целосно се повлече и ретко се појавува во јавноста.

Поврзана содржина

Следете нѐ