1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Антиќ со Олимпијакос на европскиот трон

БГ/макфакс14 мај 2012

Голем триумф на грчкиот тим во финалето на најсилното европско кошаркарско натпреварување. Антиќ солиден во победата.

https://p.dw.com/p/14unT
Фотографија: Petr Stojanovski

Кошаркарите на грчкиот Олимпијакос, со неверојатен пресврт, ја совладаа екипата на ЦСКА Москва со 62:61 и по вторпат во историјата на клубот станаа европски шампиони. Капитенот на македонската репрезентација, Перо Антиќ, стана вториот македонски кошаркар кој се искачил на европскиот врв по Петар Наумоски.

ЦСКА играше беспрекорно во првите 27 минути од финалето во Истанбул, кога ја имаше најголемата предност од 53:34, но од тој момент започна пресвртот на Олимпијакос.

Кошаркарите на Душан Ивковиќ последната четвртина ја добија со 22:8, а со кошот на Јоргос Принтезис, постигнат на 0,7 секунди до крајот стигнаа до титулата. Трагичар на натпреварот е искусниот Шушкаускас, кој на 9 секунди до крајот на мечот при резултат 61:60 за ЦСКА промаши две слободни фрлања.

Перо Антиќ во финалето одигра нешто повеќе од 18 минути, во тој период запиша 7 поени, 2 скока и една украдена топка. Папаниколау со 18 поени го предводеше Олимпијакос до победата, Спанулис постигна 15, а херојот на екипата од Пиреја, Принтезис мечот го заврши со 12 поени.

Теодосиќ со 15 поени, 4 скока и 3 асистенции беше најефикасен во поразениот тим, каде двоцифрен ефект имаа уште само Крстиќ -11 поени и Кириленко -12 поени.