1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Апсења по нападот во Измир

Ж.А. /агенции
6 јануари 2017

По терористичкиот напад во турската западна пристанишна метропола Измир, безбедносните сили уапсиле 18 осомничени лица. Властите одговорноста ѝ ја припишуваат на ПКК.

https://p.dw.com/p/2VOva
Türkei Izmir - Beerdigung für die Opfer des Terror Angriffs
Фотографија: picture-alliance/AA/M. Serdar Alakus

Турскиот министер за правда Бекир Боздаг денеска ја обвини забранетата курдска Работничка партија, ПКК, дека стои зад нападот во Измир. „Не постои никаков сомнеж. Сите наши досегашни сознанија упатуваат на тоа дека сепаратистичката терористичка ПКК дала налог за извршување на нападот“, изјави денеска Баздог во Измир.

Во нападот со автомобил-бомба и престрелката пред судската зграда во Измир вчера загинаа еден полицаец и еден судски соработник, а убиени беа и двајца напаѓачи. 

„Идентитетот на терористите - извршители на нападот е познат, но засега нема да го откриеме“, изјави министерот. Седум ранети луѓе и натаму се наоѓаат на лекување во болница, станува збор за тројца адвокати, и по двајца полицајци и цивили.

„Терористичките организации во Турција работат речиси непрекинато, во смени“, изјави Баздог.

Во текот на новогодишната ноќ еден терорист уби 39 гости во локалот „Реина“ во Истанбул. Одговорноста за атентатот ја презеде терористичката милиција Исламска држава. Напаѓачот и натаму е во бегство.

Моментот на нападот во Измир е снимен од камера за видео-надзор, како што се гледа во следното видео: 

Турција тврди-нападот во Измир е дело на ПКК