1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Арапскиот свет мора да се обедини

30 март 2009

Во Доха почна 21. самит на Арапската лига. Растат надежите дека ќе дојде до помирување меѓу арапските фракции, а во процесот на помирување голема улога може да одигра и новата американска администрација.

https://p.dw.com/p/HMps
Тема на самитот ќе биде и налогот за апсење на суданскиот претседател Ал БаширФотографија: AP

„Внатрепалестинскиот спор е многу посериозен и поопасен за нашата праведна кауза, отколку нападите од Израел“, јасно и гласно кажа кралот на Саудиска Арабија, Абдула. Тој, како никој друг, од петни жили се труди да изнајде заеднички арапскиот став, за решително спротивставување на проблемите со кои сега се соочува арапскиот свет. На слично мислење е и генералниот секретар на Арапската лига, Амр Муса. „Положбата на Арапите мора решавачки да се подобри. Веќе ги направивме првите чекори во таа насока, а се надевам дека така и ќе продолжиме се` додека не се вратиме онаму каде што некогаш бевме“, вели Муса и додава: „Сегашната положба е многу опасна. Се наоѓаме во состојба во која мораме да се браниме, да се повлекуваме. Мораме да ги согледаме причините за ваквата дефанзива и да ги отстраниме. Тука не мислам само на палестинското прашање или израелско-арапскиот конфликт“.

Она што Амр Муса сака да го каже е дека има поделби меѓу арапските држави. За време на војната во појасот Газа не се заострија само конфликтите меѓу палестинските фракции, туку и останатиот арапски свет се подели на два табора: земји како Катар и Сирија, кои застанаа на страната на Хамас и земји како Саудиска Арабија и Египет, кои изразија поддршка за претседателот Махмуд Абас.

Gipfel der arabischen Liga in Doha Katar
Сирискиот претседател Башар Асад го отвора самитот на Арапската лигаФотографија: AP

Израел нема да може засекогаш да бира меѓу војна и мир

Самитот на Арапската лига во 2002 година, во Бејрут, беше кулминација на арапското единство: кралот на Саудиска Арабија, Абдула (тогаш се` уште принц-престолонаследник), го претстави својот мировен план. Според него, од Израел се бараше да се повлече од арапските територии, окупирани во 1967 година, и да дозволи формирање палестинска држава. За возврат, арапските држави ќе му понудат на Израел целосно нормализирање на односите. Предлогот го прифатија дури и најтврдокорните Арапи, но не и Израел.

Оттогаш Саудиска Арабија постојано се обидува да го оживее мировниот план, но тој секогаш беше отфрлан од дневниот ред. Ниту идната израелска влада не покажува знаци дека нешто ќе се промени по ова прашање. А, на архитектот на планот, кралот Абдула, трпението полека му попушта: „Израел мора да знае дека нема секогаш да може да избира меѓу војна или мир. Арапскиот мировен план, што сега стои на маса, утре можеби нема веќе да биде таму“.

Американски мост за арапските поделби

Со ваквиот став се согласија шефовите на арапските држави. На средбата во Кувајт, во февруари, почна процесот на помирување. Меѓутоа, прашањето е колку може да трае ова помирување?

Мост меѓу двата арапски табора може да изгради новата американска влада. Колку се помали разликите меѓу САД и Сирија, или меѓу САД и Иран, толку полесно ќе биде приближувањето и на останатите арапски фракции. Во секој случај, на средбата во Катар ќе изостане „големото помирување“. Многу поверојатно е дека ќе се бараат компромиси, можеби во форма на резолуција, со која Иран ниту ќе биде потценет, ни ќе биде осуден, туку ќе се побара да изгради добрососедски односи со арапските држави.

Автор: Естер Сауб / Тосев Трајче

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска